За ПМ честичките во нашите глави


Петар Арсовски

Како што се актуализира ПМ загадувањето, се прашувам како да ја измериме критичката контаминација која ја демонстрираме постојано во нашите постреволуционерни глави, опиени од новата слобода и од животот што дојде. Ме фаќа страв од последиците од ваквиот нов живот, од можните контрареакции на општата критика кон новата власт, која дојде побрзо, поостро, и похистерично одошто очекувавме и во најскептичните проценки. А, најмногу ме плаши можноста од ретерирање на новата власт по канонадата критики, кои јавноста им ги испорачува со жестина на куче ослободено од синџир и по принцип „кого удрам не жалам“, од кои барем половината претставуваат неоснована хистерија: да не заклучат новиве слободарски властодршци дека претерале со демократичноста, па малку да ги притегнат уздите?

Првиот пример за мене претставува оваа општа хистерија кон градските татковци за загадувањето во Скопје. Жестината со која јавноста ги прозива Шилегов и Заев за смогот и ПМ честичките е добра индикација за тоа како јавноста генерално ќе реагира на програмата и испораката на ветувањата од новата власт. Прво, очигледно е дека нема да имаат симпатии и разбирање за наследени проблеми: јавноста баш “ја заболе” што проблемот не потекнува од сегашната гарнитура, ниту пак тие имаат капацитет во овој мандат целосно да го решат. Критичарите, од кои најголем дел се баш оние кои ја поддржуваа промената на власта, се однесуваат индиферентно: не ги интересира ништо, сакаат решение сега и веднаш.

Се разбира дека дел од вината, и тоа не безначаен дел, потекнува од самите градски власти. Во обидот конечно да го поразат ВМРО-ДПМНЕ, тие во својата програма наполнија ветувања доволни за три, не еден, мандат, и сега се соочуваат со цената на превисоко подигнатите очекувања. Се надеваа дека ќе можат со јавноста, особено со сопствената, да „се разберат“ подоцна, откако ќе дојдат на власт, или дека големиот проект „дојде животот“ ќе биде доволен да им обезбеди првичен период на политички раат. Но, повторувам: луѓето не живеат во големата приказна, туку во својот микрокосмос, и не треба да се очекува преголема свесност за „големиот проект“, сѐ додека нивното дете секој ден оди со маска во градинка и кашла. Дополнително, градските власти не прават ама баш ништо, во класичен манир на комуникациски аматеризам, да се справат со јавната критика.

Дечки од градот, граѓаните сакаат да имаат разбирање и толеранција кон вас, но вашиот однос во моментов тоа не им го дозволува. Од вас зрачи една пасивно-агресивна дефанзивност, која прави и најдобронамерните да ги изгубат симпатиите. Дополнително, граѓаните не ви се лути зашто не успевате во три месеци да решите проблем акумулиран со децении, тоа е ваш погрешен заклучок, од кој и потекнува вашиот дефанзивен став. Тие се лути зашто работите кои можете да ги направите, колку и да се мали и површни, не ги правите. Ментално ве споредуваат со претходната администрација, која досега ќе имаше веќе спроведено барем десетина микромерки, кои се разбира ќе беа безначајни, но ќе покажеа поголемо чувство на понизност кон јавната критика, свесност за тоа кој на кого овде му е газда. Вие тоа еклатантно го немате.

Втората индикација на општата јавна состојба на умот е оваа некритична хистерија околу периферни проблеми кои нараснуваат во теми на денот токму поради фактот дека доаѓањето на „животот“ многумина го толкуваат како покана за „јавни советници“, односно советници на власта од дома, во папучи, преку Фејсбук и „нафурани“ повици за мобилизација и јавен линч. Ваквиот феномен го гледаме секојдневно: група самоповикани граѓани без попаметна работа, кои сметаат дека поради тоа што можеби учествувале во некој протест во претходниот период, сега им следува да „мрчат“ за општествените појави, се скандализирани кога нивниот статус на Фејсбук нема уредно веднаш да предизвика државно-општествен земјотрес, зашто нели „за тоа се боревме“, па, не можејќи да се соочат со сопствената маргиналност и без суштинско разбирање за тоа што е разликата помеѓу избран функционер и јавен критичар или експерт, навредени од малиот „импакт фактор“ на нивните статуси, прават од секоја маргинална тема хистерија на денот.

Таквата хистерија доведува до апсурдни ситуации: излегува дека правата на уличните кучиња се сега поважни од правата на испокасаните деца. Или иронијата да биде уште поголема: зошто некое радио излегло со кампања за „прееманципирани жени“, сега ќе го сатанизираат медиумот и ќе бараат негова казна, до перверзијата дека резултатот од ваквата хистерија беше пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, на собраниска комисија, да го брани правото на слободна јавна мисла и говор на медиумот од пратеничките од „Шарената револуција“ кои јавно скандираат за негов линч. Е, ако се тоа најважните проблеми и ако се ова најголемите виновници, да ги пакуваме куферите. Значи, најголемите мегафони на претходната власт ќе „свртат страна“ и уредно ќе им простиме, а неутралните медиуми кои, еве, биле нетактични во својата креативност, да ги пратиме во логор? Ако е тоа лекцијата од груевизмот, лошо сме ја научиле.

Најголемата опасност од ваквата општа хистерија е што може да предизвика контрареакција од новата власт, во која таа ќе мора да се соочи со бинарен избор: ако заклучат дека инклузивноста и ефикасноста се заемно исклучиви, најверојатно ќе изберат ефикасност на сметка на инклузивноста. Па, така, во ситуација во која Заев е де факто „рекетиран“ за јавна поддршка од неговите довчерашни соборци кои не се вдомени, само прашање на време е кога ќе одлучи дека има премногу партиципативност, која го блокира, па ќе намали малку отвореност и демократија.

Ако ме прашувате мене, демократијата е секако несредена, нехомогена, понекогаш хистерична и нелогична, но е истовремено и секако подобра опција одошто алтернативата на задушен јавен простор поради популизам или технократска ефикасност. Но не знам дали и новата власт го дели моето мислење, а дилемата секако ме плаши.