Директор на директор – стратегија на власта


Уште не стивна скандалот околу инцидентот во кој учествуваше економскиот директор на Државната клиника за гинекологија Ваљон Беља, кој индиректно ја наметна темата дали воопшто треба да егзистираат таквите новокомпонирани раководни позиции, власта по скратена постапка стави во процедура закон со кој во јавните претпријатија во цела држава се воведува функција заменик-директор! Овие заменици ќе одлучуваат за претпријатијата во отсуство на директорите, додека досега директорите за тоа определуваа вработен во претпријатието.

Сè ова се случува во екот на силната политичката кампања за рационализација на обемната администрација и наспроти препораките на Брисел да се престане со вдомувањето на партиски војници во администрацијата. Ова решение јавноста го дочека како најава дека во сите јавни претпријатија каде што има директори од СДСМ ќе се именуваат заменици од ДУИ и обратно, со оглед на тоа што функциите се делат со меѓупартиски договор. Главната дилема вчера сепак беше зошто има потреба измена на закон од ваков карактер да се носи итно и по скратена постапка, уште повеќе што Брисел и за тоа има забелешка, барајќи во последните извештаи да престане ваквата практика? Направена ли е сеопфатна анализа што навистина ќе ја покаже потребата од ваква функција и какви ќе бидат финансиските импликации врз буџетот, се само дел од прашањата во јавноста која веќе нема „стомак“ за политички договори за задоволување на персонални партиски апетити. Особено не за вакви именувања на новокомпонирани раководни функции што на крајот тие го плаќаат, а кое почна со именувањето на неоправдан број на разни советници во Владата.

Генералниот секретар и пратеник на СДСМ, Александар Кирацовски, кој е еден од предлагачите на измените на Законот за јавни претпријатија, вчера не одговараше на телефонските повици за да ги разјасни дилемите. Заменик-министерот за информатичко општество и администрација во преодната пржинска влада веројатно не чувствува потреба од такво нешто. Додуша и во предлог-законот, на кој се има потпишано заедно со сопартиецот Благоја Трпевски и Реџаил Исмаили од ДУИ, јасно е нотирано дека не е ништо сложено, а ниту обемно!

Кирацовски ги избегна новинарските прашања, но премиерот Зоран Заев не можеше пратеничките на собраниската седница. „Го истурате генералниот секретар на партијата да предлага вакво скандалозно решение“, му рече Влатко Ѓорчев на премиерот.

Според него, станува збор за срамен партиски договор за „ухлебување“ на партиски војници.

„Поставувате заменици-директори. Ама тоа не ви е доволно, па поднесувате амандман јавните претпријатија и на локално ниво да добијат заменици-директори. Стотици нови директори со свои кабинети, асистенти, плати и ред други бенифиции на товар на граѓаните. А ветивте рационализација на трошоците. Дали во вашата програма и план за живот ја посочивте оваа скандалозна намера? Ветивте во предизборната кампања дека ќе ги намалите министерствата на 20, а сега имате 30 ресори, педесетина советници, еден куп заменици, национални координатори… трошите огромни средства. Се обидувате по скратена постапка, во празнична атмосферата, кога е намалено вниманието на јавноста да го протнете на мала врата“, рече Ѓорчев.

Според премиерот Заев, целта била да се зголеми ефикасноста на претпријатијата.

„Во моментов во претпријатијата има по еден, двајца, а некаде и пет помошници директори. Целта е да се постави еден заменик-директор кој целосно ќе ги извршува задачите и вистински ќе го заменува директорот, со што двојно ќе се зголеми сервисирањето на јавната услуга. Се подготвува и законот за високораководни служби со цел да ја зајакнеме професионализацијата и политичката одговорност“, одговори Заев.

Од невладините организации остро реагираа и побараа повлекување на измените на Законот за јавни претпријатија. Според нив, логиката на ваквата промена е погрешна и ги повикуваат партиите да водат политики и носат закони врз основа на анализи и докази.

„Постоечките критериуми за избор на директор, а сега и заменик-директор на јавно претпријатие се ниски и овозможуваат вработување на раководство кое не е неопходно да има повисоко искуство од постоечките вработени. Оттука, според важечкиот закон, во кој директорот во негово отсуство назначува вработен како замена, значи поголема шанса некој со поголемо искуство да раководи со претпријатието. Истовремено, постои системски недостиг на транспарентност при изборот на директори што дополнително ги зајакнува ризиците од политички клиентелизам“, велат од невладините. Според нив, иницијатива во целост се коси со заложбите за реорганизација и рационализација на големината на јавниот сектор, која ја најавува Владата.

Финансиските импликации за воведување вакви позиции се проценуваат на 2 милиони евра годишно, ако се земе предвид дека во државата постојат 129 јавни претпријатија. Од податоците што се јавно достапни, во 22 од овие 129 јавни претпријатија има помалку од 10 вработени, а ќе имаат зајакнато раководство.

„Ако се земе предвид дека сите овие јавни претпријатија покрај директор имаат и управен и надзорен одбор, тоа значи дека поголем е бројот на избрани и именувани лица од бројот на вработени кои се носители на дејноста. И сега наместо да се направи рационализација, односно да се намалат бројот на функции, се воведува нова дополнителна функција. Сите овие податоци наведуваат на заклучок дека предлогот за воведување на дополнителна функција во јавните претпријатија е нерационален“, велат трите невладини организации. Според нив, нужно е да се пристапи кон квалитативно и системско решавање на проблемите со јавните претпријатија, а не да се воведуваат дополнителни функции.

Професорот Темелко Ристовски, пак, смета дека и претходното и предложеното ново решение имаат свои предности и маани.

„Точно е дека е поефикасно директорот да има свој заменик „екс официо“, бидејќи тој е постојано со најодговорниот и секогаш е во тек со проблемите и деталите во функционирањето. Но од гледна точка на трошоците, подобро е решението со ад хок одредување луѓе од непосредното опкружување на најодговорниот во претпријатието“, вели Ристовски. Според него, најголем проблем е обемноста на администрацијата и нема да претставува толкав проблем ако замениците се назначуваат од внатрешните кадровски резерви.

Наум Котевски