Англиски научници: Хоспитализираните имаат бројни ризици по излегувањето од болница


 

Пациентите кои преболеле Ковид-19 и поради тоа биле во болница, се соочуваат со бројни здравствени ризици во месеците по отпуштањето од болница, заклучија англиски научници.

Споредувајќи 24.673 пациенти заболени од Ковид-19 кои преживеале најмалку една недела по излегувањето од болница со 123.362 лица на слична возраст во општата популација, научниците забележале двојно поголем ризик од повторно примање во болница или смртен исход во следните 10 месеци меѓу лицата кои преболеле Ковид.

Повторна хоспитализација или смрт

Во споредба со 16.058 пациенти кои биле хоспитализирани поради последици од зараза со сезонски грип, веројатноста пациентите заболени од Ковид-19 повторно да завршат во болница или да умрат поради првобитната инфекција или некоја друга инфекција на долните дишни патишта била за 37 отсто поголема, покажуваат резултатите кои англиски научници ги објавија во стручниот магазин PLOS Medicine.

Во написот стои дека ризикот од смртен исход кај пациенти со деменција кои заболеле од Ковид-19 и затоа биле во болница, бил исклучително висок во месеците по излегувањето од болница.

„Многумина кои заболеа од ковид-19 беа во болница, а зголемениот ризик од смртен исход и повторно хоспитализирање значително може да влијае на јавното здравје и ресурсите“, напишаа научниците.

„Ризикот може да се сведе на најмала можна мерка или да се ублажи така што ќе се зајакне следењето на здравствената сосотјба на пацинетите во месеците по отпуштањето од болница, како и со поголема свесност на пациентите и клиничарите за потенцијалните проблеми“, се заклучува во написот.