Климатските промени


АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ

Летните месеци, особено август, се главно за одмори, вклучително и за политичарите (и кај нас, а и во Европа), па не е лошо да се одмориме од дневнополитичките случувања и да се позанимаваме со други теми. Не дека воопшто нема случувања, како актуелностите со случајот „Рекет“ и обраќањето на премиерот во врска со тоа, рефлексиите на илинденската прослава и за тоа дали, што и кој скандирал на Мечкин Камен, или пак некои дежурни дебати, како судбината на СЈО, судските реформи или предвремените избори. Но, сето тоа може да почека додека сите да се вратиме од годишните одмори, и така ништо битно нема да се помести во наредните денови. А дотогаш, ем во очекување на најжешките десетина дена (во температурна смисла), кога се предвидуваат температури меѓу 35 и 40 степени во Македонија, може да се посветиме токму на таа тема – климатските промени. Ако ништо друго, таа тема на глобално ниво е повеќе поларизирачка и од нашите партиски поделби.
Веднаш да декларирам дека не сум никаков експерт за оваа тема, ниту ја следам на редовна основа. Повеќе ме фасцинира токму таа поларизација за многу од најбитните прашања на оваа тема и поделбите на пропоненти и опоненти на глобалното затоплување и климатските промени меѓу познавачите на тематиката (особено научната заедница). Во таа смисла, повеќе сум во круговите надвор од стручната јавност, во таканаречените „верници“ (believers) или скептици, односно луѓе кои сметаат (или активно убедуваат) во корист на едната или другата страна, иако не се стручни за тоа. Како што, на пример, актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, е на страната на скептиците, а поранешниот потпретседател Ал Гор на страната на „верниците“ (додуша тој стана и доста информиран, па можеби и стручен за темава, откако го продуцираше документарниот филм „Непријатна вистина“ за кој доби и „Оскар“, а за целото свое дејствување за климатските промени и Нобелова награда).
И да кажам дека сè уште сум повеќе скептик отколку верник за целиот феномен (или проблем) на климатски промени, иако секако дека ги прифаќам научните сознанија и аргументи во прилог на тезите за човечки предизвикано глобално затоплување, особено за тие за кои е постигнат висок степен на консензус во научната заедница и особено во извештаите на Обединетите нации и нивниот Меѓувладин панел за климатски промени. Во таа смисла, сметам дека е веќе неоспорно оти има зголемување на средната температура на Земјата во последните стотина години, за околу 1 степен Целзиусов, а и дека тоа е во значајна мера предизвикано од човечки фактор (индустриски развој и емисии на гасови од фосилни горива).
Но, скептицизмот ми доаѓа од повеќе фактори. Прво, од самата употреба на терминологијата, односно драматизација на одредени термини во различни периоди, па така веќе малку се зборува за „глобално затоплување“ (меѓу другото и затоа што во последнава декада затоплување има, но со помала стапка отколку во претходните декади, иако има натамошно зголемување од осум отсто на емисиите на јаглерод диоксид (CO2) и други „стакленички гасови“), а доста повеќе за „климатски промени“, додека во последно време во тренд е „климатска итност“ (или како веќе би се превел покоректно англискиот термин climate emergency). Во таа смисла, се сеќавам на драмата и паниката во моите студентски денови на почетокот на 1990-тите, со терминот „озонска дупка“. Тогаш имаше апокалиптични сценарија дека дупката во озонската обвивка на Земјата која се појавила над Антарктикот се проширува и може да се прошири околу целата планета, односно целосно да ја снема таа обвивка која нè штити во 98 отсто од штетната сончева радијација. Дали сте слушнале во последниве години што било на таа тема? Верувам не, меѓу другото и затоа што 25 години откако „дупката“ ја постигна максималната големина, сега е речиси целосно затворена, односно слојот озон е реставриран и над Антарктикот. Климатските верници би рекле дека тоа е резултат на Монтреалската конвенција од 1989 кога владите се обврзаа да ја ограничат употребата на гасовите (како фреонот во фрижидерите и климатизерите) кои биле идентификувани како најголеми предизвикувачи на проблемот со озонот. Но, дали навистина сме толку исполнителни и координирани на глобално ниво?
Најголемата скепса ми е во однос на придавањето поголемо значење на нас самите како индивидуалци и како човечка цивилизација воопшто. Особено во однос на големината и комплексноста на природните процеси што се случуваат во универзумот… или да не одиме толку далеку – во нашиот Сончев Систем. Имено, верувам дека и релативно мала аномалија (или и редовна зголемена активност) во функционирањето на Сонцето може да предизвика многу поголеми штети, нарушувања или и целосно уништување на животот на Земјата, отколку што ние самите можеме да си наштетиме. Добро, прифаќам дека човечкото учество во сегашните климатски проблеми е многу поголемо од она што јас сметав (2-3%), па можеби и мнозинско, но – се надевам нема да нè разувери некој вселенски феномен.
Скептичен сум и околу начините на справување со климатските промени, за кои пак има многу помал глобален консензус (кој пак уште повеќе се комплицира со повлекувањето на САД од Парискиот договор за координирана светска акција). Имено, не верувам дека ограничување на употреба на ресурсите на кои сè уште се базира глобалната економија (како фосилните горива) ќе доведе до посакуваниот резултат. Односно, не верувам дека луѓето и државите ќе се откажат од благодатите и комфорот кој го дава употребата токму на тие ресурси (возила на бензини, на пример). И особено не на нашите мали индивидуални напори за намалување на нашиот „карбонски отпечаток“ – едноставно, трошењата на големите индустрии (во Кина и САД, на пример) се толку огромно поголеми од сите наши поединечни напори, што го прават сето тоа бесмислено. А ова дополнето и со однесувањето на најголемите пропагатори на опасностите од климатските промени, како Ал Гор или Леонардо ди Каприо, на пример… Деновиве прочитав за некој голем собир на оваа тема во Италија, во која околу 300 ВИП лица од светскиот џет-сет кои ете се загрижени за проблемот – дошле на тој собир со 147 приватни авиони?!? Во духот на онаа „слушајте што ви кажувам, не гледајте што правам“.
Сè на сè, во ред се сите тие кампањи за јакнење на свеста и одговорно индивидуално дејствување, но за одржливи резултати треба масовни дејства на најголемите држави. Некои веќе прават доста, како Германија, на пример, со супституција на нуклеарните и фосилните горива и субвенционирање на изворите на енергија кои се неутрални за климата (сончева енергија, ветар и слично). Или, пак, придонесот на Кина и Индија за глобалното пошумување (главниот начин за редукција на јаглерод диоксидот), кое е сега 10 отсто поголемо отколку пред две децении, главно токму поради нив (Кинезите најдоа начин и за пошумување на пустините и нивно претворање во обработливо земјиште). За некои од обидите, не е јасно дали всушност навистина се продуктивни. На пример, електричните возила, вклучително и сè попопуларните тротинети… Студиите покажуваат дека нивното користење е навистина поповолно за климата во однос на другите, но нивното производство (особено за литиумските батерии) всушност остава поголем карбонски отпечаток!
Во секој случај, иако веќе има голем консензус за затоплувањето и човечкиот фактор, дебатата на оваа тема е далеку од завршена и аргументите за и против многу од значајните прашања на оваа тема се темелни и изедначени (ја препорачувам веб-страницата www.climatechange.procon.org). А и самата дебата е поинтересна од партиските препукувања кај нас и оние смешни (а често и навредливи за интелигенцијата) секојдневни прес-конференции на водечките ни партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ полни со прашања (а не констатации) за криминали и празни обвинувања без никакви аргументи и уште помалку докази.