Камалванди: Иран за два дена може да произведе ураниум со поголем степен на чистота
Портпаролот на Иранската организација за атомска енергија Бехроуз Камалванди денеска изјави дека ако САД го прекршат Договорот од 2015 година Техеран за два дена може да произведе ураниум со поголем степен на чистота.
– Ако Америка се повлече од Договорот… Иран би можел да продолжи да произведува ураниум со 20 проценти чистота за помалку од 48 часови, наведе Камалванди.
Тој додаде дека за Договорот не може повторно да се преговара.
Како гориво за иранските нуклеарни централи сега се користи ураниум со пет проценти чистота, додека ураниум со чистота од 80 до 90 проценти е потребен за производство на нуклеарни бомби.
Договорот за иранската нуклеарна програма потпишан е во 2015 година помеѓу Техеран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија. Со договорот, Иран се обврза дека својата нуклеарна програма ќе ја користи само за мирновременски цели и се согласи да дозволи меѓународни инспекции на неговите нуклеарни објекти, во замена за укинување на меѓународните санкции воведени кон земјата.