Нов случај на заразено дете од морбили


Вкупно 15.000 деца на возраст до 14 години не се вакцинирани со МРП вакцината, која се користи против морбили, рубеола и паротит. Ваквите податоци произлегоа од контролите на терен што ги направија Институтот и центрите за јавно здравје, по прогласената епидемија на мали сипаници во населбата Радишани. Епидемијата беше прогласена откако кај пет деца што оделе во градинката „Ташко Караџа“ беше дијагностицирано дека се заразени со морбили, односно мали сипаници, од кои четири беа хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Со морбили се зарази и еден возрасен кој е во роднинска врска со едно од децата. Епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје истакна дека согласно препорачаниот календар за имунизација, опфатот е посебно низок кај предучилишните деца, односно, од вкупно 39.009 деца родени во период 2013-2017 година, дури 29 отсто не се вакцинирани.

„Овие податоци се порака до родителите да ја разберат сериозноста на ова заболување и реалниот ризик за проширување на епидемијата во Македонија и навреме да ги заштитат своите деца. Кај девет од десет лица што биле во контакт со заболено лице постојат сериозни услови за ширење на епидемијата, во Скопје и во останатите градови во државата“, рече Микиќ.

Дури 53 отсто од децата родени во 2017 година не се вакцинирани со МРП вакцината, додека од децата родени во 2016 година невакцинирани се повеќе од една третина. Опфатот со прва доза МРП вакцина за предучилишни деца е најнизок во општините Центар, Карпош и во Аеродром, каде што речиси половина од децата се невакцинирани, додека пак висок процент на вакцинација со МРП вакцина се бележи во Општина Сопиште, каде што сите се вакцинирани. Билјана Данаиловска од Центар за јавно здравје – Скопје подвлече дека загрижува податокот дека невакцинирани или некомплетно вакцинирани се 20 отсто од децата во прво одделение. Додека се вршат контроли на вакциналните картони бројот на нови случаи на заразени со морбили расте.

„Во вторникот регистрирано е уште едно дете од истата предучилишна установа во Радишани со клиничка слика на морбили, за кое се чека лабораториска потврда. Сите лица се во добра здравствена состојба и во фаза на заздравување“, подвлече Данаиловска.

Претседателката на Комитетот за имунизација при Министерство за здравство, Александра Грозданова, кажа дека веќе се одржани две работни средби на работна група со претставници од Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за да се разгледаат можностите во законската регулатива за право на заштита на децата од заразни заболувања, со цел соодветна имунизација и нивна навремена заштита.

„Препорака од работната група е во следниот период превентивни здравствени тимови да ги посетат предучилишните установи и училиштата, имајќи предвид дека најголем дел од родителите имаат прашања и дилеми во однос на вакцинацијата“, објасни Грозданова.

Здравствените власти апелираа до родителите навреме да ги вакцинираат и со тоа да ги заштитат своите деца. Укажаа дека вакцината е единствената безбедна и ефикасна мерка за спречување на епидемијата и заштита на децата од можните сериозни компликации од малите сипаници. Алармот за вакцинација го вклучија зашто последнава епидемија од морбили е трета годинава. Посочија дека во Србија од 5.700 заболени од морбили лани починаа 15 лица.

Вероника Мароска-Леова