Континуитет или промени во „белиот дворец“


Досегашниот развој на настаните околу вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ не ветува поголеми промени во политиките што ќе се кројат во наредниот период во раскошното седиште на сега опозициската партија.

Единствената промена што моментно се чини извесна е заминувањето на Никола Груевски по безмалку една и пол деценија на партискиот трон, од кои десет години беше неприкосновен и на кормилото на „Илинденска“. Голема е веројатноста на претстојниот конгрес да се појави повеќе од еден кандидат за лидер, за разлика од периодот од 2007 до 2015 година кога Груевски редовно беше единствен кандидат на изборните конгреси. Но, според проценките, тоа би било повеќе во насока на демонстрирање внатрепартиска демократичност пред јавноста отколку со цел да се овозможи вистинска конкурентска битка за челната партиска позиција.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ требаше синоќа да го потврди предлогот на извршниот комитет – вонредниот конгрес да се одржи на 23 декември во Валандово, каде што би бил избран наследникот на Груевски, за што моментно како претенденти се спомнуваат главно луѓе од најтесното опкружување на досегашниот лидер. Седницата на централниот комитет требаше да почне по протестите пред Истражниот затвор во Шуто Оризари, на кои се очекуваше да се појават сите потенцијални кандидати за нов лидер на партијата, кои се сметаат за блиски соработници на Груевски. Можноста до лидерска кандидатура да дојде личност која во изминатите години не се идентификуваше со политиките на владејачката номенклатура се чинат минимални, со оглед на ограничувањата предвидени со партискиот статут.

Дури и Филип Петровски, кој покажа деновиве амбиција да влезе во лидерската битка и се пожали на притисоци од „палатата“, во последните неколку години беше гласен поддржувач на курсот на Груевски, откако се врати во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Другите имиња што се споменуваат, како Антонијо Милошоски, Никола Попоски, Илија Димовски, Никола Тодоров… беа во најтесниот круг соработници на Груевски во неговите премиерски денови, експоненти на неговите политики во парламентот или во Владата и учесници во политичките преговори со тогашната опозиција. Единствено Христијан Мицковски како поранешен директор на ЕЛЕМ не влече „опашки“ од првите ешалони на власта, иако, од друга страна, во последниот период токму тој се наметна како најблизок соработник на Груевски.

Јове Кекеновски од ФРОДЕМ вели дека неговата групација, составена главно од „ветерани“ во ВМРО-ДПМНЕ, не планира да настапи со свој кандидат за претседател на партијата, освен ако се направат статутарни измени што, како што вели, би овозможиле легитимен и легален конгрес.

Нема логика да се обидуваме да учествуваме на конгрес на кој сите делегати се нивни. Не сакаме да легитимираме настан кој се организира со грубо кршење на партискиот статут“, вели Кекеновски.

Како што објаснува Кекеновски, вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ би требало да се одржи во рок од 60 дена од донесувањето на одлуката за негово свикување, за да се остави простор за промена на делегатите и за повеќе кандидатури. Наместо тоа, посочува тој, сега ќе останат едвај десетина дена од закажувањето до одржувањето на конгресот.

Како што предвидува статутот на ВМРО-ДПМНЕ, барање за вонреден конгрес може да поднесат две третини од членовите на ЦК. Конгресот, пак, се одржува во рок од 60 дена откако ЦК ќе донесе одлука за вонредно свикување на делегатите. Забрзување на постапката е предвидено единствено во ситуација на гласање доверба на претседателот во случај на предвремен престанок на мандатот, кога периодот не смее да биде подолг од 30 дена.

Со оглед на недореченостите во статутот, нејасно е дали делегатите во Валандово ќе му гласаат доверба на Груевски, кој требаше синоќа да ја формализира оставката што ја најави преку медиумите, или само ќе констатираат дека тој се повлекува од функцијата. Според статутот, на вонредниот конгрес учествуваат делегатите од последниот редовен конгрес, што значи во случајов дека за новиот лидер ќе гласаат истите околу 560 члена на ВМРО-ДПМНЕ кои во мај 2015 година во Куманово со акламација го реизбраа Груевски за претседател на партијата. Тоа е уште една од причините поради кои познавачите на ситуацијата во ВМРО-ДПМНЕ се скептични дека вонредниот конгрес ќе донесе промени во курсот на дејствување на сега опозициската партија. Или, како што забележува универзитетскиот професор Димитар Димитров во својата колумна во „Призма“: „Не е неопходна голема проникливост за да се погоди исходот од новата сеанса на конгресот, па медиумите не мора да трошат време околу персоналното решение. Конгресот ќе го избере Груевски, независно дали под тоа или под некое друго презиме“.

Првиот и последен конгрес на ВМРО-ДПМНЕ со повеќе кандидати за лидер се одржа во 2003 година, кога Груевски беше избран на чело на партијата, а негов противкандидат беше Марјан Ѓорчев. Претходниот партиски лидер Љупчо Гергиевски најави оставка веднаш по поразот на парламентарните избори во 2002 година, ама за избор на негов наследник се чекаше редовниот термин за конгрес. Груевски беше тогаш фаворит на Георгиевски, за околу една година потоа да почнат несогласувањата меѓу нив кои резултираа со внатрепартиски расцеп.

Александра М. Митевска