Само едно дете проси од згрижените во Дневниот центар во Шутка


Седум родители се гонат кривично бидејќи ги терале своите малолетни деца на питање и на работи што не соодветствуваат на нивната возраст и физичката сила. Од Министерството за внатрешни работи велат дека кривичните дела биле евидентирани до октомври мината година и тоа само во Скопје. Оттаму додаваат дека полициските службеници на дневна основа преземаат мерки што се однесуваат на заштита на животот и личната сигурност на граѓаните.

„До октомври 2018 година само во СВР-Скопје се евидентирани седум кривични дела во кои родител, посвоител, старател или друго лице присилувало малолетно лице на работа која не одговара на неговата возраст и физичка сила“, велат од МВР.

 

 

Деца питачи секојдневно се присутни низ улиците во земјава. Не само што се злоупотребува нивниот труд, туку тие се исклучени и од образованието. За извлекување од кругот на неписменот, сиромаштија и искористување на нивниот труд потребно е да се работи со нив, ама и со нивните родители и другите членови од семејството. Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ посочуваат додека семејствата што се исклучени од системот на социјална и образовна инклузија и заштита, а еден возрасен од семејствата не се вработи, и понатаму социјалниот систем не може да ги заштити децата на улица. Една до две илјади деца според неформалните информации на амбасадата секојдневно се по улиците низ градовите, принудени да питаат, работат или да продаваат одредени производи.

„Питаат за да заработат. Некогаш нивната цена се движи од 500 до 1.000 денари и се присилени од страна на организирани групи што ги шверцуваат или, пак, самите родители се принудени да ги злоупотребат и искористат за да обезбедат егзистенција. На територијата на Скопје се отворени неколку центри за деца од улица, но нивната главна цел не е целосно исполнета за навремено вклучување на децата во градинките и училиштата. Центрите се делумно решение. Ако нема образовна инклузија на децата во воспитно-образовниот процес, тие ќе бидат повторно препуштени на улицата“, велат од „Меѓаши“.

Има успешни примери за отргнување деца од улица. Сега пита само едно од згрижените 110 деца од улица од ромската заедница од четири до 18-годишна возраст во Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари. Таму добиваат храна и чиста облека. Повеќето се запишани на училиште, тимот од стручни лица, како педагог, психолог, социјален работник и одделенски наставник ги научиле на вистински вредности и навики, да одржуваат хигиена, да се едуцираат, да водат здрав живот, ама и кои се нивни права во општеството. Некои едвај чекаат да завршат средно да почнат да работат, други знаат занает. Тимот работи и со нивните родители. Џеват е дете од социјален ризик, мајка му го напуштила, а татко му е в затвор. Оди на училиште, а за него се грижи тимот од Центарот кој успеал да му создаде навики дека писменоста, грижата за здравјето се најважно за натамошниот негов развој.

„Продавам списание, за тоа земам хонорар, задоволен сум и исполнет“, рече Џеват.

Ставот на Министерството за труд и социјална политика е дека вистинскиот механизам за грижа на децата од улица е јакнењето на биолошките родители, пред сè преку сузбивање на сиромаштијата кај семејствата и детската сиромаштија.

„Согласно Законот за социјална заштита воспоставена е вонинституционална форма на заштита и тоа дневните центри за деца на улица, обезбедуваат воспитно-едукативни услуги, советувалишна работа со децата и членовите на нивните семејства, културно-забавни и рекреативни услуги. На територијата на Скопје, Министерството за труд и социјална политика има отворено два дневни центра за деца на улица, во Кисела Вода и Гази Баба“, велат од Министерството.

Од Министерството додаваат дека во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје и две ромски невладини организации изминатиов период активно ја имплементирале Програмата за поддржаното живеење на бездомните семејства.

„Овие 11 месеци престојуваа во заеднички простории на установа за социјална заштита, по што во октомври 2018 се обезбедија контејнери за самостојно живеење и престој за секое семејство. Бројот на деца сместени со нивните родители изнесува 60, на возраст од 0 до 18 години“, подвлекуваат од МТСП.

Дури 27 деца од оние што добија сместување во контејнери не биле запишани на училиште. Од почетокот на учебната година 2018/2019 година се вклучени во образовниот процес, а десет се запишани во градинка.

Вероника Мароска-Леова