Белоруската полиција упадна во домовите на седум новинари
Белоруските служби за безбедност денеска претресоа куќи на најмалку седум новинари, објавија новинарите и нивните уредници.
Радио Свобода, сервис на белоруското Радио Слободна Европа, на телеграм објави дека полицијата била во куќата на директорот, како и дека ја уапсиле нивната новинарка Инеса Студинска.
Тоа радио ги следеше минатогодишните масовни протести поради реизборот на претседателот на Белорусија Александар Лукашенко.
Претреси се извршени и кај шест новинари на опозицискиот медиум Белсат, наведе редакцијата на социјалните мрежи.
Откако се уапсени десетици новинари и блокирани се две независни новински гласила, сајтот Наша Нива и ТУТ.би, властите оваа недела извршија претреси на околу 15 организации, мешу кои и главните групи за човекови права и уапсија неколку вработени.
Високата комесарка на ОН за човекови права Мичел Бачеле ја осуди „неприфатливата репресија“, додека ЕУ застана против „новиот бран репресија“ чија цел е „замолчување на сите преостанати дисидентски гласови“.
Лукашенко во вторникот побара да бидат „изведени пред лицето на правдата невладини организации“ кои негуваат, според него, „терор“. Тој тоа го рече на состанок во Русија со главниот сојузник, претседателот Владимир Путин.