СЈО ќе остане без „бомбите“


Специјалното јавно обвинителство можно е да остане без својата основна надлежност да го истражува масовното прислушување, односно да не ги користат прислушуваните разговори, односно „бомбите“, како докази во судска постапка, туку само како индиции врз основа на кои обвинителите од СЈО би собирале дополнителни докази. Засега сите можности се отворени и сè зависи од тоа за кое законско решение власта ќе може да обезбеди двотретинско мнозинство за да го донесе законот кој ќе ја одреди судбината на СЈО.

Изгласувањето на овој закон е најпроблематичен, бидејќи дел од пратениците од владејачкото мнозинство се обвинети во дел од случаите на Специјалното јавно обвинителство. Моментално се разгледуваат три законски опции, едниот е изработен од владината работна група, другиот е изработен врз основа на предлози на СЈО, а третиот предлог доаѓа од политички партии и групи.
Министерката за правда Рената Треневска-Дескоска вчера на брифинг со новинарите рече дека се разгледуваат опциите, но уште е неизвесно какво законско решение ќе биде донесено. Оние постапки за кои има покренато обвинение ќе си продолжат во рамките на Специјалното јавно обвинителство, но се доведуваат во прашање истрагите и предистрагите кои се водат во СЈО врз основа на прислушуваните разговори кои ги поседуваат. Но за донесувањето на овој закон треба да се земат предвид и гласовите на ДУИ, чиј лидер, Али Ахмети, е дел од истрагата на СЈО за неуспешниот попис заедно со неговиот тогашен коалициски партнер, Никола Груевски. Истрага има отворено и за сегашниот вицепремиер и поранешен министер за здравство, Бујар Османи, но и за двата случаи нема покренато обвиненија.
Според неа, за оние постапки што се во фаза на обвинение нема дилема дека треба да продолжат во рамките на СЈО.
Според министерката, СЈО би требало да ги задржи својата моќ и независност. „Во делот што се однесува до истрагите, таму е вложен труд од СЈО и тука не треба да се дозволи да има практично амнестирање на кривични дела со измени на закон. Во тој дел ќе мора да водиме сметка да се направи прецизна одредба што ќе даде можност делата што биле направени и кои биле во фаза на истрага да ги продолжи. Кој ќе продолжи – дали Обвинителството за организиран криминал или СЈО – ќе биде дефинирано според надлежностите што ќе бидат распределени меѓу овие две обвинителства, додаде Дескоска.
Засега е неизвесно што ќе се случи со истрагите на СЈО, за кои на обвинителството му истече рокот од 18 месеци за поднесување на обвинение, а од друга страна, редовното обвинителство не може да ги преземе, бидејќи тоа нема надлежност за „бомбите“.
Доколку Специјалното јавно обвинителство ја изгуби надлежноста врз прислушуваните разговори, тоа би останало институција која ќе гони висока корупција, но тука треба да се разграничат нивните надлежности со редовното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Покрај прислушувањето, СЈО ќе може да гони сторители на кривични дела, кои ги извршиле претседателот на државата, амбасадорите и други претставници на државата во странство и именувани лица од претседателот на државата, избрани или именувани функционери во и од Собранието, во и од Владата, во судовите, Јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје и одговорни лица во политички партии против изборите и гласањето; животната средина и природата; културното наследство и природните реткости; јавни финансии, платен промет и стопанство.
Со законското решение што ќе биде изгласано треба да се знае и дали специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, ќе добие уште еден мандат и ќе остане на чело на СЈО и дали ќе се намали буџетот на ова обвинителство, кое зема многу повисоки плати од обвинителите во редовните обвинителства и има многу повеќе ресурси. (Ф.Ф.С.)