Балетска магија во МНТ: Македонски таленти и ѕвезди од Париската опера се споија за стартот на 22. Танц фест
Стартот на 22. „Танц фест“, годинава на релација Скопје-Битола, синоќа, на сцената во МНТ, од почеток до крај беше балетска магија што ќе ја паметат и учесниците и публиката. Започна со настап на најдобрите пет финалисти од конкурсот за наградата „Роксан Стојанов“, и заврши со прогласување на победничката на првата награда „Роксан Стојанов“, Виола Имери, ученичка по класичен балет во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје и со славенички златни конфети на сцената и честитки од балерините.

Измеѓу, публиката од сите сфери на живеење, уживаа во фрагменти од 3. чин од „Бајадерка“ – „Кралство на сенките” , на музика на Лео Минкус и во кореографија на М. Петипа, во изведба на балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и врвен настап на ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов, и солистот на Париската опера, Антонио Конфорти. Тие изведоа фрагмент од „Богородичната црква во Париз“ – во кореографија на Роланд Пети и на музика на Морис Жар.

Овој спој на наши млади балетски таленти и балетски ѕвезди ѝ дадоа на гала вечерта, историски тон, како што истакна, синоќа, водителката на настанот Ана Зафировска.

Прво издание на наградата „Роксан Стојанов“
Пред присутните настапија најдобрите пет финалисти од вкупно 13 учесници на конкурсот за наградата „Роксан Стојанов“, кои беа избрани дента – Антонија Атанасоска, Виола Имери, Јана Кепевска, Мила Николова и Теа Серафимов.

Жири-комисијата составена од Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на НОБ, Н. Е. Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот, ги избра најдобрите три учесници на конкурсот за наградата.
Третото место го освои Јана Кепеска, второто Антонија Атанасова, а првото Виола Имери, која доби еднонеделен професионален престој во Париз, под менторство на Роксан Стојанов. Атанасова и Кепеска, пак, добија диплома и стипендија за „Сит кампот“ во Скопје.

Натпреварот е под покровителство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.Натпреварот за наградата „Роксан Стојанов“ е организиран од „Интерарт“ и од Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Амбасадата на РС Македонија во Париз.

Програмата на „Танц фест“, ќе трае до 5 мај, и освен во Скопје, ќе се случува и во Битола.
Роксан Стојанов е исклучителна уметница, со македонско потекло, чија кариера започнала во Скопје, продолжила во Брисел и во Париз, каде во декември 2024, по изведбата на балетот „Пахита“ на сцената на Операта Бастилја, е прогласена за ѕвезда на Париската опера, највисокото уметничко признание на оваа светска реномирана институција. На 21. издание на „Танц фест“, пак, таа ја доби наградата „Менада“ за особен придонес во областа на танцот. (Л.С.)