Ако си пратеник, не си над законот


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М.МИТЕВСКА

Поради тоа што ова е доба на извинувања на македонската политичко-естрадна сцена, можеби, и полицајците што пред некој ден се затекнаа на кружниот тек во населбата Ѓорче Петров би можеле да му се извинат на опозицискиот пратеник Горан Манојлоски. Ако не за друго, тогаш затоа што не го препознале, па се дрзнале да го застанат и да го легитимираат. Погледнато од друг агол, прашање е дали во овој случај воопшто има потреба од извинување, затоа што токму оваа акција на полицијата му овозможи пет минути слава на не баш многу препознатливиот пратеник, барем ако се цени според неговата досегашна експресија во парламентот.
Тоа што возилото на Манојловски се нашло на локација на која полициски службеници вршеле „проверка на возила и граѓани во врска со извршено кривично дело“ (најверојатно грабеж во експозитура на НЛБ во Сарај) му овозможи на пратеникот потоа да ја истури својата нервоза во законодавниот дом. Така и неговото име конечно стана вест. И тоа не затоа што полицајци го легитимирале и му го претресувале автомобилот – веројатно како и на многу други граѓани што поминале во тие часови на таа рута, туку затоа што самиот Манојловски сакаше тој ден да биде вест, така што замина среде седница заканувајќи се дека нема да учествува во работата додека не добие официјално известување од министерот за внатрешни работи или МВР во врска со настанот.
Случката што го растревожи Манојловски, всушност, се состои во тоа што, и покрај тоа што им кажал на полицајците дека е пратеник, му рекле да излезе за да извршат претрес во возилото. Тоа, ако добро разбравме, се косело со неговите убедувања дека тој како пратеник треба да биде привилегиран, во случајов, во споредба со сите други „обични возачи“ што во тоа време поминале низ локацијата на која се вршел претрес на возила.
Манојловски е пратеник две и пол години, а од неговата собраниска биографија може да се прочита дека по професија е лекар интернист и интервентен кардиолог. Поради тоа по малку збунува нервозата со која реагираше на една на прв поглед банална ситуација и обидот да се претстави како личност која треба да биде привилегирана затоа што тој бил избрана за член на парламентот. А, ако за овие девет години и неколку месеци ѕиркаше малку почесто во Уставот, можеби ќе се сетеше дека таму пишува дека суверенитетот произлегува од граѓаните, кои ја остваруваат власта преку демократски избрани претставници и дека граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, што во случајов би значело дека Манојловски не може да биде поеднаков од другите само затоа што бил избран за пратеник.
Други уставни членови што би можеле да му бидат од корист се оние што се однесуваат на правата и обврските на пратениците, пред сè во делот на имунитетот. Овие одредби не „забрануваат“ пратеник да биде цел на контрола на полицијата, туку само оневозможуваат тој да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење или гласање во парламентот или, пак, да биде притворен без одобрување на Собранието – освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години. Впрочем, и досегашната парламентарна практика покажа дека не секој пратеник е имун на кршење на законите, што, сепак, стана највоочливо во овој собраниски состав, во кој на дузина сопартијци и колеги на Манојловски им беше одземан пратеничкиот имунитет, вклучително си на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
На прв поглед инцидентот што го предизвика пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ на мошне погрешна адреса, истурајќи ја лутината на седница на собраниска комисија, а повикувајќи се на наводен инцидент од полицијата, можеби немаше ни да заслужи поизразен третман во јавноста да не претставуваше своевидна парадигма за тоа како опозициски функционери се однесуваат кон институциите, процедурите и владеењето на правото во оваа држава. Најиронична притоа е упорноста да се прикажат како жртви на наводна селективна правда и на партизирани институции, додека истите тие неретко, од дневно-политички побуди, ги кочат процесите за создавање предуслови за поголемо владеење на правото и на законитоста.
За илустрација, откако Манојловски „блесна“ во парламентот, таму почна да се раскажува една неодамнешна случка со пратеничка од владејачката партија, која патувајќи од внатрешноста на седница во Скопје била исто така запрена од полиција, при што заработила казна од 300 евра за брзо возење. Пратеничката за која се зборува е попозната од Манојловски – не во позитивен контекст, затоа што се прослави со една неславна изјава за „бензините“, а потоа и по неколку случаи на судири на интереси при вработувања на нејзини роднини. Сеедно, поентата е во тоа дека таа не се закани со бојкот на собраниските комисии затоа што полицијата се „дрзнала“ да ја застане, да ја легитимира и да ѝ пише казна. А да беше опозиционерка, како Манојловски, можеби и таа ќе си најдеше аргументи да се претстави како оштетена и да ја истури нервозата на седница.