Археолошкиот музеј со нова стратегија за привлекување млада публика: Разговор со Росана Јанков, пи-ар


Археолошкиот музеј на Република Македонија денес реализираше настан под слоганот „Музејот како живо место“, со јасна цел – преку современи ПР-алатки и соработка со влијателни јавни личности и инфлуенсери, да се доближи културното наследство до пошироката, особено до помладата публика.
Во динамична и креативна атмосфера, присутните имаа можност да се запознаат со дел од највпечатливите артефакти од музејската поставка – од праисториски предмети до антички ремек-дела – и истите да ги доживеат надвор од класичниот музејски контекст. Дополнително, преку интерактивни содржини и уметнички интервенции, гостите активно учествуваа во создавање нови интерпретации на културното наследство.
 
 
За настанот разговаравме со  Росана Јанков, лице за односи со јавноста и маркетинг при Националниот археолошки музеј,  професионалец за односи со јавноста која успешно се етаблираше во светот на комуникациите. Денес, таа е дел од тимот на Археолошкиот музеј и со особено задоволство се враќа во медиумската сфера – област во која има најголеми професионални достигнувања. Нејзиниот придонес е потврден и со престижната PRO.PR награда, која се доделува на поединци што значајно придонеле за развојот на професијата односи со јавноста.
 

Националниот археолошки музеј денес организираше настан кој предизвика голем интерес во јавноста. „Музејот како живо место“ донесе едно сосема поинакво доживување. За што точно станува збор?

Стануваше збор за еден навистина уникатен концепт кој го реализиравме во соработка со ResetExperience и ArtRoom. Идејата зад „Музејот како живо место“ беше да покажеме дека музејските поставки не се само статична историја, туку инспирација која живее и денес. Преку овој настан, буквално го внесовме креативниот процес директно меѓу археолошките експонати, спојувајќи го нашето богато минато со современиот уметнички израз.Настанот претставува дел од пошироката стратегија на музејот за зголемување на видливоста и за привлекување нова публика. Фокусот е ставен на иновативни пристапи, дигитална комуникација и градење мостови со генерациите кои традиционално се помалку присутни во музејските простори.

Ова беше прилично храбар и модерен чекор за една национална институција. Како се роди оваа идеја?

Оваа иницијатива е резултат на континуираните заложби да се модернизира пристапот кон публиката. Целиот концепт е всушност дел од пошироката визија на нашата директорка, Магдалена Манаскова. Нејзините идеи се секогаш насочени кон отворање на институцијата и рушење на стереотипите дека музеите се затворени или ексклузивни само за одредена публика. Дополнително, секогаш се трудиме да примениме и позитивни искуства од странство. На пример, при мојата неодамнешна посета на Милано, имав можност да видам како ваквите концепти се веќе стандард. Големите европски музеи одамна се трансформираа во мултимедијални центри, и тоа е нивото кон кое ние целиме.

Споменавте дека креативниот процес се одвиваше меѓу експонатите. Кој сè учествуваше во создавањето на оваа уметност и како тие реагираа на просторот?

Сакавме да вклучиме луѓе кои креираат јавно мислење и имаат свое влијание во општеството. Затоа, поканивме познати личности од јавниот живот, истакнати имиња од музиката, актерството и уметноста. Со стручна поддршка од ArtRoom, секој од нив имаше задача да избере одреден музејски експонат што најмногу му оставил впечаток и истиот да го пренесе на платно. Беше навистина фасцинантно да се види како различни профили на луѓе ја доживуваат и интерпретираат нашата историја низ сопствената креативна призма.

Дали за време на настанот имаше и некаков едукативен пристап или фокусот беше исклучиво на дружењето и сликањето?

Едукацијата е секогаш во сржта на нашата работа. Настанот официјално го отвори Нина Ред, која е голем поддржувач на иницијативата. Потоа, преку мое обраќање како ПР на Археолошкиот музеј на Македонија, на еден интерактивен и поопуштен начин ги доближивме музејот и неговата приказна до присутните. За време на креативниот процес, се разви одлична, спонтана дискусија со учесниците за нивното доживување на просторот и инспирацијата што ја црпеа од експонатите.

Каква беше атмосферата што ја подготвивте за присутните гости?

Бидејќи понеделник е ден кога музејот е обично затворен за редовни посетители, тоа ни даде флексибилност да креираме ексклузивна атмосфера за нашите поканети гости од јавниот, културниот и дипломатскиот сектор. Во холот подготвивме навистина елегантен амбиент за дружење, надополнет со класична, амбиентална музика на виолина. Иако музејот денеска беше затворен за пошироката јавност, целиот настан беше документиран и емитуван преку социјалните мрежи и медиумите, така што сите имаа можност да бидат дел од оваа успешна приказна.

Овој проект се покажа како одличен вовед за годината пред нас. Што предвидува Годишната програма на музејот и каде ќе биде вашиот фокус во следниот период?

Токму така, овој настан беше само еден сегмент и одличен репрезент на она што го планиравме во Годишната програма. Оваа година, фокусот на музејот е ставен на поголема интеракција со луѓето и привлекување на нови, помлади генерации посетители. Покрај нашата примарна дејност, која е заштитата на културното наследство, капиталните изложби, како и значајните проекти поврзани со локалитетот Скопско Кале кои се веќе во подготовка, програмата предвидува силен акцент на едукативни работилници, гостувачки изложби и иновативни соработки како оваа. Целта ни е Археолошкиот музеј на Република Македонија континуирано да нуди нови содржини, да биде динамичен културен центар и место каде што луѓето ќе сакаат редовно да се враќаат. (Л.С.)