Случај „Поштенска банка“: Во Македонија со пари од банка се купува банка


Избледеното сеќавање за Поштенската штедилница го освежи новата истрага на Специјалното јавно обвинителство „Поштенска банка“, случај во кој се осомничени двајца поранешни премиери и познати бизнисмени. Според СЈО, криминалот бил направен уште во 2001 година, а истрагата за него се отвора 17 години подоцна. Незаконските дејствија во овој случај ги покажуваат прислушуваните разговори што ги поседува СЈО.

Според овие докази, двајцата бизнисмени, поранешниот градоначалник на Кочани и бизнисмен, Ратко Димитровски, кој е сопственик на фирмата „Европа 92“ и Томе Главчев, сопственик на конфекцијата „Ноел“ од Гевгелија со помош на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски и тогашниот министер за финансии Никола Груевски ја купиле Поштенска банка со кредити земени токму од оваа банка. Кредитите им ги одобрил Коле Смилевски, како генерален директор на Поштенска банка. Токму за нив СЈО побара притвор, но судот го одби барањето и наместо тоа на Смилевски му го зеде пасошот, а останатите двајца треба да се јавуваат во судот. Во овој случај незаконски била прибавена имотна корист од пет милиони евра.

Републичкото јавно обвинителство досега не отворило никаква истрага за овој случај и тогашниот обвинител Александар Прчевски се прогласил за ненадлежен. Специјалното јавно обвинителство отвори истрага, но засега нема право да покрене обвинение бидејќи рокот од 18 месеци, откога ги презеле прислушуваните разговори, е поминат. Делото е застарено за Георгиевски, Марјан Ѓорчев (кој тогаш беше вицепремиер) и Груевски и тие нема да се гонат. Тогашен гувернер на Народна банка беше Љубе Трпески, кој беше обвинет за давање гаранции за кредитите што Експорт-импорт банка ги зела од странски банки, при што парите завршиле во повеќе фирми контролирани од бизнисменот Методија Смиленски. Тој помина само еден месец во Идризово, а беше ослободен откако Врховниот суд ја укина пресудата.

Хронологија на случајот

На почеток на 2001 година власта на чело со Георгиевски одлучува да ја претвори штедилницата во банка и истовремено да ја приватизира, односно да го продаде мнозинскиот дел од штедилницата. Георгиевски, Ѓорчев и Груевски, со цел да го контролираат функционирањето на Поштенска банка, според истрагата на СЈО, мнозинскиот дел им го продале токму на Ратко Димитровски и Томе Главчев со кои биле договорени однапред и не била организирана никаква аукција за да се јават повеќе заинтересирани. Ним двајцата им биле продадени по 33 отсто од акциите, а државата преку Поштата го задржува останатиот удел со златна акција. Тоа значи дека за клучни прашања не важело мнозинството што го имале двајцата бизнисмени, туку последниот збор бил на државата ако станувало збор за статусни прашања, да се продаде, да се докапитализира. За другите тековни политики одлучувало мнозинството.

Главниот криминал наводно бил направен со парите со кои бизнисмените ги купиле акциите. Тие биле обезбедени со кредит на самата банка, односно самата Поштенска банка им дава пари да ја купат. Оваа постапка, според Законот за банки, е кривично дело. Во 2004 година, кога на чело на Народната банка доаѓа Петар Гошев, со супервизија било откриено што стои зад овој случај. Бил сменет и директорот на супервизија, кој заедно со претходниот гувернер наводно знаеле дека продажбата на дел од акциите била незаконска. Гошев им наложил на бизнисмените да ги вратат парите во банката. Тие двајца подигнале кредити од Еуростандард банка за да ги сервисираат отплатите на парите што ги зеле од Поштенска банка. Доброупатени извори во овој случај за „Независен весник“ велат дека двајцата бизнисмени однапред знаеле дека нема да го вратат кредитот, што и се случило, и по сила на законот Еуростандард банка станала сопственик на тие акции.

Тогашниот гувернер поднел и кривична пријава против нив до Јавното обвинителство, но Прчевски за седум дена му одговорил и се прогласил за ненадлежен, иако обвинителството треба да го штити државниот капитал.

Нашите извори велат дека одговорност има и кај Еуростандард банка бидејќи банката била должна да провери кому и како му дава кредит. Засега нема истрага за оваа банка.

За што се товарат другите осомничени?

Дејствијата на осомничените лица не завршуваат тука. Смилевски, Главчев и Димитровски, со цел незаконски да извлечат пари од Поштенска банка, направиле обид за докапитализација на банката со издавање втора емисија на акции за однапред познати купувачи.

Народна банка не ја одобрила ваквата докапитализација, затоа што управителите на друштвата „Тиквеш“, „Бетон“, МИК, „Венгал“, „Езимит груп“ и „Жито Скопје“ како потенцијални купувачи постапиле спротивно на Законот за банки со тоа што се обиделе акциите од втората емисија во Поштенска банка да ги купат од средствата на истата банка.

Смилевски со управителите на овие фирми склучил договори и на сите им признал побарување во износ од по 13 милиони денари за наводно обесштетување, иако тие не претрпеле никаква штета и реално немале право на вакво нешто.

Притоа, било договорено износот што го примаат правните лица на име обесштетување да биде искористен за затворање на преостанатите обврски кои по основ подигнати кредити од Поштенска банка ги имале правните лица „Ноел“ и „Европа 92“.

Според СЈО, управителите на фирмите Викица Поповски, Зоранчо Митровски, Георги Каратолис, Ристо Милев, Златко Ѓорчев и Кирил Јаневски знаеле за фиктивноста на договорите, но дејствувале како членови на група што се занимава со перење пари.

Груевски и Георгиевски негираат дека се вмешани 

Поранешните премиери Љубчо Георгиевски и Никола Груевски, веднаш по објавувањето на новата истрага, на Фејсбук објавија дека немаат ништо со приватизацијата на Поштенска банка.

„И пред СЈО и сега пред јавноста недвосмислено изјавувам дека немам ништо со приватизацијата со Поштенска банка, а уште помалку со второто дело за кое ги товарат. Се работи за јасни постапки на приватни бизнисмени каде што целиот интерес профит е за нивните фирми. Од сите обвинети личности во животот едно пиво се немам напиено. Жал ми е што и покрај тоа што во СЈО самите ми потврдија дека Томица Главчев трипати ја сменил изјавата повторно решиле да го извалкаат моето име“, напиша Георгиевски.

„Ниту како министер сум имал ингеренции да учествувам, ниту најголем дел од луѓето во тоа време лично сум ги познавал, ниту знам што и дали воопшто имало нешто противзаконско, ниту, пак, на кој било начин сум учествувал. СЈО или кој било друг досега не ме информирал дека се води предистражна постапка за ова, ниту ме прашале нешто за тој предмет. Очигледно, ако во ова време на политички прогони и хајки, не се спомне моето име СЈО не го чувствуваат доволно атрактивен предметот кој го работат“, напиша Груевски.

Димитровски, кој е сопственик на печатницата „Европа 92“, е истакнат поддржувач на ВМРО- ДПМНЕ и нејзин донатор.

Томе Главчев во јуни беше избран за бизнис-личност во Југоисточна Европа, а во јавноста е познат по поддршката на младите во спортот и сопственик на кошаркарскиот клуб „Блокотехна“.

Поштенска банка денес е во сопственост на Еуростандард банка. Банката во сопственост на Трифун Костовски, која поседуваше две третини од Поштенска, во 2014 година ја купи и последната третина, која до денес беше во државна сопственост.

Фросина Факова-Серафиновиќ