Аун: И покрај нападите ќе ги продолжиме преговорите со Израел


Претседателот на Либан, Жозеф Аун денеска изјави дека планира да продолжат преговорите со владата на Израел и покрај ескалацијата на судирите помеѓу Израел и Хезболах.

– Преговорите се посигурни од војната, наведе Аун, додавајќи оти преговорите нема веднаш да дадат резултати.

Тој го обвини Израел дека не го почитува договорот за прекин на огнот од април. Согласно тој договор, Израел треба да се повлече од пет позиции во јужен Либан, што сè уште се под негова контрола.

Изјавата на Аун уследи откако во синоќешните израелски напади врз јужен Либан загинаа осум луѓе, а 19 се повредени.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху утрово најави нови напади врз цели на Хезболах во јужните предградија на Бејрут.

Хезболах возврати со напади врз северниот дел на Израел.

Поради израелските напади во Либан, Иран, како што јави новинската агенција Тасним, ги прекина преговорите со САД и целосно ги блокира Ормуска Теснина и Баб ал Мандеб.

Претходно, шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи на платформата Икс објави дека актуелното примирје помеѓу Иран и САД е недвосмислен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан.

– Кршење на еден фронт е кршење на прекинот на огнот на сите фронтови. САД и Израел ја носат одговорноста за последиците од какво било кршење, наведе Арагчи.

Претставници на Либан и Израел предвидено е утре во Вашингтон да учествуваат на директни преговори за завршување на конфликтот. На преговорите нема да учествуваат претставници на Хезболах.