Австралиски медиуми казнети со 1,1 милион долари поради случајот на кардиналот Пел
Австралија – Австралискиот суд донесе одлука дека дванаесет медиумски компании мора да платат казна од вкупно 1,1 милион австралиски долари за објавување делови од обвинението против поранешниот благајник на Ватикан, Џорџ Пел, за сексуално злоставување деца.
На медиумите им беше забрането да известуваат за судењето и пресудата од 2018 година, за да не влијае на второто судење, кое подоцна беше отфрлено.
Сепак, некои австралиски медиуми пишуваа за случајот, а 12 медиуми и 18 новинари се најдоа на обвинителна клупа на крајот на минатата година.
Судијата на Високиот суд во Викторија, Џон Диксон донесе пресуда со која се утврдува дека медиумите „ја загрозиле наредбата за забрана со минимизирање на нејзиното значење или ефективност со тоа што известувале спротивно на нејзините одредби“.
Пред да биде поништена пресудата против него, Пел помина повеќе од една година во затвор како највисок функционер на Католичката црква затворен под обвинение за сексуално злоставување деца.