Уставен спринт или маратон?


Можното распуштање на парламентот и распишување вонредни избори е „замрзнато“ засега, додека се чека на собраниската маса да биде „сервиран“ предлогот за пристапување кон уставни измени, за да се види колкумина пратеници се расположени спроведувањето на Преспанскиот договор да продолжи во овој состав на законодавниот дом.

Расправата за четирите интервенции во Уставот ќе почне денеска во собраниската Комисија за уставни прашања, со која претседава спикерот Талат Џафери. Тој вчера ја закажа и собраниската седница на оваа тема. Пленарната расправа за „отворање“ на Уставот ќе почне в понеделник и ќе трае најмногу 10 дена. Според тоа, најдоцна до 25 овој месец ќе се знае дали овој пратенички состав ќе го почне „уставниот маратон“. Односно дали ќе го продолжи комплицираниот и долг процес на промена на Уставот, што, според проценките, би финиширал кон средината на јануари – со кратење на сите рокови и ако уште во два наврати се обезбеди двотретинско мнозинство – за донесување на амандманите и за нивно прогласување.

Во спротивно, ако нема двотретинско мнозинство за почнување на промената на Уставот, обидот на владата спроведувањето на договорот со Грција да продолжи во актуелниот парламентарен состав ќе заврши како „спринт“, а следниот чекор што ќе треба да се преземе е распуштање на парламентот. Првиот рок за можни избори што го посочи премиерот Зоран Заев – 25 ноември – е веќе пробиен, со оглед на тоа што за да се постигне тоа парламентот токму денеска требаше да гласа за самораспуштање. Следниот можен термин за избори е 2 декември, за што парламентот би требало да се распушти до 18 овој месец. За избори на 9 декември, пак, рокот за нивно распишување би бил до 25 ноември, до кога треба да се знаат и резултатите од гласањето за пристапување кон уставни измени.

Првичните проценки, сепак, се дека дискусиите во уставната комисија, а потоа и на пленарната седница нема да траат подолго од три дена, со оглед на тоа што дискусиите се ограничени на 20 минути. Во случај, пак, ВМРО-ДПМНЕ да ја бојкотира расправата во Комисијата за уставни прашања, за што веќе има навестувања, овој дел од процедурата би можел да заврши и во еден ден.

И покрај неизвесноста околу тоа дали во наредните денови ќе се обезбедат 80 гласа, премиерот Заев вели дека е релаксиран, односно дека е оптимист дека уставните измени ќе поминат на „прва топка“.

– Ова што се случува овде во Македонија со вака важни и сериозни одлуки е диференцирање на два правци и во владејачката гарнитура и во опозициската структура – прогресивни и регресивни. Сериозноста на сфаќањето дека без договор со Грција нема интеграција во ЕУ и НАТО е конечно потврдена и нема дилеми. Ние треба да се исправиме пред одговорноста на времето што го живееме – изјави Заев.

Одговорноста за земјата и за граѓаните, вели премиерот, е најважната работа пред која сме исправени, а потоа се секундарните работи, како што се рејтингот и резултатите на избори.

– Јас многу верувам дека во нашиот парламент ќе надвладее прогресивниот елемент, дури и по вака сериозно и чувствително прашање – рече Заев.

Со своја анализа околу предложените измени во Уставот вчера се огласи и поранешниот претседател на МАНУ и министер за правда Владо Камбовски, посочувајќи дека очекува пратениците да решаваат, како што рече, не по наредба на нивните партиски шефови, туку врз основа на својата совест, знаења, предвидувања и во интерес на државата.

Тој оцени дека стравот кај дел од јавноста околу тоа што ќе донесат и договорот со Грција и уставните амандмани што произлегуваат од него е резултат на незнаење. Решенијата од договорот, како извор на овие уставни измени, според Камбовски, се компатибилни и со меѓународното право и со меѓународните стандарди за човековите слободи и права и особено со интересите на Македонија и нејзините перспективи низ евроатлантските интеграции.

Според ВМРО-ДПМНЕ, потегот на владата за иницирање уставни измени е показател дека за социјалдемократите кариерата на Заев е поважна од националните и државните интереси.

– СДСМ одбива да ја испочитува волјата на 1,2 милион граѓани кои преку апстиненцијата на референдумот ѝ дадоа јасен сигнал на власта дека не се согласуваат со промена на името, идентитетот, јазикот и историјата на Македонија – реагира ВМРО-ДПМНЕ.