Петков не ги менува членовите на Историската комисија, ќе работат со нов ентузијазам

Во однос на вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав, Ковачевски го повтори ставот дека ова прашање може да се отвори пред влезот во ЕУ.


Бугарскиот премиер Кирил Петков нема намера да менува членови на Комисијата за историски прашања со Бугарија која кај нас се гледа како главен кочничар на договорот, но верува дека кај нејзините преставници веќе има друг поконструктивен пристап и нов ентузијазам да ја завршат работата.

„Луѓето во неа  треба да си зборуваат, да се гледаат… Ние нема да правиме кадровски промени. Ме израдува кога видов дека и во оваа комисија заеднички е конструктивниот тон и желбата за постигнување реални резултати. Тоа ќе даде друг ритам на работата што треба да се заврши“, рече Петков. 

За тоа дали  Бугарија ќе возврати со отстапка по македонската нота во ОН, премиерот Ковчевски истакна дека  на средбата во Скопје пред седум дена бил отворен нов процес на дијалог и работа, што ја покажува политичката волја процесот да оди напред.

„Со Петков и во Скопје и тука разговаравме за политичките прашања, но доминантно за овие теми што ги опфаќаат работните групи“, рече Ковачевски префрлајќи ја темата во друга насока.   Според него,  поставени се конкренти рокови во соработката, а еден од нив е во „догледно време“ да има и прва меѓувладина конференција со ЕУ, со што сугерираше дека е извесно тргнувањето  на блокадата од страна на Бугарија со што ќе се отвори патот за добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Околу барањето Бугарите да станат дел од Уставот на Македонија Ковачевски рече дека различни држави имаат различни уредувања.  

„Постојат држави како што е Република Северна Македонија каде што индивидуалните права се остаруваат колективно.Во нашиот устав освен македонскиот народ има и албански народ и другите кои ги сочинуваат другите заедници кои се дел од Уставот и нормално е, доколку други граѓани во државата се самоопределуваат на друг начин, да можат да побараат да бидат дел од Уставот на РСМ“, изјави  Ковачевски. Тој објасни и пред бугарските медиумите дека тоа е процес кој што поминува низ уставни измени, кој што има повеќе чекори во кои се вклучени повеќе институции.

„Доколку тоа се случи, а нормално дека такво нешто се случува на патот на една држава кон ЕУ, бидејќи тогаш се отвора Уставот со цел да се направат и други адаптирања, тогаш низ тој процес секако дека ќе бидат опфатени и тие прашања врз основа на барањата на граѓаните“, изјави  Ковачевски.

Бугарскиот премиер по ова му се заблагодари на Ковачевски дека многу јасно ја опишал состојбата во врска со правата на Бугарите во Северна Македонија.

„Истовремено со ова сакам да кажам дека министерствата за надворешни работи работат паралелно и покажуваат јасни резултати, нови премини, нови авио-линии, соработка во образованието. Паралелно со ова одат и политичките прашања, значи ритамот ќе биде динамичен. Добро е што ставивме денеска една рамка за таа работа“, изјави Петков.

Ковачевски генерално оцени  дека за успех меѓу двете држави ќе се смета ако во 2023 година, 13-те километри пат до граничниот премин „Клепало“ бидат реализирани и  се отвори тој граничен премин.

„Во однос на политичките прашања, критериум за успешност е доколку низ разговор на сите овие комисии и низ еден политички дијалог меѓу владите и другите чинители  постигнеме договор и во догледен период да имаме прва меѓувладина конференција за РСМ со ЕУ“, рече Ковачевски. Според Петков пак, сега добрососедството ќе биде на еден вид пиедестал и двете земји ќе работат на нешта што беа заборавени изминатите години, така што со оваа нова енергија  брзо ќе се постигне тоа што е испуштено.  

Ковачевски потоа најави дека идната недела туристички оператори од Бугарија ќе дојдат во Скопје за да ја договорат директната авионска линија која треба да биде пуштена до 1 март. До 2023 треба да се изградат 13 километри пат до Клепало и таму да се направи граничен премин.Според него, министрите од двете страни работеле на конкретни проекти и идеи,а  планот е еднаш неделно да се сретнуваат и секторските експерти. На првите средби ќе бидат вклучени претставници на стопанските комори, образовните институции и културните установи, односно како што рече Ковачевски, луѓе од реалниот сектор.

– Овие меморандуми имаат цел на економски развој, за кои граѓаните ќе почувствуваат мерливи подобрувања на стандардот. Со оваа енергија брзо ќе го надополниме тоа што го пропуштивме, дополни  Петков.

Сумирано кажано  резултат од посетата на нашата делегација на Софија денес  е потпишување на три меморандуми, работните групи ги утврдија роковите за исполнување на приоритетите, а  по неколкумесечниот застој се најавува зајакната активност на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања. Таа во наредните четири месеци треба да одржи три официјални средби, а во меѓувреме ќе се одржуваат и други разговори и консултации. 

Петков претходно во Скопје  најави дека ќе се објавуваат само постигнатите резултати, а не и темите за кои ќе продолжат да спорат експертите. Според оценките на бугарските медиуми новиот пристап, да им се даде предност на економските теми, не значи дека се напуштени позициите за спорните прашања , а тоа го ставила до знаење министерката за надворешни работи Теодора Генчовска која на средбата со Османи разговарала за позициите  на Македонија околу пакетот  5+1. Со тој пакет се бара Македонија да даде правни гаранции дека ќе го исполни Договорот за добрососедство, да ги гарантира правата на македонските Бугари и да ги вклучи во Уставот, да се откаже од територијални претензии и од говорот на омраза. Според бугарските медиуми, Радев бара Бугарите во Македонија не само да бидат запишани и да станат рамноправни со другите етнички заедници во Уставот, туку и да добијат квота според која ќе добиваат функции и вработувања во државната администрација според бројноста во државата, а која тие ја сметаат според бугарските пасоши.  Т.е.  бара „рамковен договор“ и за Бугарите во Македонија кои со него ќе добијат групни место индивидуални права, нешто што во Бугарија е мислена именка за нашето малцинство, кое не се ни признава со Договорот за добрососедство.  Идејата по се изгледа е преку овие квоти да се мотивираат тие што имаат бугарски пасоши да се декларираат како Бугари во Македонија за да дојдат полесно до работни места, што ќе ја зголеми бројката која сега се оценува на околу 3.000 преставници. 

И оваа средба не помина без протест на тамошното ВМРО на Красимир Каракачанов кое бараше состанок“ со двата премиери за да „ги запознае со заедничката историја и литература на двете земји“.  На протестот се собрале според фотографијата едвај неколку луѓе.

Поранешниот пратеник од оваа партија Александар Сиди изјавил дека „премиерот Петков ништо не разбира од темата Македонија“  и додал: „Ова е причината да излеземе денес и да покажеме дека во Македонија живеат Бугари на кои секојдневно им се нарушуваат правата“. (С.Ј.)