Ајде да (не) летаме


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Тешко е да се каже која бројка од последниот извештај на Светска банка за Западен Балкан е попоразителна за нашата земја. Таа дека од државава се иселени половина милион граѓани или една четвртина од населението? Или податокот дека две третини од оние што одлетале со билет во еден правец се работоспособни, а една третина високостручни кадри, во најголем дел од ИТ-секторот?
Најпоразително е, всушност, тоа што овие бројки не се лажна вест. Каква што, на пример, се покажа информација за тоа дека СДСМ ветувал вработување на 300 пилоти од Арачиново, иако ниту во струмичко Муртино немало толку кадри за пилотирање, како што денеска се пошегува премиерот Зоран Заев, во обид да докаже дека ветувал пилот-проекти, а не вработувања во авијацијата. Затоа што за пилотирање, сепак, се потребни стручност и квалификуваност – барем до ниво кога може, исто така, да се спакуваат куферите и да се одлета надвор од државата. Како што тоа, впрочем, го направија стотици илјади млади луѓе во изминатите години, така што Северна Македонија се најде на врвот на листата на земји од Источна Европа со најголем одлив на високобразован кадар, покрај Ерменија, Молдавија Босна и Херцеговина.
За набљудувачите на политичките процеси во земјава, веројатно, е поразително и тоа што денеска, на пример, и владејачките партии и опозицијата „обединето“ ги премолчеа и игнорираа показателите на Светска Банка, според кои иселувањето од земјава веќе не е ни „бран“, туку станува цунами. Опозицијата, која во последните месеци редовно и уредно ја критикува владата дека со своите политики ги стимулира „иселеничките бранови“ овој пат најде „поважни“ теми за полемика. Затоа што ако почнеше да зборува за горливиот проблем веројатно ќе дојдеше до точка кога многумина ќе се сетат дека процесот на иселување не е отсега, туку до негова кулминација дојде во ерата на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа време, СДСМ, како опозиција, исто така, ја прозиваше тогашната влада дека создала чувство на бесперспективност, поради ниските плати, разрушената економија, нарушената демократија и селективната правда. Но сега СДСМ, всушност, нема кого да критикува за тоа што и во годините по смената на власта продолжува трендот на иселување од земјава.
Како што власта и опозицијата постигнаа премолчен консензус овие денови да не брануваат многу со иселеничките бранови, ќе беше многу посоодветно ако успеваа така да постигнат консензус за сите други битни прашања чие решавање може да ѝ обезбеди поперспективна иднина на земјава. Едно од тие прашања, на пример, е пописот, како тема што, очигледно, исто така, се избегнува со здружени сили, и покрај сите претходни амбициозни најави дека конечно ќе се преброиме следната година. Всушност, очекувано е резултатите од пописот да значат болно соочување со реалноста, односно да ги потврдат податоците на Светска банка. Ама и тоа е подобро од сивата зона врз чија основна сега се градат сите економски и демографски политики, во период кога земјата претендира да стане полноправна членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ.
Најновиот пласиран податок во полугодишниот извештај на Светска банка, всушност, не е со најнов датум. Слични бројки беа презентирани и во претходниот извештај на оваа институција. Меѓутоа, секое потсетување на неславниот рекорд е аларм дека треба да се преземат системски мерки за земјата да не се доведе во колапс за каков што предупредуваат светските банкари, така што ќе се урниса целата економија, пазарот на труд, а ќе се доведе во прашање и одржливоста на пензискиот и на здравствениот фонд. Но, ако дојде до тоа, за колапсот ќе раскажуваат оние кои ќе останат дома, не губејќи надеж дека еден убав ден во земјава ќе се вратат чувството на перспективност, наместо на преживување. За да дојде до тоа, пак, треба, меѓу другото, да се воспостават и да почната да се почитуваат одредени критериуми, како на пример на стручност и компетентност при вработувањата, на повисок стандард и социјална заштита, на интегритет и знаење во образовниот процес, на владеење на правото и на неселективна правда, на одвоеност на партијата од државата, но и на одвоеност на власта од правосудството, на демократичност на изборниот процес…
Конечно, Северна Македонија не е единствената земја која се соочува со проблемот со масовното иселување и одлив на стручни и образовани кадри. Ваквите процеси се болка на целиот регион, па и на држави кои се веќе членки на ЕУ и на НАТО, како Хрватска или Бугарија. Сепак, тие проблеми полесно се пребродуваат однатре, затоа што иселувањето од ЕУ во ЕУ може да биде и двонасочен процес. За разлика од држави кои сè уште се борат со чувството на бесперспективност и во кои ретко кој се вселува, а при заминувањето ретко кој купува повратен билет.