Изгласајте иднина, па на работа


Ерол Ризаов

Избезумува мислата дека е можно во Македонија да се случи катастрофа поради еден или неколку гласа во Собранието со цел да се уништи иднината на една напатена од страдања, војни и секакви други порази, сиромашна земја. Можат ли тоа злосторство да го направат неколку луѓе свесно како мирновременски геноцид врз сопствениот народ и држава. Тоа нема да биде веродостоен резултат на демократско парламентарно изјаснување со недостиг на една „крената рака“ или непритиснато зелено копче. Тоа не е демократско право само на еден или двајца луѓе гарантирано со устав, туку атентат на малцинството врз Македонија и врз мнозинството граѓани. Осмислен, планиран и инспириран од врвот на политичка партија, чии корени длабоко задираат во црнилата и големите несреќи од минатиот век. Повеќедецениското величање на ВМРО со историски фалсификати и митови изнедри како наследник политички монструм кој ја подготвува последната одмазда да ја попречи историската закономерност, да го запре времето и да ја оневозможи новата ера и европска перспектива на земјата како пристојна држава во лигата на народите.

Може ли по третпат само за еден месец да се повтори злокобното пребројување на гласови „за“ и „не“. Ќе гледаме ли пак на собраниската табла како истипсани комарџии во најголемиот рулет на коцкарска Македонија. Може ли да се игра на сè или ништо на бројот 80. Чиј имот ставаат овие луѓе како влог во кој може да се изгуби сè ако падне бројката 79. Таков ризик не прифаќаат ни најголемите зависници, бидејќи ни коцкарскиот морал не дозволува кукавички напад врз сопствениот народ и врз сопствената татковина. Кои се тие анонимни и непознати пратеници за широката јавност чии имиња сè уште се затскриени зад неколку букви кои означуваат несреќи и лажна историја. Може ли тоа да се препушти на нечија добра волја, суета, незнаење, слепило и одмазда на откриените грешници. Не, таков ризик не смее да се дозволи кога влогот е државата и сите граѓани, без оглед на нивната национална, верска и политичка припадност. Пропаста на европската иднина на ваков начин е всушност капитулацијата за која непрестајно зборуваат заговорниците на подобри решенија кои никогаш ниту ги слушнавме ниту ги видовме.

Затоа пратениците со мирна совест треба да ги отфрлат лажните патриотски повици, да ги отфикарат лажните авторитети и вредности, наметнати партиски лидери без минат труд и да гласаат со крената глава за почеток на европеизацијата на Македонија и нејзините граѓани. Ајде, човеци, изгласајте ги уставните амандмани, па на работа. Оти вашиот глас е само почеток на мачната и тешка работа со која ќе се соочиме сите во изградбата на современо и слободно општество во наредните десет години кое води кон членство во ЕУ и потоа во наредните неколку децении додека трае трансформацијата на Македонија и на таканаречениот Западен Балкан во целосно интегрирање со западна Европа. Отстапките што се направени како компромис за да се тргне по тој пат се неспоредливи со придобивките. Одлуката во Собранието да се усвојат уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор со Грција не се само најзначајната работа на овој пратенички состав, туку најзначајната одлука по прогласувањето на независноста на Република Македонија како предуслов без кој не можат да се остварат и државните и интересите на граѓаните. По донесувањето на оваа историска одлука парламентот преминува во главен контролор на успешноста во остварување на стратегиските цели и приоритети.

Членството во НАТО и почнувањето годинава на преговорите со ЕУ, отворањето и затворањето на 35-36 поглавјата по успешно спроведените реформи кои означуваат и промени во свеста на граѓаните за нови вредности и квалитет на живеење се во суштина тоа што го бараат сите кои денес се оправдано незадоволни од бедните резултати постигнати во изминатите 28 години независност и самостојност. Таму се и демократските права и владеењето на правото. Во тие поглавја е слободата, еднаквоста, побрзиот економски развој, поуспешната борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравствена заштита, почиста човекова околина, пообјективни медиуми и подобар живот за сите.

Не е тоа идеализација на Европа, таа нема да ни ги исполни сите очекувања, а нашите проблеми и маки да ги снема со членството во НАТО и со почнување на преговорите со ЕУ. Не треба да нè обесхрабруваат ни отпорите во Европа кон проширување и прием на нови членки. Напротив, ние треба да го охрабриме Брисел со тоа што добар дел од работите ќе ги завршиме сами. Прво треба да се совладаат отпорите кај нас дома. Тоа денес-утре треба да се покаже на најдобар начин во Собранието дека ние навистина сакаме да ги оствариме стремежите на огромното мнозинство граѓани. Европа е таа која во тој случај ги почитува и исполнува преземените обврски да помогне да се забрзаат процесите на интеграција. Но во овој историски миг не смее да се изгуби од предвид дека тоа не е изводливо без почнување на преговорите. Последиците од пропуштената шанса ќе бидат ненадоместливи.