На солзите на ВМРО-ДПМНЕ ретко кој им верува


Александра М. Митевска

Атмосферата на летаргија и очај на протестите на кои почна да излегува секојдневно до вчера владејачката ВМРО-ДПМНЕ, всушност, ги отсликува состојбите во партијата по нејзиното заминување во опозиција.

Скромниот кворум што веќе една седмица се собира пред Министерството за правда е жив доказ дека на ВМРО-ДПМНЕ ѝ беше многу полесно да организира контрапротести за што било, во секое време и против сите нејзини неистомисленици – додека ги контролираше сите можни лостови на власта. Затоа, пак, сега е повеќе од очигледно дека ѝ недостига енергија на барикадите. А, би требало да биде обратно!
Правото на протест е едно од основните човекови права, запишано во Уставот на државата. Од тој аспект, неспорно е дека и членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ можат слободно да го изразат својот револт низ скопските улици, особено сега откако заминаа во опозиција. Но, и покрај тоа, неодминлив е впечатокот дека нешто не штима во првите протести на кои излегува ВМРО-ДПМНЕ откако на локалните избори ги изгуби и своите најсилни упоришта.

Темата на протестите, секако, е една од причините за слабиот одѕив на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. Сликите од крвавата вечер во парламентот, на 27 април годинава, го обиколија континентот, па и пошироко. И иако оттогаш поминаа повеќе од седум месеци, грозоморноста на тие кадри остана врежана во колективната меморија. Затоа е невозможно да се направи каква било споредба меѓу тој чин што сега е квалификуван како терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и постапките на истражните органи што ВМРО-
ДПМНЕ ги нарекува „политички прогон“.

Една работа е да бараш правичен процес и пресумција на невиност за осомничените за „крвавиот четврток“ во Собранието – и тоа е сосема легитимно. Но друга работа е да бараш амнестија за оние што тогаш го поттикнаа обидот за државен преврат, обидот за убиство на Зијадин Села, раскрвавувањето на носот на Зоран Заев, па и влечењето за коса на Радмила Шекеринска…
Многумина поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, можеби, ја сфатија нелогичноста на причините на кои се повикува партиското раководство при организацијата на протестите. Нелогичноста, пак, на локацијата на која најчесто се собираат последните најлојални протестанти на ВМРО-ДПМНЕ е посебна приказна.

Да протестираш против „режимот на СДСМ“ или против одземањето на имунитетот на пратениците пред институција што ја раководи ДУИ и на чиј министер ретко кој му го знае името, е слично како да протестираш пред слаткарница поради зголемената тежина кај децата како резултат на неправилна исхрана.
Сеедно што таа институција се вика Министерство за правда и што под нејзина капа се правосудните органи во државата, чудно е што ВМРО-ДПМНЕ реши да протестира токму на ова место, додека, на пример, нејзините изливи на револт во парламентот се сведени единствено на отсуство од седниците на кои се расправа за имунитетот на шестемина осомничени пратеници. И секако на постојаното одложување и презакажување на амандманската расправа за буџетот за 2018 година во матичната собраниска комисија.

Конструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, каде што партијата е најмоќна моментно, едноставно, е обратнопропорционална на нејзините обиди за радикализација на улица, каде што, пак, очигледно, не ѝ оди најдобро.

Слабата посетеност на собирите на ВМРО-ДПМНЕ е своевиден показател и за тоа дека ова партиско раководство веќе нема кредибилитет да собира народ на протести. Особено кога тие протести се однесуваат на санкции за одредени штетни политики што истото тоа раководство ги спроведуваше додека беше на тронот на власта.
Од тој аспект, претпоставка е дека членството на ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе има уште многу причини за протести, со оглед на процесите што се водат за голем број членови на досегашното раководство и на постапките што се очекува да бидат отворени во наредниот период. Само прашање е кој би ги предводел идните протести, со оглед на оставката што ја подготви Груевски. Односно, дали неговиот наследник ќе сака да продолжи со барикадите и да биде нов експонент на старите политики на ВМРО-ДПМНЕ или, пак, ќе ја прифати одговорноста за грешките и ќе ја насочи партијата напред.