„Антропик“: ВИ е вон контрола, се предлага глобална пауза


Водечката технолошка компанија „Антропик (Anthropic)“ ја предупреди јавноста дека вештачката интелигенција се развива побрзо отколку што луѓето можат да ја следат.

Според проценките на американката ВИ-компанија, постојните ВИ-системи наскоро би можеле да создадат свои, уште понапредни наследници. Стручњаците објаснуваат дека таков напредок би можел да донесе огромни придобивки за медицината и науката. Од друга страна, пак, брзиот, а независен развој на машините драстично го зголемува ризикот луѓето целосно да ја изгубат контролата врз системите, се вели. Затоа, се предлага привремено, но сеопфатно, глобално запирање на развојот на целата ВИ-технологија.

Предлогот за привремена пауза дојде од Институтот „Антропик“, истражувачкиот центар на компанијата основан во март оваа година. За да се спречи најлошото сценарио, „Антропик“ предлага намерно забавување на работата на сите светски лаборатории.

Претставници на компанијата го споредуваат овој процес со историските договори за нуклеарно оружје. Сепак, ваквите договори траеле со десетлетија, а човештвото сега нема толку време. Затоа, наредниве месеци треба да се одржат итни состаноци со политичари и истражувачи од целиот свет.

Сепак, не се сите убедени дека намерите на оваа технолошка компанија се целосно искрени. Угледниот весник „Волстрит журнал (The Wall Street Journal)“ објавува ставови на критичари кои тврдат дека ова е само убаво осмислен маркетиншки трик. Компанијата за ВИ, инаку основана пред пет години, неодамна поднесе барање за „ИПО“ и е на прагот на своето прво профитабилно тримесечје.

Многумина веруваат дека „Антропик“ намерно шири страв за да се појави како најодговорна компанија на пазарот. Како пример се наведува нејзиниот напреден модел за кибербезбедност наречен „Митос“, којшто е достапен само за одбрани партнери.

Додека компанијата тврди дека го прави ова поради светската кибербезбедност, критичарите веруваат дека едноставно се обидува да ги зголеми цените и да ги привлече најголемите, најбогати клиенти.

За да успее забавувањето, потребно е сите водечки лаборатории во светот да потпишат договор и да се согласат на строга контрола. Во спротивно, се вели, постои можност дека поединечни земји или компании ќе продолжат со таен развој зад затворени врати.