Азија не е како Европа – го забрзува вакцинирањето со „АстраЗенека“


Многу азиски земји, меѓу кои Австралија, Јужна Кореја и Индија, се потпираат на „АстраЗенека“ во вакцинирањето на нивното население

 

Многу азиски земји го забрзуваат вакцинирањето со „АстраЗенека“ откако беше погодена довербата во нејзината безбедност, по извештаите дека вакцината е поврзана со ретки згрутчувања на крвта во Европа на почетокот на овој месец.

Вакцините на „АстраЗенека“ беа меѓу првите и најевтините против Ковид-19 што беа развиени и лансирани во обем и треба да бидат носител на програмите за вакцинација во поголемиот дел од земјите во развој.

Но, нејзината кратка суспензија предизвика загриженост дека забавувањето на вакцинацијата може да ѝ наштети на глобалната борба против пандемијата.

„Само што ја добив вакцината на ‘АстраЗенека’, нема болка на местото на инјектирање и нема болка во телото“, изјави пред новинарите премиерот на Тајван Су Ценг-чанг додека островот ја започна својата кампања за инокулација во понеделникот.

Премиерот на Тајланд, исто така, стана првата личност во земјата која се инокулира со вакцината „АстраЗенека“, откако нејзиното ширење беше привремено ставено во мирување поради безбедносни проблеми, додека Индонезија започна да ја користи во понеделникот, откако ја суспендираше минатата недела. Но, индонезиската агенција за храна и лекови предупреди да не се користи кај луѓе со нарушувања на коагулацијата на крвта.

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин (68), планира да ја добие дозата во вторник, откако владата соопшти дека може да се користи кај постари луѓе.

Британскиот премиер Борис Џонсон во петокот ја прими својата прва доза на вакцината на „АстраЗенека“, велејќи дека тој „не чувствувал ништо“.

Многу азиски земји силно се потпираат на вакцината на „АстраЗенека“ за да се стави крај на пандемијата, бидејќи таа се користи во програмите за инокулација во Австралија, Јужна Кореја, Филипини, Виетнам, Тајланд и Индија.

Некои земји може да се соочат со проблеми со снабдувањето.

Австралија, која досега инокулираше само 1% од својата популација, исто така ја забрзува вакцинацијата откако фармацевтскиот регулатор на земјата во неделата го одобри локалното производство на вакцината „АстраЗенека“. (Ројтерс)