Мала е гаранцијата дека новата УБК нема да прислушува


Дополнителни овластувања, отсуство на засилени механизми за спречување на партизација на институцијата, нејаснотии околу мерката за следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации со помош на посебни технички уреди и опрема, кои овозможуваат спроведување на мерката без посредство на ОТА и операторите… се само дел од забелешките на експертите околу предлог-законот за формирање на Агенцијата за внатрешно разузнавање која ќе ја замени УБК.

ОТА започна со работа на 1 ноември. Таа е посредничко тело, пренесувач на сигнал помеѓу операторот и институцијата која бара прислушување. Ниту една агенција или институција што поседува опрема за прислушување нема да може да ја користи, затоа што „свичовите“ ќе бидат во ОТА. Конкретно, кога некоја институција ќе добие дозвола, односно налог за прислушување на одреден телефонски број, го кажува бројот, но не и идентитетот на сопственикот, а ОТА го приклучува уредот за прислушување. ОТА не знае чиј е тој број, а тој што бара да се изврши прислушување не може да прислушува без да ѝ каже на ОТА. На тој начин, стапува на сцена првиот контролен механизам, ветуваа надлежните. Но на новата институција со предлог-законското решение не ѝ е одземено правото на прислушување, иако такво нешто беше најавено.

„Основната цел на формирањето на ОТА беше да се реши слободниот пристап до мобилните оператори со цел да се избегнат злоупотребите. Доколку ѝ се овозможи на Агенцијата за внатрешно разузнавање да може да следи и да снима телефонски и други електронски комуникации со помош на посебни технички уреди и опрема кои овозможуваат спроведување на мерката без посредство на ОТА и операторите, треба да биде јасно дефинирано во законот во каков специфичен случај може да се прави тоа“, вели безбедносниот експерт Владимир Пивоваров.

Агенцијата за внатрешно разузнавање се очекува да добие одобрение од пратениците до почетокот на февруари оваа година. Со неа ќе раководи директор чиј мандат е предвидено да изнесува пет години со право на повторен избор за уште еден мандат. Критериумите се високи. Услов е тој да има најмалку 15 години работно искуство на раководни позиции во областа на националната безбедност, разузнавање и контраразузнавање. Заменик-директорот зад себе треба да има најмалку 12 години работно искуство, помошник-директорот 10, началникот на сектор најмалку осум…

Дел од членовите на Работната група која учествувала во изготвување на предлог-законското решение вчера во изјава за „Независен“ реагираа на одредбата според која директорот на Агенцијата го именува и разрешува Владата на предлог на премиерот. Тоа, според нив, нема да овозможи департизација на институцијата според препораките на Прибе. За Пивоваров, пак, таа одредба не е спорна.

„Секаде, и во нашето опкружување, таа служба е под капата на Владата. Притоа треба да се напомене дека овие служби имаат должност до доставуваат неделни, месечни, годишни информации до авторитети во сите останати надлежни институции. Се покажа дека концентрацијата на моќта само во таа институција не е добра пракса“, вели Пивоваров.

За координација на безбедносно-разузнавачката заедница во предлог-законот се пропишува дека ќе се формира совет за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Советот го сочинуваат премиерот, министерот за внатрешни работи, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи, министерот за финансии, директорот на Агенцијата за внатрешно разузнавање, директорот на Агенцијата за разузнавање и раководителот на сектор – Служба за воена безбедност и разузнавање. Со советот за координација претседава премиерот, а на негова или на иницијатива на член на советот, на седниците на советот може да учествуваат и функционери кои раководат со други органи на државната управа, односно државни органи и институции, како и експерти за прашања од надлежност на советот, без право на глас.

Безбедносно-разузнавачкиот сектор постои 73 години – 27 години во независна Македонија. За тој период направена е само една реформа – разузнавањето се одвои од контраразузнавањето. По Прибе, беше конечно одлучено дека мора да се смени однесувањето во тајните служби кои многу скоро треба да станат дел од разузнавачката целина на НАТО, каде што нема основа за грешки поради политички пропусти. (Н.К.)