Ало Трамп, ти ли си…

ЕРОЛ РИЗАОВ

„Господине Џонсон, преземете ја линијата, ве бара американскиот претседател, господин Трамп…“

Трамп: „Ало Борис, дајте тргнете ми го овој ваш амбасадор, преку глава ми е од него. Прави големи штети…“

Борис: „Слушај ти таму, комедијанту еден, еднаш веќе ме прелажа, ајде јави му се на твојот Путин и кажи му дека го бара Сталин…“ Трас!

По една минута. „Господине Џонсон дали се прекина линијата?“ „Не ова беа пак оние руски комедијанти… Не, ова навистина беше американскиот претседател Трамп“.

Ауууу веднаш барај го.

Борис: „Ало Трамп, извини пријателе, ти ли си?“

Трамп: „Да, Борис, јас сум, што се случува со тебе, не ме препозна, си заборавил кој сум“.

Вака се забавуваат луѓето и во Британија и во Франција, ја исмеваат наивноста на своите политичари, играат мајтап поради леснотијата да се дојде до нив, но и за безбедноста да се заштитат од разни упади да бидат снимени нивните приватни и службени разговори. Да, светот се смее и се забавува, иако не секогаш е смешно и забавно, но во секој случај никаде тоа не е национална трагедија, а уште помалку пародиите на вештите руски хумористи, или како ги нарекуваат, нарачани комедијанти, да бидат повод за оставки и за вонредни избори. Нигде не е, ама во Македонија пискотници се слушаат од сите страни. Веднаш во затвор, ма каков затвор, смртна казна за предавникот за тоа што зборувал со комедијантите, оставка и под итно вонредни избори.

Тамам привршуваа преките народни судови на социјалните мрежи, но и на храбрите медиуми предводени од силни патриоти со каменување на Тамара Тодевска, која ја згрешила химната по наговор на Зоран Заев и на американската амбасада, најверојатно по лична наредба на Доналд Трамп, кога еве ти нова сенародна катастрофа, телефонски разговор на премиерот со комедијанти кои лажно се претставиле, а Заев не открил дека неговите соговорници не се „хумористи“. Тоа е непростливо. Веднаш оставка и вонредни избори. Така Македонија ќе се спаси од големите зла и предавници што ја нападнале од сите страни и ќе се врати на стариот добар колосек каде бевме цврсто закотвени на суво и никој не можеше да не мрдне од место.

Човек веќе не може ни иронија, ни пародија, ни хумореска, па ни сатира да напише, ни саглам карикатура да нацрта на оваа тема која ќе нè насмее, бидејќи толку е трагична и алармантна ситуацијата што единствено ни преостанува да кубеме коси и да плачеме да се врати ВМРО-ДПМНЕ на власт и да ни олесни на сите бидејќи кога оваа партија е на власт ништо вакво не може да се случи. Ниту Тамара може да ја згреши химната ниту мудриот Груевски, како наивниот Заев, би правел муабет со руски комедијанти. Абе каков муабет, нема да им текне да му се јават бидејќи знаат добро тие кој е за заебанција, а кој не е. А и да се јават, пет пара уши нонстоп се вклучени, така што нема шанси да помине такво нешто уште пред да крене слушалка било Груевски, било Мицкоски, сеедно.

Но да го оставиме премиерот Зоран Заев и неговите советници сите мртви сериозни да ја бараат иглата во стогот сено и да трошат драгоцено време трудејќи се да ѝ дадат на комедијата призвук дека навистина се работи за трагедија, како што лелекаат патриотите, ама со сдсмовска режија и со среќен крај во кој главниот јунак не врши самоубиство, туку продолжува да живее и работи сè до паѓање на завесата во третиот чин.

Мислам дека тешко ќе може да ја долови и инвентивниот Сашо Кокаланов атмосферата кога ќе седнат со своите тимови да преговараат грчкиот Мицотакис и нашиот Мицкотакис заедно со Милошоски, друг не му ни треба, да најдат мунасип како да го подобрат Преспанскиот договор. На оваа тема веќе напишав десетина текстови, но сите беа некако за неверување оти и двајцата политички лидери кои сакаат да го подобрат Договорот, и Мицотакис и Мицкоски, беа во опозиција. Сега, кога 50 отсто се пореални изгледите да преговараат, треба само уште и Мицкоски да стане премиер и ете ти голема шанса не само да се подобри Договорот, туку и сосема да се поништи. Дали воопшто може да се замисли каков инцидент на историјата ќе биде кога Мицотакис кој го прифаќа со тешко срце договорот, ама бара мали поправки во делот на името на државата, македонското државјанството и македонскиот јазик и смета дека тие отстапки се национално предавство на грчкиот народ, а наш Мицкоски, голем курназ, баш таму бари поправки, оти не е доволно да го сочуваме само името Македонија, туку тоа треба да си биде само Република Македонија, без север, или југ, без промена на Уставот, исто така мора многу појасно да се одреди државјанството, македонско без оној додаток граѓанин на Северна Македонија и јазикот да си биде како што си е македонски… и точка. Тоа би бил еден многу ефикасен историски состанок на кој за само неколку минути би се завршила работата. Македонија да си остане тоа што беше Република Македонија на големо задоволство на двете страни. Веднаш ќе уследат уставните промени, односно уставот ќе си остане каков што си беше.

Лесно и брзо ќе се реши и проблемот и со Бугарија. Ќе отпаднат какви било посегања по националната историја, од типот чиј е Гоце, чии се Јане и Даме, цар Самуил и Кирил и Методиј и сите други наши чистокрвни македонски дејци. Би се напишало со крупни букви во сите историски читанки кој бил фашистички окупатор во Македонија итн. Сè ќе си дојде на свое место во меѓусебните омрази по елоквентното и стручно излагање на Антонио Милошоски, кој има непобитни докази и за македонскиот јазик и за националната историја добро научени од „џуџето од Небрегово“ и лично од неговиот татко дека сè што е македонско, сосе Македонски Брод е наше, односно нивно, негово и на татко му. Кој не мисли така е предавник и кодош.

И дома Мицкоски ќе ги седне албанските лидери и ќе им појасни дека претераа со албанскиот јазик и дека го фатиле во тесно предавникот, наивниот Заев, и го уцениле, па така албанскиот го направиле службен јазик на целата територија на Македонија од Лариса до Индија и до Пакистан, поточно до Хималаите и Монт Еверест. Тоа веќе не може да биде така. Има уште многу работи што ќе ги исправи Христијан Мицкоски, само да дојде до промена на власта и да се продолжи храбро напред таму кај што почнавме и кај што застанавме од 2006 до 2016 година.

Ете гледате и ова воопшто не е смешно колку и да ви се чини така. Во Македонија веќе ништо не е смешно. Затоа хумореските се тажни оти се вистински. А штом хуморот е вистина, тоа е веќе трагедија. Затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојдат на власт, ако им ги прости народецов злоделата, и ако веруваат во големата лага дека ќе направат подобри договори со соседите, тогаш ставам две раце во оган дека ништо нема да сменат, ниту една запирка од кој било договор склучен по падот на режимот на Никола Груевски.

Најсмешна и најсатирична и најневеројатна би била приказната дека во наредните осум, десет или повеќе години сите партии на власт и во опозиција, сите влади и премиери, претседатели на држава и сите институции на системот, ќе имаат целосен заеднички став да ја внесат Македонија што побрзо во Европската Унија и за време на преговорите да ги остварат сите предвидени реформи кои означуваат изградба на држава со европски вредности. Во тие бриселски поглавја се содржани вистините за сите наши лаги и залудни ветувања на политичките партии и лидери. Таму е и парламентарната демократија и владеењето на правото, и борбата против криминалот и корупцијата, и патот до поголемиот стандард и подобар живот, до почистата човекова околина, и подоброто образование и подоброто здравство и поголемата култура… Таму е иднината и гаранцијата за опстанок на државата.

Таму е и шишето со порака до граѓаните на Македонија пуштено во северните мориња пред 30 години. Во него е напишана тајната како да ги препознаат и изберат тие што ќе ги остварат најголемите идеали на сите генерации откако постои оваа кутра држава. Треба да се отвори шишето и да се прочита пораката.