Македонија напредува, но кон што? Мицкоски исцрта црвени линии за ЕУ


Лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер на македонската влада, Христијан Мицкоски вечерва во Струмица на одбележувањето на 36-тиот родеднен на партијата порача дека Македонија забрзува и дека се движи напред, нагласувајќи дека местото на нашата земја е во Европската Унија, но не по цена на отстапки поврзани со националниот идентитет.

Во опсежниот говор Мицкоски се осврна на многубројни теми, од економијата за што рече дека сме меѓу првите пет еконимии според растот на БДП, на опопзицијата за која што рече дека веќе не е релевантна за споредба, на непочитувањето на човековите права на Македонците во Бугарија и непринципиелните барања за нашата земја (што беше единственото што може да се смета поврзано со ЕУ), но и дека нема предавање и дека пред нас стои долг пат, односно маратон. Тој исто така порача дека нема магично мстапче со кое преку ноќ ќе ги реши  децениски напластените проблеми. а најави и реконструкцијна на Владата бидејќи има и министри на кои им била поважна фотељата отколку контактите со народот.

Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија е на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на Европската Унија, порача Мицкоски, но нагласи дека нема да се прифатат отстапки поврзани со националниот идентитет.

„Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија, е таму, на масата во Брисел како полноправна членка на Европската Унија, но тоа нема да биде спринт, туку маратон – порача Мицкоски, повикувајќи на издржливост и борба во процесот на евроинтеграции.

Тој испрати порака до европските институции дека очекува јасни гаранции оти нема да има нови билатерални условувања и дека македонскиот идентитет, јазик и култура се константа и неспорен факт.

„Донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик. И дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема. Нема цена. Нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат гласно и јасно. Нема пазарење со идентитетот наш македонски“, истакна Мицкоски.

Во обраќањето тој ја обвини поранешната власт, сега опозиција, дека со своите политики нанела сериозна штета на државата и на нејзиниот пат кон Европската Унија.

„Создадоа голем проблем на нашиот пат кон Европа, потпишувајќи договори што ја обврзуваат државата на нешто што никој од граѓаните не би го прифатил“- рече Мицкоски, додавајќи дека, според него, тие чекори биле резултат на желба за власт и опстанок на власт.

Во контекст на спорот со источниот сосед, Мицкоски посочи и на пресудите на Европскиот суд за човекови права, нагласувајќи дека правилата треба да важат еднакво за сите.

„Не може само за нас да важат договори и обврски. Или за сите или за никој“, истакна тој.

Мицкоски го повика членството и граѓаните да се подготват за, како што рече, „долга и тешка борба“ за зачувување на националните интереси и напредок кон европската иднина.

Одбележувањето на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ инаку се совпадна со донесувањето на Извештајот за Македонија во Европскиот парламент во кој има бројни сериозни забелешки за земјава, па дел опд говорот на Мицкоски за потребата од донесување заклучок за многувековниот македонски идентитет, може да се смета и коментар на извештајот.

Мотото на прославата е „Македонија забрзува, наша обврска“, при што Мицкоски меѓу другото истакна дека кога една политичка организација е создадена од народот, за народот и во служба на народот, тогаш ниту времето, ниту предизвиците, ниту нападите не можат да ја скршат.

,,На овој роденден сакам да посочам дека ова е сведоштво дека една идеја родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива. Ова е доказ дека кога една политичка организација е создадена од народот, за народот и во служба на народот, тогаш ниту времето, ниту предизвиците, ниту нападите не можат да ја скршат. Вечерва ја славиме истрајноста. Ја славиме вербата, надежта и љубовта кон Македонија“, кажа Мицкоски и додаде:

,,Во овие 36 години имаше многу тешки моменти. Имаше порази, имаше неправди, имаше разочарувања, имаше моменти кога многумина мислеа дека е полесно да се откажеш отколку да продолжиш понатаму. Но секогаш кога некој мислеше дека сме паднале, ние станувавме посилни. Секогаш кога некој мислеше дека сме поразени, народот ни даваше нова сила. Секогаш кога некој сакаше да ја оттурне Македонија назад, се појавуваа луѓе кои беа подготвени да водат, да поведат напред“ истакна Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека разликата е јасна, опозицијата мисли дека се родени за да бидат на власт, а ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните, каузата и татковина.

,,И јасно се отцртува границата и разликата. Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните, каузата и татковина. Затоа и нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но тоа така било и низ вековите. Нашата задача е борба во она што веруваме и се додека сме силни обединети и правиме добро за државата тогаш татковината ќе има сила“ нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека од Струмица ја испраќа најсилната порака, дека идејата ВМРО-ДПМНЕ е посилна од кога и да е.

„Ова е гласот на народот кој знае дека Македонија може повеќе. И затоа вечерва од Струмица испраќаме една јасна порака. Порака што ќе се слушне во секој град, во секое село, во секој дом. Порака која веќе се чувствува насекаде околу нас. А пораката е јасна Македонија забрзува и нема назад.Македонија која забрзува!“ кажа Мицкоски и додаде:

,,И потполно сум свесен дека има и такви кои ќе речат дека сето она што го правиме е недоволно. Дека може повеќе. Дека трпението е помало, затоа што проблемите кои ги наследивме се многу пoголеми. Морам да се согласам со нив и да кажам дека ги разбирам. Но не барајте од мене да не кажувам вистина, или да не бидам искрен. И би сакал, да имам, но немам магично стапче со кое преку ноќ ќе ги решиме проблемите создавани со децении. А тие кои го ветуваа тоа, видовме како завршуваа, со голем дебакл и уште поголемо разочарување. Можам јас да кажам дека правиме чекори напред. Мали, можеби не толку големи, но сигурни, и покрај стотиците, илјадниците проблеми кои ни се оставени, и покрај тоа што камен на камен не беше оставено, и се беше уништено, секоја жртва и енергија за заедничката иднина на граѓаните е достојна и ќе биде дадена. Затоа што Македонија забрзува и тие мали чекори во времето кое доаѓа ќе бидат уште поголеми чекори но сигурни“ нагласи Мицкоски.

Неговата визија, како што посочи, е Македонија да стане држава на можности, а не на изговори. Држава во која институциите работат за граѓаните, правдата важи за сите, а успехот се мери според знаењето, трудот и резултатите, држава која не чека подобри времиња, туку сама ги создава. земја која се движи напред со самодоверба, со јасна насока и со вера во сопствените можности.