Тага, болка и неверица: Погребан Владо Јаневски
Семејството, роднините, пријателите и колегите од естрадата денес за последен пат се простија од поп-ѕвездата Владо Јаневски, препознатлив како врвен текстописец на своите хитови, од почетоците во „Ластовица“ и „Куку леле“, до успешната соло кариера која му донесе статус на ѕвезда со песни кои ги одбележа сите генерации. Неверица, болка и тага денес се измешаа на последното испраќање на гробиштата во Бутел во Скопје.

Јаневски почина завчера, по кратко боледување, на 65 години, на една од скопските клиники. Замина тивко, без поздрав, ко вчера да беше неговиот мегаконцерт во февруари заедно со Бајага, во „Борис Трајковски“.

Неговите песни не беа само музика- беа спомени, љубови, надежи и дел од животот на многумина. Во секој стих се чувствуваше неговата душа, а во секоја нота неговата посебна емоција што знаеше да допре до секого. А неговите спотови беа чиста перфекција – прв е кај нас кој ги промовираше со познати личности, место него.Неговото творештво ќе продолжи да живее преку безвременските хитови што ќе се пеат и паметат уште долго. Тој остави зад себе наследство што ги надминува времето и просторот, поврзувајќи луѓе , генерации и животи преку музика што никогаш не избледнува.