За три дена „Јако, јако“ на Лозано е слушната над 100 илјади пати


Новата летна песна на Влатко Лозаноски – Лозано со наслов „Јако, јако“ за само три дена на музичкиот канал „Јутјуб“ е преслушана повеќе од 100 илјадипати. Вакви бројки се реткост кога станува збор за домашните изведувачи, но веројатно трендовите се менуваат.

Како на повеќето песни во неговата кариера, така и на оваа како автори се потпишуваат братот и сестрата Лазар и Магдалена Цветковски. Тие важат за долгогодишни хитмејкери на поп-сцената во Македонија.

За новата песна Лозано сними и видеоспот во Кушадаси, Турција, а како режисер на истиот се потпишува Даниел Јовески. Покрај Влатко во спотот се појавува и кумановката Мартија Ѓеоргиевска.

Со оваа песна, Лозаноски го најавува неговиот трет албум насловен како „Десет“. Промоцијата на албумот се очекува да се случи наскоро.
Лозаноски важи за еден од најдобрите машки вокали на музичката поп-сцена кај нас, но и во регионот. Неговите песни се и меѓу најслушаните според податоците кои ги соопштува Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП).