Преспанскиот договор му поставува рокови и на Брисел


Имплементацијата на Преспанскиот договор зависи и од тоа дали во јуни ќе добиеме датум за почетокот на преговорите за членство со Европската Унија, предупреди Бојан Маричиќ, шеф на македонскиот технички тим за преговори со ЕУ Тој посочи дека нашата земја се труди да ги исполни условите што лани ни ги поставија партнерите од Брисел и тоа, всушност, е главната цел за владата во Скопје: да си ја завршиме домашната задача, па што биде нека биде. Од друга страна, невладините организации што се занимаваат со европски прашања сметаат дека земјата доцни со реформите во клучните сектори, но, оти, на крајот, сепак е можно да добиеме ветер во крилја, иако многу работи зависат за евентуален таков епилог.

Да си ја завршиме домашната задача

Во рамките на подготвителниот скрининг, Македонија и Европската комисија се во осмата сесија од Првото поглавје – заеднички пазар на стоки. Во следниот период нашиот преговарачки тим очекува да биде заокружена и преговарачката структура што треба да ја дочека одлуката во јуни, со надеж дека ќе биде позитивна, по што би почнале преговорите со ЕУ. Европската комисија на македонските преговарачи им ги презентира основните принципи на кои почива правото на ЕУ, по што ќе се прават извештаи колку сме блиску до тие принципи.

Македонскиот преговарачки тим тврди дека сме блиску да ги исполниме трите основи патеки по кои се движи Владата: исполнувањето на Преспанскиот договор, реформите и заокружување на преговарачките тимови, но оти биле свесни дека исходот зависи и од резултатите на европските избори и од расположението на земјите членки.

Сите оние што одлучуваат за почеток на преговори треба да знаат дека има повеќе фактори што се поврзани и зависат од почетокот на преговорите, вклучувајќи го и Преспанскиот договор. Самата имплементација на договорот за името, во еден свој дел, во однос на внатрешната примена на новите имиња и терминологија, е врзана со почетокот на преговорите во поглавјата од правото на ЕУ. Мислам дека никој не би сакал да се доведе во ситуација во која, поради неносење одлука за преговори,ќе се блокира целосната имплементација на Преспанскиот договор. Затоа, се надеваме дека тоа ќе го имаат предвид државите членки кои одлучуваат и Европската комисија, дека и Преспанскиот договор и реформите се директно поврзани со почетокот на преговорите. Евентуално недонесување на одлуката, секако, негативно би влијаело врз овие процеси и би го пресекло логичниот тек на настаните досега и натамошниот развој на државата. Доколку тоа не се случи, ќе се направи некаков план заедно со ЕК, но ние сме убедени дека ќе имаме преговори“, вели Маричиќ.

Тој објаснува дека во договорот од Преспа постојат два вида транзиција во промената на користење на називите: за меѓународна и за домашна употреба. Во делот на меѓународната употреба започнува веднаш и трае пет години. Но, политичката транзиција е врзана за внатрешната употреба на имињата и терминологиите и таа е врзана со временски рок од пет години од почетокот на секое поглавје, од областа на поглавјето.

Да речеме за конкуренција, од почетокот на поглавје, па пет години понатаму, имаме време да си ги усогласиме сите термини во таа област со новото име и новите терминологии, така што часовникот почнува да отчукува пет години тогаш кога ќе се отвори определено поглавје. Затоа е во интерес и на нас, и на Грција, и на ЕУ да се отвораат поглавјата побрзо за динамиката на спроведување да биде поефикасна“, нагласува шефот на македонскиот преговарачки тим.

Не си ја вршиме домашната задача

Љупчо Петковски, кој е извршен директор на невладината „Евротинк – Центар за европски стратегии“, смета дека добивањето датум за преговори за ЕУ, пред сè, ќе зависи од внатрешните политички динамики во некои држави членки, алудирајќи на претстојните европски избори.

Тешко може да се предвиди исходот и чиј тип интереси ќе преовладеат. Погледнете што се случува со Франција и претседател Емануел Макрон. Очекувам (не)добивањето датум да биде политичка одлука, која ќе зависи од геополитичките интереси. Загрижува тоа што ние не си ја завршивме домашната задача. Решавајќи го спорот со името, покажавме дека немаме капацитет да водиме паралелни процеси и реформи. Пазарот со амнестијата создаде слика дека нема нешто што не може да се испазари, а од друга страна, ЕК го поздрави законот“, анализира Петковски.

Според него, реализирањето на реформите не треба да ни биде мотив само поради членство во Унијата, туку за да се врати довербата на граѓаните кон институциите. Политичките канџи да се оттргнат од правото, а процесите да се водат многу потранспарентно.

Не е важно само да донесете некој закон и да речете дека тој е проевропски или прореформски. На пример, не е важно дали во Антикорупциска ќе седат тројца, пет, седум или девет члена, туку кои се тие. Ни требаат професионалци во своите ресори. Не може со истите луѓе што две и пол децении се креатори на кризите во општеството да правиме реформи. И попуст не смее да има, зашто во спротивно ќе се оствари предупредувањето на Рајнхард Прибе дека една заробена држава ќе се замени со друга“, заклучува Петковски.

Франција, Холандија и Данска важат за најголеми противници на стартот на преговорите бидејќи, според нив, нашата земја не прави доволно за да ги реформира проблематичните точки во општеството. Стравувањата во политичките кругови се дека истото ќе се случи и годинава.

Горан Адамовски