Драма пред крајот: Алијансата и Беса ќе ја одржат „бесата“


Со неодминливата митоманија за етничките права се обвитка третата фаза од уставните измени, која почнува денеска во Собранието. Беса и Алијансата за Албанците, кои со по два пратеника го подржаа пристапувањето кон уставните измени, ја условија сега нивната поддршка со прифаќање на барањата Македонија да се дефинира како мултиетничка држава, албанскиот јазик да биде официјален на целата територија, а зборовите „македонски народ“ да се заменат со „граѓани“ за да се истакне мултиетничкиот карактер на државата.

Од Алијансата за Албанците, сепак, ќе ги поддржат уставните измени откако премиерот Зоран Заев прифати дел од нивните барања.

„Беше прифатен амандманот на Алијансата, така што во Преамбулата се бришат зборовите ‘граѓани кои живеат во границите’ и се набројуваат сите заедници. Денеска го тргнавме делот во кој се дуплира зборот ‘граѓани’. Досега стоеше ‘граѓаните на Македонија, македонскиот народ и граѓаните како дел од албанскиот, турскиот, српскиот, влашкиот…народ’. Формулацијата, заради еднаквоста, сега ќе биде ‘граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот, турскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот…народ’“, изјави Заев по вчерашната попладневна средба со Села нагласувајќи дека сепак го отфрлил барањето на Беса албанскиот да биде втор службен јазик во Македонија.

Промените во оваа насока, практично, ги најави лидерот на Алијансата по средбата со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, Зоран Јанковиќ.

„Мислиме дека е многу важно Македонија да стане членка на НАТО, а со тоа да не повлече со себе внатрешни проблеми кога ќе биде во Алијансата. Во овој контекст се и нашите предлози за граѓаните во Македонија да се чувствуваат еднакви со еднакви права, а не како што се функционирало изминативе 30-ина години, кога сме имале две категории граѓани. За жал, предлагачот, во случајов Владата, настојува првата реченица во Преамбулата да почнува со граѓани и македонски народ и да продолжува ‘како и граѓани и делови од народ’. Никој не треба да се плаши од еднаквоста и од праведноста, а сите ние треба да се плашиме од компромисите што се правеа со законот за амнестија и други компромиси што ги гледаме преку СЈО“, рече Села.

Потонати во вечното етничко наддавање, според политичките посматрачи, Беса и Алијансата за Албанците немаат политичка моќ да ја обезличат и да ја нарушат суштинската смисла на договорот со Грција кој создаде интеретнички ломови кај граѓаните од македонско етничко потекло, но го користат моментот за краткорочен политички профит. Владата и парламентарното мнозинство досега направија многу компромиси и отстапки кои создадоа одредено незадоволство кај демократската јавност, па евентуални понатамошни крупни отстапки можат да го срушат целиот процес и да предизвикаат внатрешни меѓуетнички недоразбирања со несогледливи последици.

Уставните измени и предлог-амандманите на албанската опозициски партии беа тема на вчерашната средба во македонското Собрание на претставници на Беса и на Алијансата со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, Зоран Јанковиќ. Заеднички став бил дека за граѓаните и за сите политички субјекти, една од основните цели е зачленувањето во ЕУ и НАТО. Зборувале и за уставните измени, при што на амбасадорот Јанковиќ тие му ги објасниле нивните предлог-амандмани.

„Претставникот на Канцеларијата на НАТО ни кажа дека треба да се зборува за сите аспекти, и политички и уставни, што во следните денови ќе бидат дел од дебатата во Собранието и да се најде начин како да се дојде до двотретинско мнозинство и да поминат уставните измени. Но, секако, и сите заинтересирани страни да бидат задоволни од процес“, рече пратеникот на Беса, Зендели, на прес-конференција по средбата во Собранието.

На прашањето дали ќе ги поддржат предлог-амандманите на Владата доколку не се прифатат нивните предлози, рече дека ќе видат во текот на дебатата како ќе се одвива целата постапка.

„Ќе продолжиме со дебатата и ќе видиме како ќе продолжи. Ние не сме пречка, туку ја поддржавме иницијативата за уставните измени. Но во текот на процесот се изменија правилата. Беа презентирани некои нови моменти кои за нас, албанските партии, се контроверзни. Затоа велам дека не ние го стопираме процесот, туку оние што ги изменија правилата“, рече пратеникот.

Со барањата на албанската опозиција не се согласуваат ниту седумте исклучени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, сосе Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, бидејќи се спротивни на нивните барања за јакнење на идентитетот со кое, вклучувајќи ја и амнестијата, го условија своето гласање за уставната ревизија.

И последниов случај, велат познавачите, покажал дека кога големиот процес зависи од нив – албанските партии одат на етничко претприемништво.

„Дел од барањата на Беса и Алијансата дефинитивно не се во склад со имплементацијата на договорот со Грција. Не верувам дека тие на крајот ќе гласаат спротивно на интеграциите во НАТО и ЕУ – стратегиските цели кои се дел од политичките програми на сите албански партии. Токму со влезот во тие меѓународни структури се отвора можноста Македонија да стане рамноправна држава за сите граѓани, па и да се направат понатаму одредени промени кои можеби не се соодветно решени во Уставот“, вели аналитичарот Џелал Незири.

Според него, условувањата се еден вид демонстрација пред гласачкото тело дека постои албанска опозиција која поседува сила да ја загрози неприкосновената ДУИ.

„Прашање е како на крајот ќе се ефектуираат овие барање веројатно осмислени за некаков краткорочен политички профит, со оглед на тоа што Албанците едногласно се за НАТО и ЕУ“, вели Џезири.

Двете партии на крајот, според него, нема да останат со празни џебови. Веројатно, како што вели, Заев нешто ќе им вети, можеби некакво подоцнежно формирање на експертски тим од двете страни кои би работеле на барањата за кои, како што нагласува, сега дефинитивно не е време да се дебатира.

Во Македонија уште од формирањето на Беса се шпекулира дека зад неа политички и финансиски стојат моќни структури од Турција. Македонскиот Изборен законик инаку строго забранува учество на странски пари и донации во политичките активности на партиите и во кампањите, но со ова прашање досега никој не се занимаваше. Одредени шпекулации во политичките кругови одат во таа насока – дека Турција, чии односи со Грција се нарушени, до крај ќе се обиде да го попречи процесот.

Беса и Алијансата за Албанците се единствените партии кои поднесоа амандмани на уставните измени. За да се изгласаат измените на Уставот, се потребни гласовите на најмалку 80 пратеници, а за да се стигне до таа бројка потребни се и четирите гласа на пратениците од овие две партии.

Наум Котевски