„Аманда Горман ја врати вербата во зборовите“: разговор со Румена Бужаровска


Може ли поезијата да биде адреналин за демократијата, може ли вистинските зборови кажани на вистински начин да го променат светот, како што многумина се надеваат по брилијантниот настап на поетесата Аманда Горман на инаугурацијата на Џо Бајден

 

Љупчо Поповски

Во грчката митологија девет музи, ќерки на Зевс и Мнемозина, ги инспирираат уметниците и нивната креативност. Пет од нив се посветени да поттикнуваат различни видови поезија. Кога во средата една млада жена стоеше на подиумот на скалите на американскиот Капитол, а околу неа седеа лидерите на државата сите под маски, таа на безбедно растојание можеше да зборува со страст и визија за сегашната и новата Америка и да ја поттикне новата поетска муза – онаа што ја инспирира поезијата на демократијата.

На многумина што седеа околу неа на безбедно растојание им потекоа солзи од очите. Истото се случи кај милиони Американци кои во топлината на домовите ја слушаа силината на зборовите за ентузијазмот, визијата, акцијата, светлината и сенката. Дека има надеж за иднината слушајќи ги стиховите од поемата „Ридот што го искачуваме“.

Името на оваа млада и кревка жена е Аманда Горман. Таа со 22 години стана глас на новата американска ера. Честа која ѝ беше укажана да чита поезија на инаугурацијата на новиот американски претседател го електирифицира Вашингтон, создаде огромни бранови на почитување не само во САД, туку и во целиот свет. Социјалните мрежи се преполни со нејзини фотографии, нејзините две книги што треба да се појават се меѓу првите два бестселери на „Амазон“.

Може ли поезијата да биде адреналин за демократијата, може ли вистинските зборови кажани на вистински начин да го променат светот, како што многумина се надеваат по овој брилијантен настап на Аманда Горман и нејзината пезија? Македонската писателка Румена Бужаровска во разговор за „Независен“ вели дека една песна не може да ги промени работите, но дека „настапот на Горман ја врати вербата во зборовите“. Самата Бужаровска крши многу табуа во ова општество, а и во пошироко во регионот, нејзините раскази се играат на театарските сцени, според нив се снимаат филмови, таа поттикнува.

Кога ќе потечат солзи слушајќи поезија во овие времиња тоа е настан кој е и фабулозен, и спектакуларен, и екстремно емотивен. Еве го разговорот со Бужаровска:

 

Во денешно време изгледа зачудувачки една поетеса, и тоа толку млада, да може да допре до целиот свет. Се разбира, настанот беше спектакл на демократијата, но дали Аманда Горман ја врати вербата на сите меридијани дека зборовите може да лечат а не само да убиваат.

Не може една песна, една книга, ниту пак еден настап да ја врати вербата дека зборовите се лековити, дека знаат да премостуваат разлики и дека тие се патот кон соработката и разбирањето. Очигледно се давиме во клишето дека зборот е смртоносен, како и во идејата дека светот се раководи по принципот на војна или борба, наместо соработка и солидарност. Но мислам дека настапот на Горман е еден огромен чекор во последната насока, и во враќањето во вербата во зборовите. Секако, ваквиот чекор не е пресуден – и затоа велам дека една песна не може да ги промени работите – но на симболично ниво е ужасно значаен и ќе остане запаметен како светол пример во американската, но и светската историја. Сметам дека еден ваков гест означува промена, но исто така, не треба да се разочаруваме ако таа не се случи веднаш и нагло, зашто за промените некогаш треба цели животни векови. 

 

Што значи за едно општество кога неговите врвни луѓе ќе му дадат можност на еден млад човек да го пренесе на толку убав начин она што другите можеби не се осмелуваат или не знаат како да го кажат.

Ќе се задржам на фактот дека Аманда Горман не само што е млада, туку таа е жена, и е црна. Во однос на тоа што значи да си црно девојче во Америка ќе се повикам на „Најсиното око“ од Тони Морисон, каде што тој идентитет е истакнат како еден од најранливите: ранлив од аспект на род, раса, и конечно, возраст, што создава простор за повеќекратна дискриминација во едно општество каде што црните девојчиња се обезвреднети и заборавени. За нив нема модел за аспирација, т.е жени на кои може да се огледаат. Исто така, во американското општество е познат феноменот на расна само-омраза што се случува кај црнците, токму поради начинот на кој тие се обезвреднети и гледани како грди (тема на „Најсиното око“), мрзливи или склони кон криминал, и секако пропаст. Од тој аспект изборот на Камала Харис како заменичка претседателка на САД е историски, пионерски чин што им отвара порти на повеќе девојчиња што не се со бела боја на кожата да можат да се видат себеси во таква улога. Настапот на Аманда Горман, пак, е значаен на истото ниво. Понатаму, битно е да се истакне дека инаугурацијата на Бајден таа е шести, и воедно најмлад поет кој настапува на инаугурација во САД (првиот е Роберт Фрост на инаугурацијата на Кенеди во 1961).

Нашето општество не е така зрело како американското за да може да вреднува ваков напор како овој на Аманда Горман (Фото: Борис Грданоски)

Можат ли зборовите на еден поет да покренат движења во општеството, без оглед колку се импресивни како оние на Аманда Горман. Или тие времиња веќе се поминати.

Мислам дека поезијата, и воопшто, уметноста, произлегува од поширок општествен контекст и не може да се гледа надвор од него како изолиран феномен кој може да покрене конкретно движење. Мислам дека поезијата никогаш не поместувала или покренувала движења – тоа го гледам како  романтичарски концепт – туку дека секогаш била во дослух со случувањата и се јавувала како нивен резултат, или едноставно како дел од нив. Во рамките на таквите движења, поезијата умеела да поттикне понатамошно размислување, бунт, промена.  Истото важи и за Аманда Горман, и фактот дека таа беше повикана да настапи во една поп, бродвеј атмосфера, со што на свеченоста ѝ даде малку поинаква димензија.

 

„Кога деновите доаѓаат, ние се прашуваме себеси каде може да најдеме светлина во оваа сенка што нема крај“ – овие зборови во поемата на Аманда Горман не се однесуваат само на Америка туку речиси и на секое друго општество. Вие пишувате за истите работи. Колку е тешко да се најде светлината.

Чудно е, но полесно е да се воочи мракот, отколку светлината. На луѓето им е полесно да бидат песимисти, зашто така не можат да бидат разочарани. Песимизмот, исто така, поттикнува на пасивност, што луѓето ги ослободува од одговорност сами да покренат некаква промена. Оттаму, најлесно е да се биде резигниран, лут и мрзлив, и да се зборува дека сѐ е безнадежно и дека треба во нас да удри метеор и да се заврши оваа голгота. Притоа, ова го зборуваат луѓето седејќи во своите затоплени домови, уживајќи права и удобности некогаш и крваво стекнати од претходни генерации. Така што сметам дека е неодговорно да не се бара светлината. Можеби е тешко, со оглед на сите разочарувања за кои сме акутно свесни поради лесниот пристап до информации и поради манипулацијата со нив, но треба да се има предвид дека прогресот е видлив и опиплив и дека сами сме одговорни за него.

 

Настаните од 6 јануари во Капитолот и на 27 април во Собранието речиси да беа идентични по намерата и изведбата. Одбраната на демократијата во поемата на Горман наиде на општ почит. Дали македонското општество има сила на ваков начин да вреднува еден ваков уметнички напор во кој ќе се каже дека „демократијата никогаш не може трајно да се победи“. Или сето тоа ќе се понижи и обезвреди во ужасната врева по социјалните мрежи и политички ќе се уништи со инструментализирање.

За жал, мислам дека нашето општество не е така зрело како американското за да може да вреднува ваков напор и да не го оцрни обидувајќи се да постигне бедни дневно-политички поенти. Со претседателството на Трамп и американското општество достигна ново дно, но нивната демократија е поставена на многу поздрави темели кои не се разнишуваат така лесно, така што ни најзлобниот коментатор не може да докаже дека американското опшество е всушност гнило и назадно. За жал, нашето е поставено на темели на авторитарност, како и патријархални семејни вредности кои како прироритет го ставаат личното (просперитетот на машкото дете, синот, и неговото семејство што треба да го носи „името“) наместо колективното. Таквиот пристап е крајно проблематичен и стои во сржта на нашата стагнација. Оттаму мислам дека еден ваков уметнички потег нема да биде така лесно признаен и вреднуван во нашето општество. Но, се надевам дека грешам.