Наставниците не сакаат уште еден филтер за кариерата


Министерството за образование и наука подготви измени на Законот за Академијата за наставници и на Законот за наставници во основните и во средните училишта со кои се одложува нивната примена, така што место од оваа учебна година да започнат една година подоцна – од учебната 2019/2020 година. Целта на предложените законски решенија е да се создадат оптимални услови за почнување со примената на законите. Министерот за образование и наука Арбер Адеми за „Независен весник“ вели дека законите се донесени уште во 2015 година, а измените се направени бидејќи за имплементација е потребно обезбедување буџетски средства и соодветен простор каде ќе биде сместена Академијата.

„Примената на законите се одложува бидејќи не се обезбедени соодветни услови за нивна имплементација. Примарен е Законот за Академија за наставници со кој е уредена целокупната постапка, т.е. како ќе оди лиценцирањето на наставниците. Потребно е обезбедување на буџетски средства и соодветен простор каде што ќе биде сместена Академијата. Бидејќи не е формирана Академијата, се одложуваат и напредувањата во звања и кариерниот развој на наставниците. Законите се поврзани. Во Министерството во тек е реформа, односно подготовка на втора верзија на Законот за основно образование. Потребно е усогласување на законите“, рече Адеми.

Примената на Законот се одложи и во 2016 година, така што ова пролонгирање не е прво. Академијата за наставници требаше да почне со работа во учебната 2015/2016 година, а нејзиното основање беше идеја на претходната влада. Во декември 2014 година тогашниот министер за образование и наука Абдулаќим Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски најавија дека преку Академијата ќе се врши подобрување на стручната компетентност и подготвеност на веќе вработениот наставен кадар во основните и во средните училишта, ама ќе се работи и на стручно усовршување на идните наставници, односно на студентите кои завршиле еден од наставничките факултети. Во законот стои дека седиштето на Академијата ќе биде во Скопје.

Според Законот, Академијата требаше да организира обука за наставниците заради стекнување теоретски знаења и вештини и заради унапредување на квалитетот на воспитно-образовната работа. Времетраењето на програмата за обука кај учесниците со завршени студии на наставнички факултет треба да трае осум месеци, од кои три теоретска настава и пет месеци практична обука. За учесниците со завршени студии, кои немаат наставна насока програмата за обука, треба да трае вкупно 12 месеци – четири месеци теоретска и осум месеци практична обука. За веќе вработените наставници во основните или во средните училишта програмата за обука ќе трае шест месеци – три со теоретска настава и три со практична обука. На крајот, на кандидатот што ќе го положи испитот му се издава лиценца за наставник.

Во Законот уште стои дека на кандидатот што се стекнал со лиценца за наставник при вработувањето во училиште му се исплаќа плата за наставник зголемена за три илјади денари месечно. Ако наставникот во рок од три години од денот на стекнувањето со лиценца за наставник не се вработи во училиште, му се исплаќа месечен надоместок во висина од 80 отсто од просечна месечна плата исплатена во Македонија. Лиценцата се издава за времетраење од пет години, но со обврска да се обновува трипати, по што станува трајна.

Професорот Људмил Спасов од Филолошки факултет „Блаже Конески“ за „Независен весник“ вели дека за да почне Академијата за наставници да работи, треба претходно да има договор помеѓу педагошките факултети со оние што ќе раководат со Академијата, со цел да нема поклопување на областите. Според него одложувањето на примената најверојатно е резултат на дискусиите и спротивставените ставови на професорите Академијата да не започнува со работа поради постоењето на наставнички факултети.

„По една логика треба да има Академија за наставници, по друга логика не. Зошто академија за наставници кога има педагошки факултети? И за да се воведе таа Академија, а во принцип може да се воведе, потребен е договор помеѓу педагошките факултети и тие што мислат оваа Академија да ја водат – прво, за да не се преклопуваат областите, и второ, за да не се доаѓа до немили ситуации. Зошто да го „буткам“ некој кој завршил на педагошките факултети на Академија на наставници? Затоа треба да најдат заеднички јазик, ако воопшто се отвора, или да не ја отвораат. Примената веројатно се одложува поради ставовите на професорите. Зошто да се дуплира работа за наставниците и оние кои завршуваат на педагошките факултети кога веќе постои еден филтер? Во ред е да има наставникот лиценца, ама не е во ред некој да изгуби уште една година заради неа“, повлече Спасов.

 

  Се одложуваат и напредувањата

Со измените што се во процедура ќе се одложи и примената на Законот за наставници во основните и средните училишта за една година. Овој закон предвидува континуираното стручно усовршување на наставникот и напредување во звањата. Категоријата наставник се добива со завршување на Академијата за наставници и добивање на лиценца за наставник. Наставникот може да напредува до наставник-ментор и наставник-советник. Работните должности на наставниците со звање наставник-ментор, освен редовните задолженијата, опфаќаат и менторирање на студенти од факултетите за наставници и Академијата за наставници, менторирање на колеги што имаат поддржан професионален развој и изготвување на развојни политики на училиштето согласно стекнатите компетенции за наставник-ментор.

Вероника Мароска-Леова