Во Солун сузбиена меѓународна криминална група, уапсени македонски и косовски државјанин


Во рамки на меѓународната соработка помеѓу обвинителствата и надлежните служби за борба против недозволена трговија со дрога на Република Северна Македонија, Косово и Грција, денеска беше реализирана координирана акција во Солун, при што е сузбиена меѓународна организирана криминална група.

Во акцијата, како што информира Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), од слобода се лишени еден македонски и еден косовски државјанин.

-При контрола на товарно моторно возило, во приколка биле пронајдени и запленети 324 килограми наркотична дрога марихуана, скриени во осум палети со хартија. Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во попладневните часови Одделот за криминалистичка полиција изврши претреси на повеќе локации на територијата на државата, со цел откривање на евентуално инволвирани други лица, како и обезбедување на дополнителни докази и предмети поврзани со кривичното дело, наведува ОЈО ГОКК.

Според Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, акцијата е резултат на континуирана и координирана меѓународна соработка во борбата против организираниот криминал и недозволената трговија со наркотични дроги.