Ќе се градат зелени ѕидови од дрвја околу градинки и школи

Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ ќе биде поврзан на мрежата за парно греење, а системот за затоплување на мазут ќе може да го испрати во историјата. Зградата во центарот на Скопје, во која живеат речиси 500 студенти од внатрешноста, е голем загадувач кој троши околу 230 тони мазут во зимските месеци за да ги загрее просториите, информираше вчера заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули на отворениот ден за иницијативи на граѓански организации за план за чист воздух за 2019 година што се одржа во Владата.

Планот предвидува повеќе мерки, а меѓу првите што ќе се реализираат се и изградбата на зелени ѕидови од дрвја, кои ќе ги одвојат градинките и основните училишта кои се изложени на сообраќајници од влијанијата на издувните гасови. Зелен ѕид, кој ќе го проектираат студенти на Земјоделскиот и Шумарскиот факултет, ќе го одвои и Клиничкиот центар од улицата „Водњанска“.

Активностите, најави Макрадули, ќе започнат да се реализираат веднаш по донесувањето на планот, уште овој месец. Тие не само што ќе придонесат за заштита од загадувањето туку имаат и економски бенефит, односно ќе го штедат и буџетот. Макрадули најави и продолжување на мерките со кои ќе им се помогне на сиромашните семејства да престанат да бидат загадувачи на воздухот.

„Целта ни е да стигнеме до што повеќе домаќинства што не загадуваат. Граѓаните не сакаат да бидат загадувачи, но условите ги тераат на тоа и затоа Владата мора да им понуди алтернатива преку мерките за директно справување со загадувањето на воздухот. Така, субвенциите за замена на печките во домаќинствата од годинава нема да функционираат преку принципот ‘прв дојден прв услужен’, туку главен критериум ќе биде висината на примањата во домаќинството. Една е мерките во оваа насока е и поврзувањето на станбените згради на системот на парно греење“, посочи Макрадули.

Една од клучните новини што ќе треба да се реализира со промената на Законот за животна средина е и забраната за користењето на јагленот како средство за затоплување. Само во Скопје, посочи Ана Чоловиќ-Лешоска од невладината организација „Еко Свест“, има околу 700 домаќинства кои се греат на јаглен. Во останатите градови од земјата има повеќе.

„Нема брзи решенија во екологијата и јасно е дека мора интензивно да се работи, можеби и повеќе од 15 години, и тоа во сите сектори истовремено. Добро е што конечно се работи на искоренување на енергетската сиромаштија. Планот навистина ги таргетира тие семејства што не ја избрале состојбата во која се наоѓаат туку не можат да ја променат. За поздрав се мерките за замена на старите печки, како и отфрлањето на јагленот, но сметам дека треба да се оди и чекор напред и да се размислува и за забрана на користење на дрвото како енергент во урбани средини“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Покрај помошта за домаќинствата, треба да се субвенционираат и фирмите да преминат на поеколошки горива, предложи Антонио Јовановски од невладината „Гоу грин“.

„Кај нас, 99,8 отсто од фирмите се микро, мали и средни и тие се и најголем вработувач. Затоа треба да им се помогне да воведат еколошки практики и да воведат нови енергенти и да не добиваат веднаш казни туку период за приспособување“, вели Јовановски.

Никола Наумовски од Градот Скопје ги презентираше проектите за набавка на 40 екоавтобуси на гас, субвенциите за велосипеди и тротинети, за печки на пелети, како и обуките за оџачари. Наумовски најави дека годинава Малиот ринг во центарот на Скопје, кој беше најголема жртва на проектот „Скопје 2014“, ќе добие два нови парка, зад зградата на Филхармонијата и на покривот на ГТЦ.

Сања Наумовска