Црвениот крст ги собира бездомниците – некои остануваа на улица по цена и да измрзнат


Робертино е последниот бездомник кој вчера наутро тимови од Црвениот крст го зеле од Клиниката за токсикологија, облечен во тенки панталони и џемперче, завиткан во ќебе, по што го згрижиле во прифатилиштето во Момин поток. Шест месеци живеел во Железничката станица во Скопје, но завчера вечерта три лица го претепале, му ги зеле обувките и го оставиле бос, со рани на лицето и телото. Бездомникот кој не пречека со фластер под носот, со видливи повреди на лицето и со медицински папучи ни ја раскажа накратко неговата несреќна судбина.

„Шест месеци сум на улица, по контејнери. Жената и децата ме оставија, заминаа во Германија, а разбрав дека мојата сопруга таму се омажила за друг“, вели бездомникот. Неговите родители починале, нивниот имот е продаден, а неговите браќа и сестри исто така се во Германија. Нему не му стигнува помош од никаде бидејќи секој си го гледа своето семејство. Во бараките во прифатилиштето во Момин поток деновиве кога температурите се под нулата се испреплетуваат повеќе човечки судбини на тие што останале на улица. Но речиси никој од бездомниците не сака да комуницира со медиумите. Стуткани на столиците во една од бараките и уморни од животот се интересираат единствено кога ќе го добијат својот оброк.

Во пунктот на Црвениот крст можат да се згрижат вкупно 32 лица, а сега моментално има 15-ина бездомници. Речиси сите се мажи, има само една жена која секоја зима престојува во пунктот со својот син, кој е на возраст од триесетина година. Искуството покажува дека во зима во пунктот доаѓаат неколку жени, а малолетни деца нема.

Драгана Лазаревска веќе осум години работи во Црвениот крст како координатор за бездомници и ги знае речиси сите што доаѓаат во најладните месеци во годината. Нејзиниот телефон не престанува да ѕвони во зимските месеци, кои се најризични токму за оние што останале на улица и може да премрзнат. Голем дел од бездомниците самоиницијативно доаѓаат во просториите на пунктот и прифатилиштето, но има и такви што преферираат да бидат на улица наместо на топло место каде што ќе им бидат дадени и оброци. Лазаревски раскажува дека бездомништвото кај некои од нив станало стил на живеење и тие практично се врзуваат за просторот на улиците, кои ги сметаат за свое живеалиште. Некои од нив не прифаќаат да бидат во иста просторија со други бездомници или едноставно не сакаат да примат ничија помош. „Доколку некој не сака да биде згрижен, поради свои лични приказни и причини, тимот на Црвен крст кој ја прави проценката на терен и му доставува дополнителни работи, како вреќа за спиење, ќебе, јакна, чевли… и сè што му е потребно“, објаснуваат од хуманитарната организација. Лазаревска вели дека поголемиот дел од бездомниците се со средно образование, имаат занает, но има и неколкумина што ниту знаат да читаат ниту да пишуваат. За оние што се работоспособни и имаат некакво образование, Црвениот крст посредува да добијат работа во „Паркови и зеленило“ или во „Комунална хигиена“. Сепак, тие се ангажираат за полесни физички работи како хортикултура бидејќи повеќето имаат хронични болести, но дел од нив доколку не успеат да се навикнат на работното место се враќаат на сигурно, на улиците. Сепак, Лазаревска објаснува дека посредувањето за овие работни места кои се прават во координација со Град Скопје е добра можност за овие категории на лица бидејќи добиваат плата од околу 12, 13 илјади денари.

Кога температурите во Скопје се спуштија под нулата, пунктот за бездомници на Црвениот крст на град Скопје ги отвори вратите и на прифатилиштето кое стана преноќиште и утеха за бездомни лица што таму добија привремено згрижување. Мобилните тимови на Црвениот крст се присутни и на терен и по дојава на граѓани на телефонските броеви веднаш дејствуваат.„Почнувајќи од 16 декември, бездомните лица кои се сместени во прифатилиштето добија адекватна грижа и помош од страна на вкупно 22 волонтери и професионалци кои се ангажирани за 24-часовна поддршка во прифатилиштето, со цел истото непречено да функционира. Прифатилиштето ќе биде отворено онолку колку треба за потребите на бездомниците. Минатата година тоа работеше 60 дена“, вели Александра Ристевски од Црвениот крст.

Во периодот од 16 декември до 4 јануари остварени биле 120 преспивања или помеѓу 15 и 20 лица престојуваат во текот на едно деноноќие. Топлината во прифатилиштето, чистата постела, можноста да добијат нова облека, оброци, како и помош од лекар, за многумина од овие лица значи спасен живот. Во текот на денот тие добиваат по три оброци, два ланч-пакети и еден оброк со конзервирана храна. Во петок еден оброк им се подготвува и се дистрибуира од црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Овие пунктови на Црвениот крст се главното место за згрижување. Неофицијално, во Центарот за социјални работи проценуваат дека во градот има околу 300 бездомници, но од Црвениот крст велат дека оваа бројка е нереална и е значително поголема, додаваат дека дополнително расте секоја година. Во архивата на Црвениот крст во последните десет години помош формално побарале вкупно 270 бездомници, а секој вторник и петок кога имаат отворени денови, имаат по шеесетина редовни посетители. Но никој, според оваа организација, не направил сериозно истражување колкав е бројот на бездомниците во Град Скопје.

Фросина Факова – Серафиновиќ