Бројката на обвинети во слободен пад


Амнестијата ги преполови обвинетите во судскиот процес што се води за упадот во Собранието на 27 април. Бројката на обвинети може дополнително да се намали ако пред божикните празници Апелацискиот суд одлучи да ги прифати жалбите на дел од обвинетите кои првично не добија амнестија. До петок треба да се знае конечно на колкумина обвинети ќе им биде подарена слобода, а колкумина ќе останат до крајот на судскиот процес и ќе чекаат пресудата на судијката Добрила Кацарска. Засега е сигурно дека петмина обвинети ќе ги слушнат завршните зборови на Обвинителството на 15 јануари, двајцата поранешни полициски функционери, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и Душко Лазаров, кој бил дежурен во оперативниот штаб на МВР, оперскиот пејач Игор Дурловски и обвинетите Игор Југ и Јане Ченто.

Според обвинението, припадниците на МВР, Чавков и Лазаров, задолжени за безбедноста во Собранието се ставиле во улога на заштитници на напаѓачите и не издале наредба за распоредување на специјални полициски сили. Оперскиот пејач Дурловски е во групата организатори на протестите „За заедничка Македонија“, кој влегол во пленарната сала во Собранието и со говори дополнително ја распалувал толпата. Јане Ченто, претседател на патриотско здружение од Прилеп, според обвинението, по повик на Александар Василевски-Нинџа, го мобилизирал членството за упад во Собранието, а Игор Југ имал задача да го ликвидира премиерот Зоран Заев. Законот за амнестија не ги опфаќа овие обвинети, освен Дурловски за кого можно е да има преквалификација на делото.

Откако Кривичен не ги амнестираше, одлуката на Апелација ја чекаат Горанчо Ангеловски-Ќосето, претседател на патриотско здружение од Велес, Горан Ѓошевски-Леви, телохранител на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, поранешниот припадник на Агенцијата за разузнавање, Мунир Пепиќ, Митко Пешов, кој имал сребрена команда и Александар Василевски-Нинџа. Засега од Апелација не откриваат колку точно жалби пристигнале до второстепениот суд. Нинџа, кој е обвинет дека ја мобилизирал толпата за да влезе во Собранието, во својата одбрана откри дека наредбите за упадот во Собрание доаѓале од осмиот кат на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Амнестија не доби ниту другарот на Нинџа, Никола Митревски-Кољо, кој со маска на главата беше на чело толпата која влегуваше во Собранието, ексначалникот на МВР, Оливер Поповски, Оливер Радулов и Сашо Марковски обвинети дека ги уништиле хард-дисковите од безбедносните снимки во Собранието. Кривичниот совет одлучи да не ги амнестира ниту Абдулфета Алими, кој на почетокот беше славен како херој кој го спаси пратеникот Зијадин Села, а сега е обвинет бидејќи како обезбедување во Собранието не дејствувал кога пратениците ги отвориле вратите.

Доколку не поднеле жалба или ако поднеле, а Апелацискиот суд не ја прифати, судскиот процес до крај ќе го следат и обвинетите Младен Додевски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски. Први на листата на амнестирани беа петмина пратеници – Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски, кои ги отворија собраниските врати и ја бодреа толпата да влезе.

Во првата тура амнестирани беа и Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, вработени во кабинетот на Вељаноски и организаторите на протестите Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски. Освен нив, амнестија добија и двајцата браќа Стефан и Михаил Младеновски кои влегоа маскирани во Собрание, но пред судот открија дека упадот го организирале структури од Управата за безбедност и контраразузнавања. Во истата група е и Захарие Симовски, кој влезе во Собрание со пиштол, но ја потврди тезата на браќата и двајца обвинети кои се во притвор, Илија Славевски и Митре Питроповски.

Неколку часа пред Нова година кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 амнестираше уште петмина осудени на условна затворска казна и тогашните обвинители ги гонеа за учество во толпа која ќе стори кривично дело. Пратениците го изгласаа Законот за амнестија, официјално како чин на помирување, а неофицијално за да се обезбедат гласови за уставните измени за да се имплементира договорот потпишан во Преспа за промена на името. Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека амнестијата не зависела од Обвинителството и останува на ставот дека обвинителката Вилма Русковска ќе постапува професионално до завршувањето на предметот.

„Доколку ова зависеше од мене и од обвинителот кој постапува по предметот, Вилма Русковска, тоа немаше да се случи. Меѓутоа ова е мој професионален став, а Собранието при донесувањето на Законот ценело други околности што мене не ми се познати. Обвинителството професионално ќе постапува до завршување на предметот. Но морам да укажам дека постапката за амнестија придонесе и за разјаснување на некои делови од настанот. Изјавите во судницата, на изненадување на многумина, укажаа на моменти од подготовка на случувањата на 27 април. Го разбирам разочарувањето на граѓаните и реакциите, но повторувам тоа е политичка одлука. Обвинителството е должно да го примени законот“, вели Јовески во интервју за МИА.

Јавноста уште ги чека резултатите од предистрагата што ја води Обвинителството за организаторите и нарачателите на упадот во Собрание, кои засега не се опфатени со Законот за амнестија.

Фросина Факова-Серафиновиќ