Амнестијата го „лансираше“ Дамовски во штаб на ВМРО-ДПМНЕ


Режисерот Борис Дамовски, кој не сакаше да чуе за милост за собраниските настани на 27 април за потоа да се пишмани, амнестијата го катапултираше од позиција на неутрален водач на протестите на „Заедничка Македонија“ во општински штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

Изминатиов викенд тој беше гостин на предновогодишен коктел на најголемата опозициска партија во Штип. Дамовски е фотографиран пред знамето од Кутлеш во познатата поза со крената рака и споени палец и показалец, што симболизира обединување на Македонија, заедно со членката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој доаѓа токму од Штип.

Како што е познато, заедно со Владимир Јовановски и ексчленот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Богдан Илиевски-Бетмен, Дамовски беше амнестиран, додека Игор Дурловски одби да побара амнестија.

Дали Дамовски сака да биде Бетмен, односно да влета триумфално во извршниот комитет на партијата, не е познато. Но во овој гест на човекот, чии зборови „Правда, не амнестија“, сè уште одѕвонуваат во јавниот етер, политичките набљудувачи препознаваат дека уметникот, сепак, покажува одредена амбиција за политички ангажман.

Кусата порака на Дамовски, откако стана јасно дека ќе добие амнестија, „МК политичка елита: Опортуњари“, или фејсбук-статусот во кој зборува за „медиумски загари хранети во јаслите на полит-енџиовските и кримо-тајкунските интереси, деновиве најпопалени околу новоговорната флоскула ‘говор на омраза’“, кои „со закон сакаат да си ги покријат слабоумните продадени газиња од зраците на освестениот збор и реалната слобода на умот, кутри бевте, сте и ќе бидете, џуџести примати“, според нив, покажува дека амнестијата во својата суштина не содржи помирување и дека дел од амнестираните ќе продолжат да работат на палење на општествената атмосфера.

Во јавноста се слуша повик секој што е амнестиран да не смее да се занимава со политика и да не смее да има јавна функција.

„Ако некому му е простено, тој треба да биде благодарен за тоа, а не да се гордее со она за што добил простување. Конечно, сите обвинети самите потпишаа барање за амнестија признавајќи дека секој на свој начин ги прекршил законите и затоа потпаднал под законот кој ги ослободува“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Тој нагласува дека во моментов никој и со ништо не може да му забрани на Дамовски, кој не е правосилно осудено лице, да се занимава со што сака, па и со политика.

„Но се согласувам со идејата во знак на помирување, а следствено на Законот за амнестија, парламентарната комисија која ја донесе таа регулатива да размисли и за законско решение со кое ќе им биде забрането на амнестираните да се занимаваат со политика или да бидат носители на јавни функции. Тоа е сосема легитимно барање. Вака добиваме ситуација одредени лица да се перчат со тоа што го направија и во блиска иднина евентуално да ќарат од тоа во градењето на сопствените кариери“, коментира Муслиу за случајот со Дамовски. За него обвинителката Вилма Русковска сметаше дека заедно со Илиевски, Дурловски и Јовановски не ги исполнуваат условите за да бараат амнестија.

Немањето соодветни законски регулативи овозможи во собраниските клупи да седи Јохан Тарчуловски кој во 2005 година беше осуден од Хашкиот трибунал на 12 години затвор за повреди на законите и обичаите во војувањето во конфликтот 2001 година, а 13 години подоцна така рехабилитиран побара амнестија за 27 април. Парламентарец своевремено беше и Хисен Џемаили, еден од обвинетите за четирите хашки случаи, кои, исто така, завршија со Закон за амнестија донесен од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Праведноста, додаваат познавачите, не е само работа на правосудството, односно институционалните структури со која таа може да се осигура. Правдата зависи и од тоа имаме или не – како поединци, но и како општество – развиено чувство за правда и праведност. Сепак, тие се скептични дека може во скоро време да направиме нешто на што не сме обврзани со закон, ако држиме до тоа дека е морално и праведно. Политиката и партиите, нагласуваат, е речиси осудена на игнорирање на моралот – и таа е главно борба за моќ. Но, според нив, отсуствува и посилен притисок од јавноста во тој дел. (Н.К.)