Многу судски процеси, малку правда


Кофата што ја собираше водата од расипаната клима во судницата во старата зграда на Кривичниот суд ја прескокнаа речиси сите обвинети функционери од минатата власт. Најчесто од таа судница новинарите ги пренесуваа најважните случувања од судските процеси на Специјалното јавно обвинителство кои на почетокот беа симбол на победата на граѓаните над режимот и целосно разголување на криминалот кој го правеа со години. Обвинителите од СЈО беа горди што доаѓаат од таа институција и на новинарите им ги најавуваа „бомбите“ од кои биле запрепастени додека ги слушале и собирале докази за предметите што ги водат. Но работите не излегоа така како што се очекуваше.

Првиот удар за правдата се случи кога избегаа главните обвинети за нелегалното прислушување, поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски. Јавноста го голтна ова верувајќи им на институциите дека не направиле никаков пропуст и не го дозволиле бегството на главните играчи во УБК.

Судењата продолжија, судските згради и кафулињата во новата барокна катна гаража до судовите станаа главното место каде што можеа да се најдат поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Иако со смената на власта веќе беа разобличени, нивните приватни разговори ги слушаше и читаше целата јавност, во своето однесување не манифестираа ниту грам чувство на срам или грижа на совест. Сето тоа за нив беше политички прогон. Поранешниот премиер Никола Груевски на судењата доаѓаше со своето обезбедување и не пропушташе да ги поздрави новинарите, а понекогаш и да поразговара со нив. Отворена комуникација со нив имаше и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која во неформалните разговори со новинарите го раскажуваше своето секојдневие со новородениот син.

За разлика од нив, новинарите беа непожелни за останатите обвинети, за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, за поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски… Сепак, најмногу внимание во судовите привлекуваше поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој додека беше на раководната позиција беше недостапен за јавноста и новинарите. Изјави за медиумите не сакаше да дава и, за разлика од поранешните функционери, кои на паузите од судењата седеа во најблиските кафулиња, Мијалков со своето обезбедување правеше пауза на друго место, за да не го гледаат новинарите.

Кога пукна пролетта, пукнаа и првите пресуди за случаите кои беа отворени при промената на власта. Првата беше ослободителна, за актуелниот премиер Зоран Заев. Обвинителството во последен момент го преквалификува делото за него и наместо за примање поткуп го гонеше за барање поткуп, односно дека додека бил градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов-Сачевалиев за изградба на црква. Иако во судечкиот совет за овој случај беше судијката Добрила Кацарска, сепак, таа не учествуваше во носењето на пресудата бидејќи со измените што ги направи обвинителството, за кривично дело за кое е предвидена затворска казна од пет години постапува само еден судија. На премиерот, со растреперен глас му пресуди судијата Дарко Тодоровски кој рече дека јавниот обвинител не успеал да го докаже делото.

За Заев ослободителната пресуда беше трауматичен момент, а по кратко време следуваше трауматичен момент за неговиот политички ривал, Груевски. Него го осуди судијката Кацарска на две години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“, но тој не дојде да ја слушне пресудата. По пресудата, даде изјава во Собрание во која порача дека е жртва на политички прогон и дека очекува Апелацискиот суд да ја потврди затворската казна. Откако второстепениот суд пресече дека Груевски ќе оди во затвор, тој даде уште една изјава за медиумите и порача дека тој самиот ја предвидел пресудата на повисокиот суд и единствено згрешил во проценките дека ќе биде донесена пред референдумот на кој граѓаните гласаа се изјаснуваа за промена на името. Сепак, тој ги искористи сите правни лекови за да ја одложи затворската казна. Се жалеше на политички прогон до Комисијата за заштита од дискриминација, која донесе одлука дека судијката Кацарска го дискриминирала и велеше дека ќе пишува книга за докторатот кој го одбрани.

Неговата насмевка на судењата ја зачуди и обвинителката СЈО, Фатиме Фетаи, која на Груевски му рече „Вие сте многу расположени со оглед на тоа дека ви се ближи времето“. И додека целата јавност се насмевнуваше, тој најверојатно се подготвувал за бегството кај неговиот политички пријател во Будимпешта. Судот го канеше да се појави во затвор, а полицијата заедно со медиумите го бараше во багажниците од возилата кои влегуваа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. По неколку дена, Груевски напиша на Фејсбук дека побарал политички азил во Будимпешта. Специјалното јавно обвинителство оценило дека нема потреба да бара притвор за Груевски, иако знаело дека си ги испразнил сметките уште во септември, судот не работеше за викенд, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека не можел да го следи поранешниот премиер. Кој потфрли и кому му избега Груевски, кој во меѓувреме доби азил во Унгарија, обвинителството уште утврдува.

Вечерта додека новинарите го чекаа Груевски пред затворот во Шутка, таму стигна најбогатиот Македонец, Орце Камчев, осомничен во случајот „Империја“. По бегството на Груевски во притвор завршија и неговите најблиски соработници, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски и неговиот братучед Сашо Мијалков. Но пред Нова година судот сите ги пушти од притвор бидејќи специјалната јавна обвинителка оценила дека нема да бегаат, па за сите предложи куќен притвор. И додека судот не работеше за викенд за Груевски, судијката на претходна постапка Весна Димишкова дојде од дома за да го потпише решението и Мијалков од Шутка да си замине дома.

Во име на повисоките цели на власта и обезбедувањето на двотретинското мнозинство во Собрание, пред Нова година, пратениците го изгласаа Законот за амнестија и милост од државата добија 15 обвинети за упадот во Собрание. Први амнестија добија петтемина пратеници кои ги отворија вратите за да влезе толпата во Собрание. Судскиот процес продолжува за Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Горан Ѓошевски, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски и уште петмина кои не побараа амнестија.

Вкупно 33 обвинети за 27 април, заедно со нивните адвокати, судијката, обвинителката и новинарите речиси секојдневно до доцна во ноќта беа на рочиштата во новата зграда на судот. Дел од обвинетите станаа и адвокати, па во своја одбрана им поставуваа прашања речиси на сите сведоци. Додека даваше одбрана, Нинџа на својот адвокат дури му рече да седне и да не му поставува веќе прашања, подготвен да каже сè што се случило. Прашањето „Така ли е?“, стана негов заштитен знак, збор со кој завршуваше секое негово прашање.

Обвинетиот Игор Југ побара од судијката Кацарска, доколку биде осуден, по одлежувањето на затворската казна да го земе за нејзин асистент бидејќи за време на судскиот процес научил сè за правосудството. По макотрпниот судски процес кој сè уште не е завршен, судијката Кацарска одби да ги носи одлуките за тоа кој ќе биде амнестиран. Сепак, решенијата за амнестија ги донесе кривичниот совет и годината која почна со надеж дека правдата конечно стигна во Македонија, заврши со порака дека законот не важи за оние што имаат со што да се испазарат.

Фросина Факова – Серафиновиќ