Има ли пазарење за уставните амандмани? Игри со амнестија!


Дали амнестија за „крвавиот четврток“ во парламентот ќе биде отстапката што ќе ја направи владејачкото мнозинство за да добие за возврат поддршка од парламентарната опозицијата за донесување на уставните амандмани што произлегуваат од договорот со Грција? Вакво сценарио се чинеше многу веројатно во почетокот на вчерашната седница за владиниот предлог за пристапување кон уставни измени откако премиерот Зоран Заев, во своето обраќање, испрати порака за, како што рече, простување и помирување за 27 април. Освен тоа, Заев ги повика пратениците, како што рече, да седнат и да се договорат за ова прашање посочувајќи дека е свесен оти еден ваков потег има политичка цена, што тој е подготвен да ја плати.
Иако ваквите пораки на премиерот претставуваа сигнал дека е подготвен да преговара со опозицијата за донесување закон за амнестија за настаните на 27 април, многу брзо следеше ретерирање. Во меѓувреме, социјалните мрежи се вжештија од негативни и иронични коментари во однос на повиците на Заев за помирување и простување. Висок владин функционер тврди дека пораките на Заев не биле за амнестија, туку во насока на „национално помирување меѓу пратениците за остварување на стратегиските определби на државата“. Непосредно по говорот на Заев, преку Фејсбук се огласи и министерот без ресор Едмонд Адеми, со оценка дека подавањето рака за помирување не значи и амнестија.
Врвот на ВМРО-ДПМНЕ од поодамна јавно бара амнестија за 27 април. Пред околу една година со такво барање прв настапи Никола Груевски, пред заминувањето од партиското кормило. Со исто барање потоа во повеќе наврати се огласи и новиот лидер Христијан Мицкоски. Затоа, пак, актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ никогаш досега не излезе со јавно барање за амнестија за случаите што произлегуваат од аферата со прислушувањето, наспроти тврдењата на владејачките партии дека токму тоа е причината поради која тоа ги кочи сите клучни процеси во државата – со цел да издејствува помилување за поранешната партиска врхушка, а пред сè за поранешниот премиер Груевски. Тоа, всушност, беше и причината поради која ВМРО-ДПМНЕ летоска го опструираше изборот на новиот состав на ДИК, а со тоа и процедурите за распишување на референдумот. Во тој период, владејачките партии беа категорично против опозициските барања за амнестија, дури и бараа заобиколен пат за избор на новиот состав на ДИК, а имајќи предвид дека расчистувањето со настаните на 27 април, како и со предметите што ги отвори СЈО се критериум што го поставува Европската комисија во интеграцискиот процес.
Дека на ВМРО-ДПМНЕ ѝ е поважно да издејствува амнестија за случаите од „бомбите“ отколку за настаните на 27 април, потврди деновиве и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Во интервју за ТВ 21, запрашан дали се бара амнестија за поранешните раководни структури во ВМРО-ДПМНЕ или и само за обвинети за настаните од 27 април, Спасовски одговори: „А мислите дека за пониските структури ќе бараат амнестија? Нормално дека бараат за поранешното раководство, за луѓето кои се од нивен интерес“.
Од тој аспект, прашање е дали евентуална амнестија за 27 април, без амнестија за прислушувањето, би била доволна за да се одоброволи ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени. Со обвинението за 27 април се опфатени триесетина лица, од кои повеќето се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок, за што е предвидена казна од над 10 години затвор. Меѓу нив се и петмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се претпоставува дека би можела да биде прифатлива понуда за амнестија, доколку за возврат ги поддржат уставните измени. Од друга страна, во текот на вчерашниот ден, излезе дека амнестија за 27 април, како што јавно бараше врвот на ВМРО-ДПМНЕ, е сега неприфатлива за дел од обвинетите.
– Правда, не амнестија – се огласи Борис Дамовски преку социјалните мрежи.
Во јули годинава, додека се чекаше опозицијата да ги деблокира процедурите за распишување на референдумот, Мицкоски на протестен собир во Струмица побара амнестија за обвинетите за „црниот четврток“.
– На ова лудило на политички реваншизам мора еднаш да му дојде крајот, затоа што премногу долго се делиме на ваши и наши, на Македонци и помалку Македонци и затоа е потребна амнестија за луѓето од 27 април, затоа што мораме да продолжиме напред, а нема напред ако живееме во минатото – рече Мицкоски.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ најавуваше и дека ќе поднесе закон за амнестија во парламентот, но тоа не се случи досега.
Според Уставот, амнестија дава Собранието. Во парламентарната пракса на Македонија во повеќе наврати се донесени закони за амнестија, како правен институт со кој одредена категорија лица целосно или делумно се ослободуваат од кривично гонење или од извршување на казните. Една од најмасовните амнестии беше таа за воениот конфликт во земјава во 2001 година, која, главно, се однесуваше на припадниците на некогашната ОНА. Во почетокот на годинава, Собранието донесе исто така Закон за амнестија, кој се однесуваше на над 3.500 осудени лица, а со кој беа изземени единствено сторители на тешки кривични дела, како убиства, тероризам, силување, педофилија. Аболиција и помилување, пак, дава шефот на државата и тоа е поединечен акт. Тоа е една од причините поради кои беше спорна и правно неиздржана колективната аболиција што ја определи, па ја повлече, претседателот Ѓорге Иванов – за случаите што произлегуваат од прислушувањето.

Заев чека амандмани од опозицијата

Вчерашното обраќање на премиерот, независно од тоа дали нудел амнестија или само национално помирување, се смета во политички кругови за своевидно навестување за преговори со опозицијата во наредните денови за постигнување консензус за уставните измени. Во таа насока е и најавата на Заев дека Владата е подготвена да биде максимално отворена за предлози од опозицијата, за амандманите и за прифаќање амандмани што ги намалуваат грижите на пратениците, а во исто време не се противат на духот на договорот од Преспа. Сепак, за да дојде до разговори околу текстот на уставните амандмани, прво Собранието треба да го донесе предлогот за пристапување кон уставни измени, за што е потребно двотретинско мнозинство. Во случај, да се обезбеди двотретински кворум за отворање на Уставот, потоа истото мнозинство ќе биде потребно уште во два наврати за донесување на уставните амандмани и за прогласување на промените на Уставот.
Александра М. Митевска

Загрозен сведок на судењето за случајот „27 април“

Загрозен сведок денеска треба даде исказ во Кривичниот суд и да раскаже што точно се случувало на 27 април во Собрание, кога се случи упадот и кога беа нападнати новинари и пратеници. Јавноста нема да присуствува на сведочењето, а неговиот исказ ќе го слушаат судиите, обвинителството, обвинетите и адвокатите.
Досега во овој судски процес беа сослушани вкупно 35 сведоци кои ги предложи Обвинителството. Нивните искази одеа во насока на тоа дека упадот во Собрание бил однапред планиран и организиран, а дел од нив не можеа да ги сокријат емоциите кога во судот требаше да го вратат сеќавањето и пред јавноста да кажат што доживеале тој ден. Претседател на судечкиот совет во овој случај е судијката Добрила Кацарска. Им се суди на 33 лица, од кои на 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок и на двајца за помагање. Меѓу обвинетите се петмина пратеници, поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, актерот Владо Јовановски, режисерот Борис Дамовски, оперскиот пејач Игор Дурловски, членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Богдан Илиевски. Обвинение за нарачателите на упадот сè уште нема. (Ф.Ф.С.)