Будимпешта, сепак, им е поблиску од Брисел


Александра М. Митевска

Како и да заврши политичкиот серијал со уставните измени и кој и да го овозможи квалификуваното мнозинство за нивно донесување, ќе остане меморирано дека дел од главните политички фактори во Македонија во клучни моменти се ставија во улога на кочничари на исполнувањето на стратешките цели на државата. Каков и да биде исходот од оваа фаза од спроведувањето на преспанскиот договор, ќе остане забележано дека на дел од народните избраници и нивните партиски лидери, во критични моменти за државата, им беше поважно да се прикажат како наводни бранители на национални каузи, во обид да обезбедат лична или партиска корист на сметка на евроатлантските перспективи на земјата.
Токму тие во некоја не многу далечна иднина, кога веќе нема да ја имаат одлучувачката улога во своите партиски јата или во законодавниот дом, на нивните политички табори ќе им ги остават во наследство хипотеките на деструктивност, кратковидост и немање политичко чувство и волја да се даде придонес за остварување на државните интереси, без притоа да се очекува нешто ситно и лично за возврат. И сите тие во овие мошне сензитивни и деликатни политички мигови го подгреваат впечатокот дека за дел од политичките сили во земјава Будимпешта и натаму е многу поблиска дестинација од Брисел – не само во буквална смисла на зборот, изразено преку километри, туку и од идеолошки и ментален аспект.
Во таква неславна улога последна се стави Беса – партијата што голем број гласачи Албанци во 2016 година ја препознаа како свежа политичка сила и алтернатива за дотогаш неприкосновената ДУИ и истрошената ДПА. Но Беса мошне бргу го потроши кредитот од тогашните избори, за што секако придонесоа и сè поочигледните кокетирања со ВМРО-ДПМНЕ, поради што, веројатно, дојде и до расцеп во партијата, односно нејзиното влегување со една нога во власта. Затоа не може да се каже дека се неочекувани сопките што ги постави Билал Касами во финалето од процесот на уставните измени. Тој можеби ќе го направеше тоа уште за време на референдумот, доколку сметаше дека би можел да влијае на своите поддржувачи да не излезат на гласање. Но веројатно го спречи фактот дека за етничките Албанци членството во ЕУ, а пред сè во НАТО, има посебно значење.
И првичното гласање за пристапување кон уставни измени, очигледно, претставуваше само уште еден маневар за „тетовската“ Беса, која на крајот си ги покажа своите вистински намери, неуспешно прикривајќи ги зад наводните етнички барања во последната фаза од постапката. Како ДУИ, ДПА, па и Алијансата за Албанците и „скопската“ Беса да не можеа да стокмат некој таков, па и поригорозен пакет со услови – во период кога е од круцијално значење да се спроведе преспанскиот договор, а не да се отвора Пандорина кутија со какви било други барања што немаат многу допирни точки со спогодбата со Грција.
За иронијата да биде поголема, во меѓувреме, се погрижија и осумтемина од независната пратеничка група. Тие наеднаш покажаа загриженост за содржината на уставните амандмани, чија суштина првично ја ценеа низ призмата на амнестијата што ја извојуваа за себе или за свои блиски. Откако навреме се обезбедија дека нема да има одговорност за 27 април или за некои од случаите од „бомбите“, сега добија сила да го условуваат процесот со отфрлање на барањата на Беса. За волја на вистината, прашање е дали Беса ќе добиеше крила да уценува до последен момент, доколку не се почувствуваше обесправена поради тоа што, за разлика од осумтемина одметнати од ВМРО-ДПМНЕ, не извојува речиси никакви бенефиции од соработката во исполнувањето на преспанскиот договор.
После сè, всушност, бесмислено е да се пресметува штетата што му е нанесена на процесот на спроведување на преспанскиот договор со условувањата со амнестијата или со етнички барања. Вистината е дека пазарењата, најверојатно, немаше ни да стигнат до тој стадиум доколку ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија, со десетгодишен минат труд на „Илинденска“ и со сета одговорност што ја има за серијата погубни потези на нејзиното претходно раководство – во насока на назадување на земјата на патот кон Брисел, овој пат  го препознаеше моментот за враќање на Македонија на евроатлантскиот колосек и се вградеше во тој процес без непринципиелни условувања. Во таков случај, веројатно, немаше да дојде ни до расцепот во ВМРО-ДПМНЕ. Наспроти тоа, и ова партиско раководство избра политика на опструкции и блокади, на штета на стратешките цели на државата, но и на штета на имиџот на партијата, за која сега станува уште потешко да се промовира како проевропски ориентирана и да го поправи својот коалициски потенцијал, особено во однос на албанскиот политички камп.
И во овој случај, за иронијата да добие саркастични размери, од Унгарија или, како што би рекла Гордана Јанкулоска, од 800 километри оддалеченост се јави поранешниот премиер, сега азилант.

Никола Груевски, чии политики на антиквизација, на конфронтација со соседите, на селективна правда… ѝ ја донесоа на Македонија еднодецениската блокада на патот кон Брисел, се обрати од една од метрополите на ЕУ и на НАТО со порака до оние што ги остави на цедило во татковината, оценувајќи меѓудругото дека преспанскиот договор е чин на национално предавство. А да не се јавеше, можеби некои ќе беа сè уште убедени дека неговите наследници во „белата палата“ наивно веруваат дека со политиките на блокади го бранат името на државата, а не дека ги кочат евроатлантските процеси на земјата.