Заев ќе гради добри односи со Харадинај


Македонскиот премиер Зоран Заев утре ќе престојува во еднодневна посета на Приштина. Тоа ќе биде прва официјална посета на претседател на македонска влада по прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година. Иако нашата земја беше меѓу првите што ја призна самостојната на оваа поранешна српска покраина, односите меѓу двете држави постојано варираат. Поранешниот премиер Никола Груевски имаше редовни средби со косовските колеги и функционери, но никогаш официјално на нивна територија.

Според агендата, Заев најнапред ќе се состане со косовскиот претседател Хашим Тачи, а потоа и со премиерот Рамуш Харадинај и со спикерот на парламентот во Косово, Кадри Весели. Предвидена е и средба со претставници на македонско-косовската бизнис-заедница. Друштво на премиерот ќе му прават министрите за економија – Крешник Бектеши, за транспорт и врски – Горан Сугаревски, за култура – Роберт Алаѓозовски и министерот без ресор – Едмонд Адеми.

Аналитичарот Мерсал Билали смета дека со посетата во Косово актуелниот македонски премиер прави метеорски пробив во надворешната политика, а државата е на пат повторно да стане важен и релевантен регионален фактор. Смета дека со таква политика многу полесно и поконструктивно ќе се решаваат проблемите што несомнено постојат.

Важно е да бидеме оска на целиот регион, што Македонија како централно подрачје на југозападниот Балкан и е. Мислам дека земјава е на добар пат да се претстави како авангарда во решавањето на регионалните проблеми меѓу соседите и цврсто да зачекори кон евроатлантските интеграции, што е витален интерес и за нас и за целиот регион“, смета Билали.

Иако Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја призна самостојноста на Косово, при што ризикуваше многу во односите со Србија чии претставници и сега се закануваат со контрамерки поради „предавството“, нејзините функционери одбегнуваа официјални посети на Приштина. Билали вели дека како популист Груевски одлично профитираше од нагласениот антиалбански флуид, макар што тоа значеше и газење по основните постулати на државата.

Во едно од последните интервјуа на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, дадено пред заминувањето во опозиција, тој спомена дека како премиер бил во Приштина, но не во официјална посета.

Присуствував на настан во Приштина пред пет или шест години, не сум сигурен кога точно. А Хашим Тачи ме посети неколку пати пред да биде избран за премиер и еднаш откако беше избран. Со сегашниот премиер, Иса Мустафа, се сретнав на неколку саеми каде што сме присуствувале“, рече Груевски на почетокот од годината.

Во меѓувреме, Иса Мустафа не е повеќе премиер, го наследи Рамуш Харадинај, еден од лидерите на ОВК и човек кој пред судот во Хаг беше обвинет, а потоа ослободен за воени злосторства за време на војната во Косово во 1999 година. Србија и натаму инсистира дека тој е воен злосторник, поради што во сила е меѓународната потерница која ја распиша против него, па секое негово заминување во странство доведува до проблеми. Самиот тој сериозно ги стави на испит односите меѓу Македонија и Косово откако во име на Владата што ја предводи вети по десетина илјади евра за семејствата на косовските државјанин кои беа осудени за терористички активности во кумановската Дива Населба во мај 2015 година, кога беа убиени осум припадници на полицијата. Во реакцијата министерот за надворешни работи Никола Поповски оцени дека одлуката на владата на Косово за издвојување буџетски средства за финансиска поддршка на семејствата на осудените државјани на Косово не е во духот на градење европска иднина за регионот заснована на владеење на правото што е заеднички интерес на двете земји. Кривичниот суд во Скопје осуди вкупно 16 косовски државјани, пет од нив на доживотен затвор, седуммина на по 40 години, а на четворица им е одредена казна затвор од по 20 години.

Односите со Косово одат по нагорна и надолна линија, во зависност од потребите на Приштина. Македонската политика кон новата држава е главно формулирана од албанските партии во земјава, односно државата како таква нема изградена појасна стратегија. Од Косово добиваме многубројни провокации, како на пример палење на нашите знамиња, прогласување херои од убиените терористи во Куманово и доделување помош за семејствата на осудените… А, ние никогаш не реагиравме соодветно. Сето тоа зборува дека не само што го виткаме ‘рбетот кон Вашингтон и Брисел, што некогаш е неизбежно, туку започнавме и кон Приштина, што е недостојно и срамно“, заклучува дипломатот Ристо Никовски.

Горан Адамовски