Денови на хаосот


Љупчо Поповски

Веројатно сега на сите им станува појасно колку голем беше влогот со потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на името на државата. И колку цената на тој влог ја зголеми скромниот одѕив на референдумот на 30 септември. Последниов месец таа голема цена се претвори во конфузија во која Владата во име на главната цел – усвојувањето на уставните измени – од ден во ден предлага закони, повлекува закони, а собраниското тело за помирување се претвора во некаков мини-парламент, кој сака да преземе надлежности кои не му припаѓаат. Малкумина можат да кажат дека целосно ги разбираат овие настани кои се одвиваат како на филмска лента.

Вчерашниот ден беше класичен пример за оваа трескавична потрага по двотретинско мнозинство во Собранието. Совршено е јасно дека оние осуммина пратеници кои овозможија да се отвори вратата за уставните амандмани тоа ќе го направат со голема политичка калкулација и простување на гревовите за она што го направија на 27 април. Исто како што беше совршено јасно дека премиерот Зоран Заев во спринтот за усвојување на уставните амандмани ќе се ослободи од дел од товарот за да може полесно да стигне до целта. Но во оваа политичко-профитерска атмосфера сите сакаат да ќарат по нешто, па така совршено е јасно дека слободата на некои од пратениците или на некои нивни блиски е поставена на пиедесталот на барањата, а не некакви визионерски акробации за местото на Македонија во европската архитектура.

Заев некни изјави дека недостигаат четири гласа до двотретинско мнозинство, а штом е така, мора да се прават нови концесии кон оние што сакаат да тргуваат со гласовите. Предложените измени во Кривичниот законик, инстантниот масивен отпор на јавноста, нивното повлекување, па предлозите за нови измени – сето тоа во два дена – ја покажува комплицираната ситуација во која се наоѓа Владата. Премиерот Заев не би сакал уште еднаш да ги разочара оние што бараа правда и мир неколку години, а од друга страна да не ја пропушти единствената шанса која се укажува за Македонија конечно да ја помине вратата на НАТО.

Многу работи ќе бидат оштетени. Нејасниот Закон за амнестија за 27 април го доведе судството до конфузија. Со општи одредби во законот пратениците (власта и опозицијата тука елегантно се здружија) го тутнаа жешкиот костен во рацете на судиите и обвинителите за тие да го најдат излезот кон таканареченото помирување. Реакциите на судиите беа незабележани барем во последните две децении – тие јавно одбија да бидат маша на политиката во нејзината бруталност. Но, колку и да изгледа овој диктат на политиката врз судството омаловажувачки, тој во основа е од голема корист за судиите и обвинителите. Нивниот отпор ги постави на линијата на почетокот на одбраната на авторитетот на независноста на судиите и обвинителите, затоа што по оваа епизода нивната резистентност на политичките притисоци може само да се зголемува, а не да се намалува. Овој круг за потрага по судско ефектуирање на замислите на пратениците сигурно ќе биде на некој начин затворен (овие денови ќе видиме како), но долгата листа на пријавени за амнестија на најдобар начин покажува што значи кога политиката ќе седне во судските сали и чека некој друг да ја заврши работата место неа.

На прв поглед изгледа дека Владата нема концепт како да го истурка процесот со уставните измени, но многу поверојатно е дека тој не може да се заврши онака како што бил замислен поради постојаните нови барања за концесии на оние што треба да кренат рака. Голем дел од јавноста мисли дека ваквите уценувања, со кои правната држава треба да биде клекната на колена (без оглед на големата цел за членство во НАТО и ЕУ), не треба да се прифатат затоа што последиците ќе бидат и долги и трауматични. На тој став ретко кој би му дал забелешка. А, особено не оние што долго маршираа по скопските улици барајќи правда и мир и што импресиите за 27 април и грутката од крвавите сцени уште им стои во грлото. Тие се чувствуваат измамени од ова салто мортале на политиката. Во таа разочараност тие го поставуваат знакот на еднаквост меѓу политичарите. Тоа поистоветување е најлошата перцепција за политичките актери.

Помалиот дел од јавноста е подготвен да замижи во овие денови на хаосот и да дочека да заврши целиот процес без оглед колку чини, а после да го даде својот суд кога ќе дојдат изборите. Тоа изгледа поспокојно за нив, исто како што изгледаше поспокојно кога не излегоа на референдумот, чекајќи некој друг во нивно име да ја заврши работата со гласањето. Но, и кога ти се затворени очите ги слушаш звуците на тој атонален хаос што треба да произведе некаква мелодија.

Зоран Заев вели дека е подготвен на политичка жртва само да го истурка до крај процесот со Преспанскиот договор. Прашањето не е дали таа жртва ќе биде прифатена, туку дали таа поединечна жртва е доволно голема да ги супституира сите овие работи што се случуваат. Најлошото за него е ако јавноста најпосле таа жртва ја прифати како олеснување, а не како гамбит со кој се добива партија. Јасно е дека Заев овие еден-два месеци оди по острицата на бричот – внимава ем да не се исече ем да не падне.

Којзнае, можеби целата работа ќе се заврши со 80 кренати раце во Собранието (или некоја плус повеќе), па после сите ќе можат да здивнат, а потоа да се привикнуваат на „Северна“. А, тогаш општеството многу повеќе да се сврти кон другите големи проблеми. Но изгледа на секој од нас ќе му треба кристална топка (вклучувајќи го и Заев) за да види како ќе се развиваат настаните до 15 јануари, какви сè не измени во закони може да стигнат, какви сè не нови услови може да стигнат од осумтемина, а и некои други, и за каков нов компромис е подготвена Владата само за да стигне до целта. Уште се додаваат нови ставки во цената, прашање е дали таа ќе биде толку голема што може да го потоне општеството.