Да не се каеме како Британците


Александра М. Митевска

Не помина ниту една година кога голем процент Британци зажалија за одлуката што ја донесоа кон средината на 2016 година за отцепување од Европската Унија. Анкетите што се правеа потоа покажаа дека процентот на оние што се каат за изборот што го направиле е поголем од бројката на оние што ја одобруваат одлуката што беше донесена. Во еуфоријата на „Брегзитот“, тој сооднос беше обратнопропорционален.

Сега се бројат месеци до официјалната разделба на Велика Британија од ЕУ. И додека се чека разрешницата од преговорите меѓу владата во Лондон и Европската комисија во Брисел за уредувањето на односите по „разводот“, главна сатисфакција за Британците е падот на доселувањата од земјите членки на ЕУ, а наспроти неизвесноста во која влегува британската економија со излегувањето од единствениот европски пазар и царинската унија.

Еден друг вид неизвесност што владее деновиве во постреферендумска Македонија ја наметнува споредбата со британскиот референдум од пред две години. Всушност, преамбициозно, па и претенциозно е да се повлекуваат паралели меѓу Македонија и Британија. Нашата земја нема ниту популација, ниту позиција и моќ, ниту ресурси… како што имаат Британците, освен ако како допирна точка се сметаат двата референдуми – оној на кој Британците решија да ја напуштат Унијата, наспроти тој на кој Македонците не излегоа во доволен број за да ја поддржат одлуката што во догледна иднина ќе значеше влез на земјата во европскиот клуб. А тоа беше дестинацијата за која огромно мнозинство граѓани на оваа држава сонуваа цели 27 години.

Но за политичките сили во Македонија има сè уште време и простор да направат нешто за да не се дојде во ситуација кога мнозинство граѓани ќе зажалат што на 30 септември 2018 година не излегоа на гласање. Тоа важи особено за оние што останаа дома – не поради политичка апатија или неутралност или поради тоа што на критичниот датум не беа во земјава, туку затоа што се поведоа по бојкотирачките пораки и активности на дел од опозициските политички сили.

Дел од нив можеби ќе се свестат по извесно време дека е најмалку важно дали референдумската одлука е лоша за СДСМ или е добра за ВМРО-ДПМНЕ. Туку дека е најважно тоа дека една таква одлука значи влезница во нова етапа на политичка нестабилност и ја става во пат-позиција државата, која првпат, по неколку години стагнација, зачекори посигурно и со поголема динамика на патот кон Брисел.

Политичките фактори од кои зависи сега разврската на референдумскиот јазол треба да се свесни дека колку е помала и понестабилна една држава и нејзиното опкружување толку поголемо може да биде каењето за пропуштените шанси и за неостварените идеали. А ако се случи тоа, граѓаните еден ден во не толку далечна иднина да зажалат за својата демотивираност да излезат на референдумот, тогаш јасно е дека најголема казна ќе претрпат оние политички сили кои сега божем славата победа поради недоволниот одѕив на референдумот.

Победата и поразот, всушност, се релативни работи кога е во прашање неодамнешното плебисцитарно изјаснување во земјава, ако се имаат предвид неговиот советодавен карактер – наспроти високиот цензус предвиден за референдум кој е задолжителен; и огромната поддршка за референдумското прашање, која, хипотетички, можеше да биде и помала во случај на повисок одѕив…

Затоа, наместо да се слави „длабоката неуспешност на референдумот“, покорисно би било да се слушнат пораките за охрабрување што доаѓаат од НАТО, ЕУ, САД… и од речиси целата меѓународна заедница, а во насока на поздравување на јасно изразената волја на активните гласачи за прифаќање на договорот со Грција – како можност за деблокада на евроатлантските перспективи во државата. Тоа се пораки што јасно укажуваат дека ако клучните политички играчи не ја сфатат сериозноста на моментот и не ги впрегнат сите свои потенцијали во спасување на она што може да се спаси од аспект на референдумските резултати, тогаш следува нова блокада на сите перспективи на државата. За тоа некој, секако, ќе мора да понесе политичка одговорност, ако не на брзите предвремени парламентарни избори што чукаат на врата, тогаш на некои следни избори – во догледно време отсега. Но политичката одговорност ќе биде несразмерно помала од последиците за државата.