Охрид


ЛЕЈЛА САБИТ

За некого бисер, а за некого бижутерија.

За некого семејно наследство, а за некого културно наследство.

За некого природна убавина, а за некого чиста политика.

За некого рај, а за некого пекол.

Или го сакаш, или го мразиш.

Или бегаш, или му се навраќаш.

Лете полн, зиме празен.

Полесно ќе слеташ со авион отколку да најдеш паркинг.

Странците го ценат, ние го потценуваме.

УНЕСКО го штити, ние го загадуваме.

Некој таму бара мир, а некој крева врева.

Некој има поглед од милион долари, а некој станче со едно сопче.

Некој оди за одмор, а некој за сеир.

Некој да мези риба, да плови со чунче или едрилица, а некој да го видат на кафе или на „Охридско лето“.

Сите од Скопје ќе ги видите таму, не е на море, а ќе ве чини како на море.

Плажите полни, езерото празно.

Сите се пржат, никој не влегува во вода.

Да не си ги расипат фризурите, шминката, гелираните нокти и бикинито со мониста.

Никој не мисли на здравјето, сите мислат на изгледот.

Ништо не е природно, сè е вештачко.

Од песокот и камчињата до однесувањето и муабетите.

Познати се мешаат со непознати.

Турбо-фолк со електронска и класична музика.

„Порше“ со „југо“, „Стружанка“ со „Армани“, костум со бермуди, апостолки со високи потпетици.

Во Охрид, како и низ Македонија, секогаш ќе има народ и ВИП, газди, батки со бицепси, убавици од насловни страници, странци што се чудат и понекои домашни туристи со книга в рака.

До следното лето.