Критичноста мора да продолжи


Здравко Савески, политиколог и член на Левица

Константно расте бројот на граѓани што се разочарани од владеењето на СДСМ. Сè повеќе станува јасно дека СДСМ воопшто не се променил во тие 11 години опозиција. Не му дојде умот. Не извлече поуки. Остана истата партија каква што беше кога беше на власт. Дури и полошо. Очигледно почна да презема искуства од ВМРО-ДПМНЕ, па почнува да се формира уверување дека СДСМ нема да биде онолку лош колку што беше до 2006 година, туку уште полошо, дека ќе биде ист или сличен на ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт.

Сепак, извлекувањето поуки не е така едноставно како што се чини на прв поглед. Што значи тоа да се извлече поука како правилно да се владее? Дали тоа значи да се почне да се владее во интерес на граѓаните? Или, да се покаже поголема умешност во креирањето илузија дека се работи во интерес на граѓаните? Првото е невозможно за СДСМ, околу второто се трудат, но тешко им оди.

Не може туку-така да се почне да се работи во интерес на граѓаните. Ако така се постапи, тогаш власта нема да биде така слатка. Нема да може да се пополнуваат позициите со „заслужни граѓани“, нема да може да се извлекува лична корист од власта и, најважно, нема да се испорачуваат ветувањата до крупниот капитал кому му се слугува. А тоа, СДСМ, која е клиентелистичка партија и која е во служба на крупниот капитал, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, не може да го направи.

Во таква ситуација и СДСМ, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, ќе прибегне кон креирањето илузија дека работи во интерес на граѓаните. СДСМ си ги знае напатствијата како треба да постапува, но, како и претходно, е помалку вешта од ВМРО-ДПМНЕ во тоа.

Почетокот на мандатот е исклучително важен период за секоја партија на власт која не мисли да работи во интерес на народот. Тогаш треба да се креира позитивна слика за себе и убедување кај граѓаните дека, ете, тие, за разлика од претходните, ќе работат за доброто на граѓаните. Па после, штом ќе се изиграат неколку потези што се потребни за креирањето на оваа илузија, тогаш веќе може да се злоупотребува власта за да се извлекува лична корист. Ако паметно се влечат потезите, секогаш ќе има луѓе што ќе наоѓаат разбирање за непопуларните потези и за кои трошките што им ги фрлиле властодршците ќе бидат доволна причина за тие да продолжат да ги поддржуваат.

СДСМ така и почна. Го укина екстерното тестирање, ја укина радиодифузната такса, ја врати дневната евтина тарифа за струјата, ја зголеми минималната плата, изгласа закон за подобрување на положбата на стечајците. Ама… наместо да го надгради позитивниот имиџ што го имаше во моментот кога дојде на власт, партијата сè повеќе ги разочарува луѓето. Зошто? Што згрешија пустите? Згрешија поради својата нестрпливост. На почетокот на владеењето не треба веднаш да се фрлиш на уживање во благодатите што ти ги дава власта, треба да се воздржиш, да почекаш малку. Креирај си позитивен имиџ, па после стрижи. Тука згрешија.

Прво од партијата почнаа да ги разочаруваат граѓаните со пополнувањето фотелји без критериуми. Немаа среќа кога протече информацијата дека пратениците продолжија да кркаат дебели суми пари по основ на патни трошоци. Додека многумина граѓани маки мачат да врзат крај со крај. А потоа почнаа и со ударите врз животниот стандард на обичниот народ. Наместо ветуваното зголемување на даноците на богатите, удрија врз сиромашните. Како гром од ведро небо решија да ја зголемат акцизата на нафтата. Дополнително ги удрија сиромашните земјоделци со најавата дека ќе им воведат персонален данок. Зашто тие многу пари имаат, нели. За разлика од газдите. Ним, на газдите, решија да им го надоместат зголемувањето кај минималните плати и им овозможија лесен начин како да не плаќаат минимална плата во иднина, преку отворањето на вратничката со т.н. нормиран учинок. Дали цената на водата сепак нема да биде зголемена наскоро, ќе видиме. А буџетот ќе го полнат, и тие како ВМРО-ДПМНЕ, преку задолжување.

Животот, очигледно, нема така лесно да дојде. За обичниот човек, де. За новите властодршци животот дојде на голема врата. Знам дека многумина се понадеваа дека по заминувањето од власт на ВМРО-ДПМНЕ, барем ќе може да се здивне. Нема да мора да се занимаваме со политика. Ќе може да си го живееме животот. Ретко кој се надеваше дека ќе дојде до значителен исчекор во позитивна насока, но многумина веруваа дека ќе се вратиме во „нормала“. А таа „нормала“ обично ја сфаќаат во смисла да има по некоја трошка за обичниот човек и да не се прават поголеми упади во животниот стандард на граѓаните. И да се чепка во медот, во ред тоа (!?), но да се има мерка. Претерано скромен и полн со разбирање за властодршците е нашиот народ! Но, ете, повторно се соочуваме со шокови, со не така ниско ниво на извлекување лична корист од владеењето, со нови упади во животниот стандард, со мерки што провидно имаат за цел со минимум буџетски средства да се креира слика дека се работи во корист на обичниот народ.

Власта, пак, нема да нè остави на мир. Прашањето е како ние ќе се поставиме. Во таа насока една од најважните лекции што мора да ги извлечеме е да не ја повториме грешката од периодот кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година. За потсетување, тие беа далеку поуспешни во креирањето илузија дека владеат добро. Создадоа ретко видена позитивна атмосфера. Ги убедија луѓето дека намалувањето на даноците ќе донесе повисок животен стандард, го јакнеа националното чувство и ја користеа тогашната делегитимираност на СДСМ за да обезбедат поддршка за себе. И секоја критика што беше уште во зачеток ја сечеа преку нејзино поврзување со СДСМ. Во таква ситуација многумина спроведуваа автоцензура, плашејќи се од етикетирањето со делегитимираниот СДСМ. Па критиката на власта која не потекнуваше од редовите на СДСМ доцнеше. Ова воздржување од критика, било поради страв од етикетирање или поради „давање шанса“, ѝ овозможи на ВМРО-ДПМНЕ да се зацврсти на власт толку многу за да може да си го дозволи луксузот да престане да ги слуша граѓаните, да воспостави глува власт, власт до која не допира гласот на народот. Последиците од тоа се добро познати. Без разлика колку беше голем бројот на демонстранти или колку беа скромни барањата на протестите – власта не попушташе.

Затоа, да не ја повторуваме грешката. Да, новата власт ангажира „милиционери“ чија цел е да ја ловат и сузбијат критиката. Да, истиот метод го користат, девалвација на критиката преку нејзино поврзување со делегитимираната најголема опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ. Но не смееме да ја повториме грешката што претходно ја направивме, да оставиме доволно долг период на наоѓање изговори за погрешните потези на власта, во кој период и сегашната власт ќе се засили доволно за да почне да ја игнорира критиката. Гледаме дека критиката знае, понекогаш, да вроди со плод. Не е тоа поради поголемата отвореност за критика на новите властодршци во однос на претходните. Се немаат уште зацврснато на власт за да ја игнорираат критиката. Оттука е нивната поголема „сензибилност“. Таа шанса не смееме да ја испуштиме. Не смееме да се откажеме од критиката и од борбата. Зашто ако поинаку постапиме, повторно ќе добиеме глува власт, која ќе влече потези против граѓаните и која ќе си го дозволува луксузот да не ги слуша граѓаните.