Стартува имплементацијата на договорот: „Северна“ ќе се вградува од Преспа до Брисел


Стартува процесот на имплементација на договорот за името што го заокружија премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Двајцата шефови на влади треба и да се сретнат повторно во наредните денови за да стават потпис на решението што го постигнаа, а кое експресно наиде на позитивен одек кај меѓународната заедница.

Иако сѐ уште нема конечна одлука дали договорот ќе добие име „преспански“, оваа локација од грчката страна и вчера се споменуваше како најверојатна за потпишување на документот со кој се става точка на четвртвековниот спор. Во таа насока, почнаа да циркулираат неофицијални информации дека на потпишувањето на договорот може да присуствува висок претставник на светската организација и дека во Преспа веќе се во тек подготовките за тој чин.

Додека опозицијата и во двете земји ги критикува отстапките што ги направија Ципрас и Заев во име на компромисот, владите во Скопје и во Атина го трасираат патот за спроведување на договореното. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави вчера дека решението што го постигнаа Заев и Ципрас ќе биде разгледано деновиве на владина седница, по што ќе биде јавно објавено.

Откако двете страни ќе го потпишат договорот, следниот чекор што треба да го направат македонските власти е да го достават документот до парламентот за ратификација. Ратификацијата на договорот во македонското Собрание се спомнува како клучен момент за Грција потоа да испрати допис до генералниот секретар на НАТО и до претседателот на Европскиот совет, како известување дека веќе не постои пречка Македонија да добие покана за членство во Алијансата и датум за почеток на преговори со ЕУ. Со оглед на тоа што до самитот на Европскиот совет има уште само петнаесетина дена, намерата е договорот што поскоро да се најде во парламентот, да биде ставен на дневен ред и да биде изгласан.

Според првичните информации, во зависност од тоа кога ќе биде потпишан, договорот би можел да се најде во парламентот веќе в понеделник или во вторник. Притоа, како прва можна пречка до неговата ратификација се спомнува Комисијата за надворешни работи, низ која треба да помине договорот пред да се најде на пленарна седница.

Со таа комисија претседава Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој пред извесно време, слично како и претседателот Ѓорге Иванов, бараше од Владата и од министерот за надворешни Никола Димитров да му достават информации и документи за текот на преговорите, а потоа, преку социјалните мрежи, ја бомбардираше јавноста со информации и шпекулации околу развојот на настаните на релација Скопје-Атина, во најкритичните денови пред постигнувањето на договорот. Сепак, оваа евентуална пречка не е непремостлива бидејќи претседателот на парламентот може да овласти друг пратеник да претседава со седница на која било комисија.

Следниот пресметан ризик во парламентот е можноста опозицијата да ја одолговлече дискусијата за законот за ратификација на договорот со Грција. Сепак, проценките во владејачкиот табор се дека тоа нема да се случи. Односно, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да си дозволи да го блокира документот кој е шанса Македонија да добие преговори со ЕУ уште овој месец.

Проценките во парламентот се дека за ратификација на договорот може да се очекува поддршка од 72 пратеници од мнозинството, како и од двете партии на Албанците кои останаа во опозиција. Исто така, првичните проценки се дека има механизми и за превенција на евентуалното вето од Иванов.

Наводно, ратификацијата на договорот во парламентот со солидно мнозинство е сама по себе доволна за да се одоброволи грчката страна да го испрати дописот до Брисел дека нема веќе пречки да продолжи интеграцискиот процес на Македонија. За тоа писмо да биде испратено нема да се чека да помине рокот од една седмица во која Иванов треба да се изјасни дали го прифаќа законот за ратификација на договорот или, пак, ќе го врати во парламентот на повторно гласање.

Доколку на крајот на овој месец и кон средината на следниот се исполнат очекувањата на Македонија за добивање почеток на преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО, следната етапа од имплементацијата на договорот Скопје – Атина ќе биде референдумот што Заев го најави за почетокот на есента. Одлуката од плебисцитарното изјаснување потоа треба да се преточи во уставни измени, за чие прогласување е потребно двотретинско мнозинство.

Иако премиерот Заев, при соопштувањето на деталите од договорот со Ципрас, изјави дека „Република Северна Македонија“ ќе влезе во македонскиот Устав со амандман, грчките власти и натаму го користат терминот „уставна ревизија“.Се спомнува промена на над 150 уставни членови, вклучително и преамбулата, односно секаде каде што треба да се замени досегашното уставно име – Република Македонија. Освен тоа, најавено е дека треба да се интервенира во уставниот член кој се однесува на грижата за македонското малцинство во соседните земји, поточно тој член треба да се избрише, затоа што за оваа проблематика ќе се почитуваат меѓународните правила.

Александра М. Митевска