Пописот: Како да се лажеме статистички


Ило Трајковски

Што им е заедничко на лажењето и статистиката? Статистички гледно, за нова година јадевме сарма. Имено, некои јадеа месо, а други посна зелка. Во просек сите јаделе сарма! На оваа анегдота се потсетив деновиве, благодарение на упорноста на директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС). Неговите аргументи против вклучувањето на прашања за етничката и религиската припадност во следниот попис на населението ме потсетија на насловот на книгата „Како да се лаже со статистика“.
Оваа мала книшка е напишана во 1956 година од новинарот Даел Хуф. Таа во текот на шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век стана стандардна литература за изучување на статистика во западните земји, а подоцна и бестселер со тираж од милион и половина примероци и тоа само на англиски. Главна поента на книгата е укажувањето дека статистиката не се сведува на голи бројки, туку дека различните „статистики“ се показатели. Тие со бројки покажуваат нешто, покажуваат состојби и процеси во некоја маса единици – природни, општествени, хуманистички. Но, тоа што го покажуваат не е видливо од самите статистички бројки. Покажаното треба да се бара во значењата на статистичките показатели, а тие се содржани во дефинициите на поимите кои се претставени со нив.
Така, според директорот на Државниот завод за статистка, овде посочен не во лично својство туку и самиот како показател или претставник на авторитетот на статистичката наука и на статистичките власти во државата – етничката и религиската статистика не се прости бројки туку вистински причини за неуспехот на пописот од 2011 година. Поради таквото политичко значење на етничките и религиските статистики, кај нас директорот предлага, а Министерството за правда неговиот предлог го издига во нацрт-закон за попис на населението. Согласно информациите достапни во јавноста, наредниот попис на населението нема да содржи прашања за етничката и религиската припадност на лицата кои ќе бидат опфатени со пописот.
Ваквиот предлог е политички и научно интересен и повикува на сериозна јавна дебата. Но, неа сè уште ја нема иако, според достапните информации, нацрт-законот е во владина процедура. Наместо организирана научна и стручна дебата јавноста е запознаена единствено со реакции на, кој друг ако не, на политичките партии и на два-тројца новинарски испровоцирани академици. Она што ја поттикнува оваа моја размисла е фактот што сите реакции во однос на предлогот за етнички и религиски игнорантски попис подеднакво силно го критикуваат сите позначајни политички партии. Се прашуваме што е она што ги тера да дуваат во иста труба инаку лутите противници – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА и АА, но и турските и ромските и српските политички лидери? И ако постои таква согласност меѓу сите релевантни политички партии, од каде произлегува храброста и моќта на ДЗС, претставен во ликот на неговиот директор за таков појавно самостоен предлог и настап? Дали можеби ДЗС е првиот пример за толку посакуваната институционална автономија и стручен интегритет? Дали сме сведоци на отворено ривалство меѓу статистиката и политиката?! Но, директорот, нели, го именува Владата на РМ, а Владата е партиска и, како таква, при селекцијата на кадри за пополнување на јавните институции доследно се придржува до критериумот за партиската припадност! Погледнато од таа перспектива, во случајот поверојатно станува збор за нешто друго. Одговорот го бараме во насловот на понапред посочената книга – „Како да се лаже со статистика“.
Како инаку да се разбере ваквото радикално прекинување со традицијата на водење етничка и религиска статистика? Таа седумдесетгодишна традиција кај нас е почната со пописот од 1948 година и се повторуваше во сите наредни пописи. Сите до еден содржат прашања за етничката и религиската припадност. Точно, терминологијата е различна и различни се дефинициите. Но, во сите досегашни осум пописи на населението имало показател за етничката и религиската припадност. Етничката припадност, на пример, се утврдувала со различни термини.
Во пописите од 1948, 1953 и 1964 се користи терминот „народност“, а терминот „етничка припадност“ како истоветен со терминот „народност“ се воведе со пописот од 1971 година. Во наредниот попис од 1981 година, потоа во неуспешниот попис од 1991 и пописот од 1994 година со исто значење се воведува терминот „националност“, односно „национална припадност“. Оваа замена на термините без прецизно дефинирање на нивните значења и специфики најдобро се гледа во одредбите од законот за пописот на населението од 2001 година, според кој беше изведен пописот од 2002 година. Во него, во член 9 став 6 етничкото се опрерационализира преку три карактеристики на лицата опфатени со пописот: нивната национална припадност, мајчиниот јазик и вероисповедот. На идентичен начин етничката припадност беше определена и во законот за попис на населението од 2011 година.
Токму неуспехот на овој попис од 2011 година, од страна на директорот на ДСЗ се користи како главен аргумент за прекинување со етничката и религиска статистика. Предобро и прелесно придвижување кон една етнички и религиски „слепа“ статистика! Ваквата етнички неутрална статистика повеќе се чини дека е во функција на опасноста на која многу одамна нè опомена Даел Хуф. За да не ни се случи таква манипулација со статистиката и да не бидеме пренесени жедни преку вода, неопходно е отворање на јавна стручна расправа за ова прашање.
Добар пример за тоа може да бидат дискусиите кои како повод на обидите за воведување на етничка статистика се водат во Франција во последните десетина години. Обидот на тамошниот Национален институт за демографски истражувања (каков што кај нас не постои) во едно свое истражување, а на поттик од тогашната влада, да воведе индикатори за етничката и расната припадност предизвика огромни реакции. Врв на тоа беше научна конференција со учество на сите главни чинители (политички партии, државни институции, здруженија за борба против расизмот и дискриминацијата, печатени и електронски медиуми и на 300 истражувачи). Конференцијата не резултираше со единствен заклучок во врска со потребата, претпоставките, ризиците и последиците од воведување на етничка статистика. Двете спротивставени страни останаа на своите позиции. Но, по внимателното ислушување на противаргументите и двете страни се поинформирани за своите предности и слабости. На крајот, одлуката е пак политичка, но врз основа на уважување на научните аргументи и противаргументи, a врз основа на манипулација и заплашувања со статистички операции.
Етничката и религиската припадност и статистика сами по себе не се конфликтни. Конфликтен е процесот на етнизација и религизација на статистиката и на другите јавни добра. Тоа нужно не се изведува само со етноцентиризам или пренагласување на етничкото. До тоа може да доведе и актуелниот предлог за некакво административно-техничко и технократски оправдано игнорирање на етничките аспекти на општествениот живот кај нас. Наместо статистика, која замижува пред етничките и религиски предизвици, на земјата ѝ е потребно придвижување кон една научно фундирана постетничка и пострелигиска статистика. До тоа може да се дојде со уважување, а не со игнорирање на феноменот на етничката припадност и разнообразност како неумолив општествен факт, чија научна и политичка важност веќе не зависи од бројчените пропорции.