Две жртви во тешка сообраќајка на експресниот пат Прилеп – Градско, сообраќајот пренасочен по регионалниот пат
Во прекин е сообраќајот на експресниот пат Прилеп – Градско по тешката сообраќајна несреќа во која во директен судир на два автомобила загинаа две лица, а едно е тешко повредено. Сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат, попладнево потврдија за МИА од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Денеска во 13:30 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на експресниот пат Градско-Прилеп, после исклучокот за Кавадарци, се случила сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила. Од екипа на Итна медицинска помош Кавадарци на местото била констатирана смрт кај возач и сопатничка во едното возило, а во Општа болница Кавадарци кај возачот од другото возило биле констатирани тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, појаснија од СВР Велес.
Оттаму додадоа дека увид на местото врши јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Кавадарци. Сообраќајот е во прекин и е пренасочен по регионалниот пат.