Превртеле 30 тонски трансфрматори и украле бакар од електровлечната потстаница на железницата во Драчево


Во електровлечната потстаница Драчево, лоцирана помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е извршена кражба од големи размери, при што е предизвикано целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, соопшти Министерството за транспорт и врски.
 
При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.
 
Од подстаницата се украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и практично сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање. Со ваквото противправно дејствие, објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност.
 
Според првичната проценка, директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра.
 
Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните.
 
Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај.
 
Апелираме до надлежните институции случајот да биде темелно и итно истражен, сторителите и сите лица вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдените материјали да бидат идентификувани и да понесат соодветна одговорност.