Тивката американска граѓанска војна


Румена Бужаровска

Специјално за „Независен весник“

Ајова сити, САД – Во екот на скандалот околу изборот на новиот американски врховен судија Брет Кавано, кој е предложен од претседателот Доналд Трамп, во Ајова Сити осамнуваат испечатени листови залепени на бандери на кои пишува „Кавано е силувач“. Покрај декорациите за празникот за Ноќта на вештерките, на прозорците од ниските дрвени куќички, типични за архитектурата на американскиот среден запад, висат написи „Верувај им на жените“, политичкиот слоган „Believe Women“ произлезен од движењето „И јас исто“ (#MeТoo).

Не ми е првпат да сум во САД, но овој пат е различно. Нешто пука кај многу Американци, кои се воспитувани да бидат воздржани и насмеани, да почитуваат различно мислење и да решаваат спорови со цивилизиран дијалог. Овде обично не се зборува или коментира за политика како што тоа се прави кај нас: во такси, во автобус, во редица за чекање, на гости со непознати луѓе. Политичката определба и религијата се табу. Но откако Трамп е на власт, сè повеќе се зборува за „поделбата“ на народот. Многу семејства се испокарани, многу пријателства растурени. Дури постои платформа за луѓе што немаат каде да го слават традиционалниот семеен празник на благодарноста поради тоа што биле исклучени од своите семејства (кои се поддржувачи на Трамп), па преку платформата добиваат покани да го слават празникот со политички истомисленици.

Дента по сослушувањето на д-р Кристин Белјзи Форд и Кавано, летав од Њу Орлеанс до Ајова Сити. Штом слетавме, чекајќи да излеземе од авионот, се завртев кон мојата колешка и сопатничка за да ѝ кажам, тивко, дека не стигам да ги прочитам мноштвото анализи за ова историско сослушување. Тројца Американци што не ги познавам, во редот пред мене, се завртија и гласно почнаа да негодуваат за тоа што се случува. „Ова е срамота“, зборуваа. „Го видовте ли како плачеше и како се правдаше? Каков лажго! Виновен е!“, зборуваа гласно и вознемирено во тишината. „Мислите ли дека ќе го изберат?“, прашав. „Се надевам не“, ми одговори една од нив.

Време на поделби

„Ваква тензија имаше само во 1960-тите“, ми вели Марк, познајник кој добро ја познава и следи политичката ситуација. Го среќавам по едно книжевно читање и долго и вознемирено зборуваме за тоа што се случува. Ми објаснува дека сцената што сум ја посведочила во авионот порано би се сметала за необична, но дека сега ваквите јавни прикази на гнев се сè почести. Му велам дека сум навикната на поделба, дека во таква поларизирана тензична атмосфера живеам повеќе од десет години и дека полека научив во текот на сите тие години дека единствениот пат за борба со кршењето на сите закони и човекови права е да се биде гласен и директен, да се биде гневен.

Нешто слично кажав на панел за политика во кој учествував со уште тројца американски автори. Ја имав таа среќа панелот да се случи на денот кога Кавано беше изгласан за врховен судија, 6 октомври, ден кој го сметам за историски. Уште пред да почнеме, еден од учесниците, нападен и бучен маж, за жал, седнат во средина, ѝ го зеде воведниот збор на модераторката, се исправи и почна да плеска: „Ајде, аплауз за тоа што изгласавме силувач за врховен судија! Станувајте!“, инсистираше на својот непристоен сарказам среде тензичниот молк на публиката.

Ситна, мускулеста жена со тетоважи, уште една од панелистите, новинарката и авторка Ненси, се декларираше како „централна“, како „либертаријанка“, и како човек кој секогаш се обидува да ја види приказната од двете страни. Кога некој ќе ви каже вака, всушност зазема повисока морална и интелектуална позиција кажувајќи ви дека сте слепи за тоа што се случува околу вас бидејќи сте веројатно манипулирани или грешно мотивирани. Ваквите луѓе, кои тврдат дека се „во средина“ и дека објективно ги набљудуваат работите, а всушност ја заземаат страната на посилниот угнетувач, во Македонија ги викаме „неутралци“ и „релативизатори“ и ги намирисуваме од километри.

Токму ваква релативизација направи и објективната Ненси кога рече дека не знае дали Кавано е силувач, исто како што „не знае“ дали д-р Форд ја зборува вистината. Тоа што не го рече, исто така, е дека можноста Кавано да е силувач, дури и најмалата можност, поткрепена од неговото срамотно сослушување, во кое тој ги манифестираше сите класични методи на одбрана на сексуален насилник (тактика позната под акронимот DARVO), треба да го исклучи од тоа да биде изгласан за врховен судија, при што неговата најголема (а за некој привилегиран како него, замислете трагична) загуба ќе биде да не добие повисока професионална функција (највисоката што постои, всушност). Но, еве, за што неутралната и објективна новинарка почна да зборува: како Асја Аргенто, едно од познатите лица на кампањата „И јас исто“, и самата го правела тоа против кое се борела. Не сакам да навлегувам во приказната за лажната Аргенто, бидејќи едно лажно лице гладно за слава не може да уништи движење на милиони жени низ светот кои конечно гласно зборуваат за сексуалното насилство што општеството отсекогаш го прифаќало и нормализирало. Придобивките на „И јас исто“ се огромни, глобални. Тие заземаат карактеристики на револуција, и обидот да се дисквалификува движењето поради една лажна личност е бедна и позната тактика на дефокусирање, нешто што го прави администрацијата на Трамп, а и нешто со кое живеевме со власта на Груевски. Во моето излагање на овој панел, го споделив тоа искуство: нема зошто да запаѓаме во оваа безначајна дефокусирачка дискусија. И треба да дозволиме да бидеме гневни бидејќи, кога власта оди дотаму да става бебиња на имигранти во логори, не постои нешто како „средина“. Агресијата е нормална и природна. Агресијата е потребна како реакција.

Жената и мажот

„Што ќе се случи сега?“, го прашувам Марк. Ми потврдува дека со изборот на овој врховен судија, Врховниот суд ќе се движи кон укинување на загарантираното право на секоја жена на абортус, воспоставен во случајот „Роу наспроти Вејд“, или скратено, „Роу“. Битката да се укине Роу трае од моментот на воспоставувањето на овој закон, дека индивидуалните сојузни држави не смеат да го забранат абортусот на жената. Укинувањето на абортусот е едно од основните начела на Републиканската партија, и во текот на децениската битка против овој закон тие имаат издејствувано затворање на огромен број клиники за абортус (во четири сојузни држави, кои се поголеми од Балканот, има само по една) и значително ограничување на процесот за абортус, кој се движи од убедување на жената да не го прави тоа преку покажување на ехо од фетусот, до ограничување на физичкиот пристап и комплицирање на административната постапка.

Замислете си, само, дека сте жена која е малтретирана од сопругот, или нема финансиска можност да одгледа дете, или добивањето на дете би ѝ го скратило школувањето или работата или, пак, е силувана – и треба да патувате до Берлин за да абортирате, каде што ќе бидете подложена на долга административна постапка и огромно понижување затоа што сте донеле таква одлука. Замислете си, сега, дали ќе имате финансиски средства, емоционална поддршка, како и денови за отсуство во кои ќе го направите тоа и можеби ќе го сфатите степенот на деградација во која се наоѓаат огромен број на американски жени, посебно оние од пониските економски слоеви.

Марк, како и многу други Американци, смета дека Роу ќе биде укинат и дека абортусот ќе биде забранет кон почетокот на идната година. Тоа значи дека абортусот ќе биде забранет во голем дел држави во таканаречениот библиски појас кој се протега на југот, како и во средишниот дел на САД – во поголемиот дел американски сојузни држави. „Луѓето ќе почнат да мигрираат кон северот“, вели Марк. „Еднаш имавме граѓанска војна меѓу Северот и Југот. Што нè спречува да ја имаме пак?“ Ме потсетува дека Американците се сериозно вооружени (да, уставно право е на секој човек е да носи оружје, но жената наскоро повторно ќе нема право врз сопственото тело). И дека најголем процент од оружјето, всушност, е во рацете на малцинствата, кои се исто така сиромашни и кои нема имаат услови да мигрираат на север.

Ми се чини дека граѓанската војна е веќе почната – тивка и разорна, војна, за жал, меѓу мажите и жените. Жената, основната, најдрагоцена сопственост на американскиот стопан, сè повеќе излегува од рамките на бракот, семејството и домот припишани од црквата (т.е црквите – во САД постојат различни христијански религии, но речиси сите ја подјармуваат жената на ист начин). Со движењето „И јас исто“, американската жена многу брзо бидува ополноправена и добива моќ. На американската жена сè повеќе луѓе ѝ веруваат – 45 отсто ѝ веруваат на д-р Форд, 33 отсто на Кавано, 22 отсто се неодлучни. Сè повеќе во дискурсот на белиот привилегиран хетеромаж е присутен концептот на страв, паника од губење на позицијата на моќ во кој жената е покорена, безгласна, опредметена; страв и паника кои водат кон агресија, страв и паника кои се олицетворија во дрскоста да изберат сексуален насилник за Врховен судија, по вторпат во историјата (зборувам за историскиот случај на Анита Хил и Кларенс Томас).

„Се плашам за иднината“, изјави Кавано во текот на своето сослушување, а Трамп, со класичниот пристап на десничарскиот деспот кој ја презема улогата на жртвата, рече „ова е страшно време за американските момчиња“. За него, страшно е тоа што младите американски момчиња ќе мора да се откажат од привилегиите на тоа да прават што им душа сака со жените, со законот, со капиталот. За мене, и верувам за многу други жени во светот, најстрашно е тоа што се соочуваме со можност во 21 век, кога абортусот нема да биде веќе право на избор на жената во САД, ваквиот ужасно уназадувачки чин да се прелее кај нас, и со тоа, како и Американките, вртоглаво да го изгубиме тоа за кое се боревме со генерации. Некој би рекол, „ќе видиме“ или „нема шанси“. Но овој пат навистина верувам дека ќе се случи најлошото и дека борбата што следува пред нас ќе биде уште пожестока од таа што ја водевме.